Пензионери во Хрватска: Живот под прагот на сиромаштија
12 октомври 2023„Да не ми помага син ми, со пензијата би ги платила режиските трошоци, би купила нешто ситно во аптека, малку брашно и јајца“, вели за ДВ Леа Думанчиќ, пензионерка од Пула, чија месечна пензија изнесува само 240 евра. Таа има инвалидска пензија и припаѓа на оној широк круг на пензионери во Хрватска, кои се во зоната на сиромаштија поради прениските примања.
Се пишува за пензии, но никаде не ги спомнуваат пензионерите што земаат инвалидски пензии, вели таа и прашува: „Зарем ќе нѐ еутанизираат?“
„Доколку имате инвалидска пензија и некоја комисија ја одобрила, би било добро да добиваме и инвалиднина“ , вели оваа пензионерка која на секои три месеци добива по 77 евра помош од градот Пула. Ако, вели, влеговме во Европската унија и имаме повисоки цени отколку во Унијата, „нека се изедначат платите и пензиите“.
„Ме убива тоа што поради мојата здравствена состојба секој месец треба да трошам по 500 куни за витамини и минерали во аптека. Од каде овие пари?“, прашува таа. Малите приходи си го направија своето: сѐ поретко се дружи со луѓето затоа што не може да им возврати за кафе или некоја друга услуга. Верува дека 500 евра се минимумот со кој некој би можел да преживее. „Не може секој да има исти пензии, но може да се најдат ваучери за аптека и за лекови, ако се има волја“, смета нашата соговорничка. Најавеното зголемување на пензиите за 8,42 отсто од септември не ѝ значи многу.
Кога на пес ќе му фрлиш коска
По четири децении работа во болничка лабораторија во Хрватска, госпоѓата Штефица заминала во пензија, која изнесува 440 евра. Откако ќе плати комуналии, за секој ден ѝ остануваат едвај по 10 евра „за живот“.
„Не се сеќавам кога последен пат сум купила бивтек“, вели таа. Кога е потребно, децата ѝ помагаат, а помош ѝ е постојано потребна. Последното усогласување на пензиите од 8,42 отсто ѝ донело точно 36 евра, за разлика од пензионираните пратеници чии примања се зголемуваат за над 130 евра, иако потрошувачката кошничка ги покачува цените за сите за исто, а не за процент. За најавената 13-та пензија, Штефица вели дека тоа е „како да му фрлиш коска на куче, па да му кажеш 'сега малку молчи'!“
Ова се два примери како денес живеат голем број пензионери во Хрватска. Иако секое зголемување на и онака малите пензии, па и споменатите 8,42 отсто, кои се применуваат од септември, е добредојдено, во политичката платформа „Пензионерите заедно“ не се задоволни. Велат дека со ова требало да се поништи негативниот ефект од инфлацијата, односно енормното зголемување на цените, особено на прехранбените производи.
Односот на пензионери и вработени е 1:1,3
Односот на пензионери и на вработените во Хрватска е практично еднаков: за 1,2 милиони пензионери има 1,6 милиони вработени, значи 1 спрема 1,3. Големото мнозинство од нив веќе живеат многу лошо. Шпика предупредува дека повеќе од две третини, односно 800.000 пензионери, добиваат пензија која е практично под прагот на сиромаштија, додека просечната пензија е нешто повеќе од 410 евра.
„Како од 1999 година се менуваше и начинот на пресметување на пензиите, кој дотогаш се базираше на приходи од 10 поповолни години, поради што просечната пензија изнесуваше околу 70 отсто од просечната плата, така сега со новата формула што ја зема предвид заработката во текот на целиот работен век со ниските моментални вредности на пензијата за годината на стаж, просечната пензија е доведена на околу 36 отсто од просечната плата (која во Хрватска во јули изнесуваше 1.141 евро нето)“, потсетува Шпика.
Фризирање и замаглување
Во оваа политичка платформа предлагаат нов начин на пресметување на пензијата врз основа на 75-80 отсто од нето платата во 10-те најдобри години, со 41 година стаж и 60-65 години живот, што е многу блиску до начинот на пресметка кој беше на сила до 1999 година. Предлагаат и утврдување на минималната вредност на пензијата за секоја година стаж, со која би се определила најмала можна пензија за 41 година стаж, односно 60-65 години живот. Тие бараат и пензијата за 30 години стаж да не може да биде под прагот на сиромаштија (околу 500 евра), што, како што тврдат, во моментов мачи повеќе од 750.000 пензионери.
Лучо Павлетиќ, претседател на Сојузот на пензионери во Пула, за ДВ вели дека поради фактот што пензијата во однос на просечната плата е само 35 до 36 отсто, Хрватска е на задниот дел од Европската унија, па кога властите велат дека нешто е поправено, значи „фризирање, разубавување, пренасочување“. „Секое зголемување е добредојдено, но бидејќи тоа не ја следи инфлацијата, тогаш тоа е само заматување“, заклучува Лучо Павлетиќ.